ВИ-стартапот „Перплексити“ (Perplexity) поднел формална понуда за купување на прелистувачот Хром (Chrome) на „Гугл“ (Google) во вредност од 34,5 милијарди долари, дрзок потег на кој би бил подготвен ако во рамките на антимонополска постапка во САД му биде наложено на „Гугл“ да го продаде.
Неочекуваната понуда, која „Перплексити“ планира да ја финансира со помош на надворешни инвеститори, била испратена до „Гугл“ во вторникот наутро, соопшти портпарол на компанијата. Таа доаѓа кратко откако конкурентниот ВИ-стартап „Опен еј-ај“ (OpenAI) исто така изрази интерес за купување на Хром, кој заедно со софтверот со отворен код Хромиум (Chromium) претставува главен начин за пристап до интернет на персонални компјутери.
„Гугл“ одбил да коментира. Компанијата соопштила дека ќе ја обжали судската одлука со која е прогласена за виновна за незаконско монополизирање на пазарот за интернет-пребарување - процес што може да го одложи спроведувањето на мерките со месеци или дури со години. Доколку судот наложи продажба на Хром, „Гугл“ и тоа ќе го оспори. Наместо продажба, компанијата предлага помалку драстични мерки, како измена на договорите со Епл (Apple), Мозила (Mozilla) и Андроид (Android) за стандардно пребарување, со цел да се отвори пазарот за поголема конкуренција.
Прочитај повеќе

„Јаху“ е подготвен да го купи пребарувачот „Хром“, ако „Гугл“ биде принуден да го продаде
Цената на пребарувачот би можела да достигне десетици милијарди долари
27.04.2025

Зошто се бара од „Гугл“ да го продаде Хром - објаснување на целиот случај
Државните обвинители тврдеа дека „Гугл“, чиј пребарувач контролира речиси 90 отсто од онлајн пребарувањата, платил милијарди долари за да одржи монопол над пазарот.
20.11.2024

Накратко од светот: Министерството за правда на САД бара „Гугл“ да го продаде Хром
Од „Гугл“ ќе се бара да преземе и одредени мерки во врска со вештачката интелигенција и својот оперативен систем Андроид.
19.11.2024
Откако минатата година сојузен судија утврди дека „Гугл“ има незаконски монопол во интернет-пребарувањето, американската влада соопшти дека сака компанијата да го продаде прелистувачот Хром и да им лиценцира податоци од пребарувањето на конкурентите, меѓу другите предложени промени. Американскиот окружен судија Амит Мехта, кој го водеше случајот, се очекува во наредните денови да донесе одлука со мерки што ќе спречат компанијата да го монополизира пазарот за онлајн пребарување.
Стартапот „Перплексити“ со седиште во Сан Франциско, кој се обидува да привлече корисници од „Гугл“ нудејќи пребарување засновано на ВИ, на почетокот на годинава собра 100 милиони долари во рунда на финансирање што ја процени компанијата на 18 милијарди долари, објави „Блумберг њуз“ (Bloomberg News). Тоа го отвора прашањето како „Перплексити“ би можел да ја исполни понудата за купување на Хром.
„Неколку големи инвестициски фонда се согласија целосно да ја финансираат трансакцијата“, изјави главниот директор за бизнис-развој на „Перплексити“, Дмитри Шевеленко. Компанијата одби да ги именува фондовите.
Понудата на „Перплексити“ е премногу ниска и „не треба да се сфаќа сериозно“, вели аналитичарот Колин Себастијан од „Роберт В. Бајрд“ (Robert W. Baird & Co.), кој ја проценува вредноста на прелистувачот Хром на околу 100 милијарди долари. Според него, малку е веројатно судот да му наложи на „Гугл“ да го одвои Хром, бидејќи тоа би можело да им наштети на корисниците со полоши и помалку сигурни производи, а и технички е тешко да се одвои од другите услуги на „Гугл“. Тој смета дека целите на судот може да се постигнат и со други мерки.
Ова не е првпат „Перплексити“ да даде ваква понуда пред можни присилни промени. На почетокот на годинава, компанијата достави предлог до сопственикот на Тикток, „Бајтденс“ (ByteDance Ltd.), за спојување со американските операции на апликацијата и формирање нова компанија. Тикток се соочува со можност за забрана во САД ако не се постигне договор.
Полето на веб-прелистувачи повторно привлекува интерес, бидејќи ВИ-компаниите настојуваат да развијат агенти што ќе можат да извршуваат онлајн купување и други задачи за корисниците. „Перплексити“ соопшти дека се подготвува да лансира прелистувач наречен Комет (Comet), кој ќе вклучува ВИ-агент.
Компанијата додаде дека нема да прави никакви „тајни измени“ во Хром.
„Ова е дел од нашата посветеност на континуитет и избор за корисниците, а веројатно ќе се смета како придобивка во поглед на стабилноста и за ’Гугл’ и за неговите многубројни огласувачи“, напиша портпаролот.
Доколку понудата биде прифатена и договорот одобрен, „Перплексити“ најави дека во следните две години ќе инвестира 3 милијарди долари во Хром и Хромиум и „ќе му понуди ангажман на значителен дел од тимот што работи на Хром“. Компанијата додаде дека нејзината понуда до „Гугл“ не вклучува удел во „Перплексити“ за да се избегнат какви било антимонополски забелешки.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...