„Гугл“ (Google) на „Алфабет“ (Alphabet Inc.) ја загуби најголемата антимонополска битка со која се соочи летоска, кога американски судија утврди дека незаконски го монополизирал пазарот на пребарување. Сега се соочува со можноста резултатот да биде присилно раздвојување на компанијата.
Државните обвинители и Министерството за правда на САД изјавија дека размислуваат да побараат од судијата Амит Мехта да го принуди „Гугл“ да продаде делови од својот бизнис, што би било најголемото присилно раздвојување на американска компанија од распадот на AT&T во 1984 година. Мехта ќе го надгледува судењето закажано за април 2025 година за предложените мерки за незаконското монополизирање.
Мехта од Окружниот суд на САД за округот Колумбија утврди дека 26 милијарди долари во плаќања што „Гугл“ ги направил кон други компании за да го направи својот пребарувач стандардна опција на паметни телефони и веб-прелистувачи ефективно го блокирале секој друг конкурент да успее на пазарот. Одлуката на Мехта дојде по десетнеделно судење во 2023 година - прво за обвиненија за монополизација што ја спротивстави федералната влада против американска технолошка компанија во повеќе од две децении.
Прочитај повеќе
Накратко од светот: Министерството за правда на САД бара „Гугл“ да го продаде Хром
Од „Гугл“ ќе се бара да преземе и одредени мерки во врска со вештачката интелигенција и својот оперативен систем Андроид.
19.11.2024
„Гугл“ ја победи ЕУ по обвинението за монопол во онлајн рекламирањето
„Гугл“ ја доби судската битка со Европската Унија, водена поради казната од 1,5 милијарда евра и обвинувањата дека ја спречува конкуренцијата во секторот на онлајн рекламирањето.
18.09.2024
„Епл“ и „Гугл“ ги загубија судските спорови со ЕУ
Судот на правдата на ЕУ во Луксембург денеска пресуди против технолошките гиганти.
10.09.2024
Властите во САД размислуваат за расцепкување на „Гугл“ како антимонополска мерка
Необично решение за расцепкување на „Гугл“ (Google) на „Алфабет“ (Alphabet Inc.) е една од опциите што ги разгледува Министерството за правда.
14.08.2024
Случајот е една од неколкуте антимонополски акции против големите технолошки компании што ги спроведува администрацијата на претседателот Џо Бајден, кој ја направи промоцијата на конкуренцијата во трговијата централна за својата економска политика.
Што беше случајот против „Гугл“?
Министерството за правда и државните обвинители тврдеа дека „Гугл“, чиј пребарувач контролира речиси 90 отсто од онлајн пребарувањата, платил милијарди долари за да одржи монопол над пазарот на пребарување преку договори со технолошки ривали, производители на паметни телефони и безжични провајдери. Во замена за дел од приходите од рекламирање, тие компании, вклучувајќи ги „Епл“ (Apple Inc.) и „Самсунг“ (Samsung Electronics Co.), се согласија да го постават Гугл како стандардна опција на пребарувач во мобилните уреди. Договорите ги затвориле клучните пристапни точки, тврдеа тужителите, спречувајќи ги ривалските пребарувачи како „Дакдакго“ (DuckDuckGo) или „Бинг“ (Bing) на „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.) да го добијат обемот на податоци што им се потребни за да ги подобрат своите производи и да му конкурираат на „Гугл“.
Мехта утврди дека „Гугл“ незаконски го монополизирал пазарот за општи услуги за пребарување и рекламирање преку текст за пребарување - рекламите што се појавуваат на врвот на страницата со резултати од пребарувањето. „Дистрибутивните договори на ’Гугл’ затвораат значителен дел од пазарот на општи услуги за пребарување и ги нарушуваат можностите на ривалите да се натпреваруваат“, вели судијата. Како резултат на својот монопол, „Гугл“ може да ги зголеми цените за рекламирање преку текст без ограничување, утврди тој.
Што се случува сега?
Одлуката на Мехта се фокусираше само на тоа дали „Гугл“ ги прекршил антимонополските закони. Судењето закажано за април е наменето да се фокусира на тоа како да се поправи незаконското однесување на компанијата.
Во поднесок од 9 октомври, Министерството за правда најави дека размислува дали да предложи раздвојување на „Гугл“. Се очекува агенцијата да даде подетален предлог на 20 ноември.
Документот од 32 страници поставува рамка на потенцијални опции што судијата треба да ги разгледа, вклучувајќи го и присилувањето „Гугл“ да ги продаде оперативниот систем Андроид (Android) и Гугл плеј стор (Google Play Store) или веб-прелистувачот Хром; барање „Гугл“ да споделува повеќе податоци со конкурентите, како и забрана за ексклузивни договори.
Министерството за правда изјави дека исто така размислува за мерки за да се спречи „Гугл“ да ја користи својата доминација во пребарувањето за да добие нефер предност во производите за вештачка интелигенција.
Агенцијата и државите се договориле да препорачаат „Гугл“ да биде принуден да го продаде Хром ако другите напори за подобрување на пазарот не се успешни, објави „Блумберг“. Тие планираат да препорачаат „Гугл“ да биде обврзан да ги лиценцира и своите податоци за пребарување и резултатите за да им помогне на ривалите и на стартапите за вештачка интелигенција и да им даде на огласувачите повеќе информации и контрола врз тоа каде се појавуваат нивните реклами. Прелистувачот може да вреди до 20 милијарди долари.
Што рекоа од „Гугл?
„Гугл“ изјави дека планира да ја обжали одлуката на Мехта. Компанијата забележа дека одлуката на судијата наведува дека компанијата е „најдобриот пребарувач во САД“ и има „супериорен квалитет на производот“ поради своите инвестиции во иновации.
Иако компанијата признава дека плаќа за нејзиниот пребарувач да биде претходно инсталиран на мобилни телефони и прелистувачи, таа вели дека тие договори се безопасни, споредувајќи ги со договорите што ги прават компаниите за житарки со продавниците за прехранбени производи за примарен простор на полиците. Претставниците на „Гугл“ повеќепати изјавија дека конкуренцијата е само на „еден клик далеку“.
Што се антимонополски закони?
Тие се наменети за заштита на конкуренцијата во трговијата. Во САД не е незаконски да се биде голем и моќен; добивањето монополска позиција од супериорни производи или подобро управување се смета како награда за успех на пазарот. Сепак, незаконски е монопол да презема предаторски чекори за да ги спречи ривалите што можат да ја загрозат неговата доминација. Секој обид за незаконско одржување монопол е предмет на антимонополските органи и може да резултира со казни или со присилно раздвојување.
Кои други антимонополски случаи се водат против „Гугл“?
Предводени од Тексас, 16 држави плус Порторико го тужеа „Гугл“ во 2020 година, тврдејќи дека ја монополизира технологијата што стои зад онлајн рекламирањето. Судењето е закажано за март 2025 година.
Министерството за правда поднесе посебна антимонополска тужба против „Гугл“ за неговиот бизнис со рекламна технологија во јануари 2023 година. Тој случај отиде на судење во септември 2024 година, а завршните аргументи се закажани за 25 ноември.
Федерална порота утврди дека „Гугл“ незаконски се обидел да одржи монопол над дистрибуцијата на апликации преку својата продавница Гугл плеј (Google Play) на мобилните уреди. Судија нареди компанијата да ги укине ограничувањата што ги спречуваат програмерите да постават ривалски системи за наплата што се натпреваруваат со нејзината продавница Гугл плеј. „Гугл“ планира да поднесе жалба.
Триесет и шест државни обвинители го тужеа „Гугл“ во јули 2021 година, тврдејќи дека незаконски ја злоупотребил својата моќ над продажбата и дистрибуцијата на апликации преку продавницата Гугл плеј на мобилните уреди. „Гугл“ привремено го реши тој случај со 700 милиони долари, но федерален судија сè уште не го одобрил договорот поради загриженост дека не го решава наводното антиконкурентско однесување.
Каде уште се под лупа деловните практики на „Гугл“?
Главно во Европа. Од 2010 година, кога Европската комисија ја доби првата формална жалба против конкурентските практики на „Гугл“, компанијата доби три казни во вкупен износ од повеќе од 8 милијарди евра. „Гугл“ продолжува да се бори против тие казни, вклучувајќи ја и историската казна од 4,34 милијарди евра за начинот на кој го управува својот мобилен оперативен систем Андроид. Во јуни ЕУ поднесе дополнителни обвиненија против „Гугл“, обвинувајќи го дека го фаворизира својот бизнис со рекламна технологија на штета на ривалите, огласувачите и онлајн издавачите, и му нареди да го продаде целиот оддел.
Во март Законот за дигитални пазари на ЕУ стапи во сила за „Гугл“ и другите означени „чувари на портите“ во онлајн економијата. Според законот, тие нема да смеат да ги фаворизираат своите услуги пред оние на ривалите на нивните платформи, ќе им биде забрането да комбинираат лични податоци низ нивните различни услуги и ќе им биде забрането да ги користат податоците што ги собираат од трети трговци за да се натпреваруваат против нив. Европската комисија, извршниот орган на ЕУ, отвори истрага за тоа дали „Гугл“ ги почитува новите правила во врска со својата продавница за апликации и пребарувачот.
Кои други антимонополски случаи ги води администрацијата на Бајден?
Администрацијата на Бајден го забрза антимонополскиот притисок што започна под тогашниот претседател Доналд Трамп. Во последните месеци од администрацијата на Трамп, Министерството за правда ја поднесе првата тужба против „Гугл“, а Федералната комисија за трговија (ФТЦ) поднесе тужба против Фејсбук, обвинувајќи го дека незаконски одржува монопол над социјалното вмрежување делумно со купување на ривалите Инстаграм (Instagram) и Ватсап (WhatsApp); ФТЦ бара раздвојување на матичната компанија на Фејсбук, сега позната како „Мета“ (Meta Platforms Inc).
Тие акции, продолжени од официјалните лица на Бајден, се најголемите антимонополски потези против технолошките гиганти откако САД го тужеа „Мајкрософт“ во 1990-тите, што доведе до конечен договор во кој компанијата ограничи некои деловни практики.
Минатата година ФТЦ го тужеше „Амазон“ (Amazon.com Inc.) за монополизирање на услугите на онлајн пазарот со деградирање на квалитетот за купувачите и преплатување на продавачите. Во март Министерството за правда поднесе тужба против „Епл“ за блокирање на ривалите од пристапот до хардверските и софтверските карактеристики на неговите популарни уреди.