text size
„Корвив“ (CoreWeave Inc.) ја ублажи загриженоста за својот бизнис оптоварен со долгови при објавувањето на кварталниот извештај, од кој многу зависеше. Компанијата посочи дека растот на продажбата останува силен и покрај предизвиците со кои се соочува индустријата на центрите за податоци.
Компанијата, која обезбедува компјутерски капацитети за ВИ, прогнозираше приходи од 13 милијарди до 13,3 милијарди долари годинава. Со тоа ја надмина горната граница од 13,2 милијарди долари од претходната прогноза и значително ги надмина 12,9-те милијарди долари што ги предвидуваше Волстрит.
Bloomberg
Акциите на „Корвив“ пораснаа за околу шест отсто во тргувањето по затворањето на берзата во вторникот. До крајот на редовното тргување, тие беа во пад од 32 отсто од почетокот на годинава.
Прочитај повеќе
Финансирањето на ВИ-бумот станува сè потешко
Финансискиот притисок врз „Корвив“ го отвори прашањето колку долго компаниите за вештачка интелигенција ќе можат да го финансираат својот експанзивен раст.
18.10.2026
Падот на една ВИ-акција го открива судирот меѓу стравот и алчноста
Стравувањата од скапото задолжување ги поделија инвеститорите. Додека едни предупредуваат на финансиски ризици, други гледаат можност за профит.
16.10.2026
„Антропик“ со спектакуларно ИПО цели кон вредност од 1,4 билиони долари
Создавачот на четботот „Клод“ поднесе документација за иницијална јавна понуда на акции, со која планира да прибере десетици милијарди долари и да стане првата водечка лабораторија за вештачка интелигенција на берза.
пред 16 часа
Секс, чипови и вештачка интелигенција: Како Кина дојде до тајните на „Енвидија“
Андреј Рупник, поранешен директор на СОВА појаснува дека „медената стапица е метод што често го користат руските и кинеските разузнавачи.“
пред 18 часа
Градителите на податочни центри ги чека шок со каматите во 2027
Градителите на податочни центри може да се соочат со значително повисоки трошоци за позајмување кога ќе доспеат милијарди долари долг во наредните месеци
09.11.2026
Прогнозата донесе извесно олеснување за неоклауд-индустријата, која е под силен притисок и им обезбедува компјутерски капацитети на развивачите на ВИ. Иако компанијата склучува договори со нови клиенти и ја проширува инфраструктурата, брзото трошење и големиот долг ги загрижуваат инвеститорите.
„Ако ‘Корвив’ успее да остварува вакви резултати неколку квартали по ред, таа загриженост би се намалила“, напиша во белешка Брајан Малбери, главен пазарен стратег во „Закс инвестмент“ (Zacks Investment Management).
Загриженоста околу „Корвив“ растеше во последните недели. Минатиот месец, еден од соосновачите на „Корвив“ ги вознемири инвеститорите во должнички хартии од вредност и акции кога ги опиша плановите на компанијата за задолжување. Отпорот кон центрите за податоци дополнително ги влоши проблемите, а новоизбраните американски политичари ветија дека ќе ги забават или блокираат проектите.
Продажбата во третиот квартал порасна на 3,66 милијарди долари, објави „Корвив“, надминувајќи ја процената на аналитичарите од 3,56 милијарди долари. Загубата на компанијата изнесуваше 1,27 долари по акција, наспроти прогнозираните 1,46 долари по акција.
Компанијата соопшти и дека вредноста на договорените, но сè уште нереализирани нарачки, показател за идната продажба што внимателно се следи, на крајот од кварталот изнесувала 132,5 милијарди долари.
„Ова беше квартал на пресврт за ‘Корвив’“, изјави главниот извршен директор Мајкл Интратор. Тој додаде дека компанијата нема да се задолжува на пазарот на необезбеден долг при сегашните каматни стапки и дека бизнисот се потпира на повеќе извори на финансирање.
Сепак, слабостите остануваат, рече Гил Лурија, аналитичар во „Д.А. Дејвидсон“ (D.A. Davidson), во интервју за телевизијата „Блумберг“ (Bloomberg Television).
„Нивните расходи за камати се многу повисоки од приспособената оперативна добивка. Тоа покажува дека заработката од овие центри за податоци е недоволна за отплата на долгот што го натрупуваат“, рече тој. „Бизнисот има структурни проблеми и затоа е под толкав притисок.“
Интратор ги призна превирањата околу компанијата. „Се менуваше начинот на кој се зборуваше за нас, расположението се менуваше, а луѓето внимателно ја преиспитуваа изградбата на инфраструктурата за ВИ“, напиша тој во објава на блог. „Нашите најнови резултати покажуваат дека бизнисот работи како што треба, со брзо темпо и со клиенти што и натаму нè избираат.“
Тој истакна и дека оперативната добивка расте многу побрзо од расходите за камати. Компанијата е на пат да оствари нето-добивка во 2028 година, рече тој.
„Корвив“ очекува во „наредните недели“ да договори уште еден орочен заем со одложено повлекување на средствата. Компанијата очекува заемот да добие кредитен рејтинг од инвестициска класа, што ќе ѝ овозможи поевтино задолжување и пристап до поголем обем на капитал.
Компанијата сè повеќе се потпира и на авансни уплати од клиентите како замена за дополнително задолжување. „Секогаш се поставува прашањето кој е најефикасниот начин за прибирање средства“, рече Интратор во интервју.
„Корвив“, со седиште во Ливингстон, Њу Џерси, им обезбедува услуги на клиенти како „Опен еј-ај“ (OpenAI), „Мета“ (Meta Platforms Inc.) и „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.). Компанијата позајми десетици милијарди долари и троши големи суми на чипови за ВИ и центри за податоци за да ја задоволи побарувачката. За да ја зголеми продажбата, компанијата воведува нови услуги и се шири во Азија.
Но изборите во САД на средината од претседателскиот мандат, кои во голема мера ги доведоа демократите на власт, предизвикаа нова загриженост за одржливоста на бумот на ВИ. Гласачите речиси едногласно гласаа против центрите за податоци и избраа функционери што гласно се противеа на проектите.
Новоизбраната гувернерка на Тексас, Џина Хинохоса, повика на итен мораториум на изградбата на центри за податоци. „Корвив“ ѝ испрати писмо на Хинохоса во кое предложи соработка за ова прашање.
Bloomberg
Уште пред изборите растеше загриженоста дека побарувачката ќе забави. „Мајкрософт“, на кој некогаш отпаѓаше најголемиот дел од приходите на „Корвив“, соопшти дека троши помалку за капитални инвестиции поради доцнења кај неоклауд-компании чии имиња не ги наведе.
„Мајкрософт“ придонесе за бумот на неоклауд-индустријата со склучување договори вредни десетици милијарди долари со нови оператори на центри за податоци. Сега го засилува надзорот врз некои проекти и се повлекува од други што ги смета за премногу ризични.
„Корвив“ има и блиски врски со „Енвидија“ (Nvidia Corp.), која е клучен добавувач и инвеститор. Главниот извршен директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг, се најде во фокусот на истрага за тоа дали бил цел на кинески шпион.
Хуанг е еден од најголемите поддржувачи на „Корвив“. Минатиот месец тој рече дека финансиската состојба на компанијата „се подобрува секој ден“.