Откако беше најавен уште во јуни, на конференцијата за програмери на „Епл“ (Apple), WWDC (Worldwide Developers Conference), конечно дојде денот за објавување на iOS 18 ширум светот. Според најавите, оперативниот систем носи многу подобрувања за ајфоните и нуди сосема нов начин за приспособување на изгледот на почетниот екран - што е првпат за „Епл“.
Ако сега чекате да ја добиете оваа голема бесплатна надградба, еве што треба да знаете, вклучувајќи ги и очекуваното време на објавување, целосниот список на компатибилни ајфони и дополнителните информации.
Кога ќе стигне iOS 18 на вашиот ајфон?
Прочитај повеќе
Највидлива новина во новиот ајфон е копчето за контрола на камерата
Најновите ајфони на „Епл“, кои беа промовирани синоќа, не се впечатливо различни од минатогодишните модели.
10.09.2024
„Ајфон 16“ се обидува да привлече купувачи со недовршена вештачка интелигенција
„Епл“ го претстави најновиот модел на својот водечки уред, „ајфон 16“.
10.09.2024
„Епл“ веќе потврди дека софтверот ќе биде лансиран денеска, 16 септември. Единственото што не го знаеме е точниот час, бидејќи производителот никогаш не открива кога точно ќе биде достапна надградбата за поддржаните уредите.
Гледајќи наназад на претходните ажурирања, се очекува iOS 18 да стане достапен за преземање од македонските корисници меѓу 20 и 21 часот, иако вреди да се напомене дека различни области можат да ја добијат оваа софтверска надградба во различни времиња за да се избегне преоптоварување на серверите на „Епл“... па, бидете трпеливи.
Ќе биде ли вашиот ајфон поддржан?
„Епл“ го нуди iOS 18 на повеќето современи уреди, како што се „ајфон 14“ (iPhone 14), „ајфон 12“ (iPhone 12) и „ајфон 11“ (iPhone 11). Сепак, дури и ако имате „ајфон 10с“ (iPhone XS) или „ајфон се“ (iPhone SE), ќе бидете послужени со најновото ажурирање.
Иако iOS 18 е компатибилен со сите овие телефони, новата технологија за вештачка интелигенција наречена „Епл интелиџенс“ (Apple Intelligence / AI), која ќе дојде како дел од дополнително ажурирање подоцна во текот на годинава, нема да функционира на телефоните освен ако ги имате новите ајфони од линијата 16 или, пак, „ајфон 15 про“ (iPhone 15 Pro). Подетално за „Епл интелиџенс“ прочитајте подолу.
Што е ново во iOS 18?
По инсталирањето, корисниците ќе можат да ги приспособат своите почетни екрани по свој вкус благодарение на подобрената персонализација. Ова е една од поголемите промени што „Епл“ некогаш ги вовел и ги прави ајфоните малку послични на андроид-телефоните, кои користат многу поотворен оперативен систем.
Сега ќе можете дури и да додадете уникатни бои на апликациите и да направите одредени апликации невидливи за дополнителна безбедност. Ќе можете и да преместите апликации на кое било место на екранот без да бидат ограничени на вообичаениот систем „грид“.
Покрај повеќето опции за уникатен изглед на вашиот уред, има и голем нов редизајн на „контролниот центар“ (Control Centre), со опција за создавање групи и приспособување на најчесто користените работи. „Епл“ вели дека редизајнот овозможува брз пристап до нови групи од најкористените контроли на корисникот, како што се репродукција на содржини, контроли за домот и конективност, како и способноста лесно да се преминува меѓу секоја од нив.
Корисниците во „контролниот центар“ за првпат ќе можат да додадат контроли од апликации на трети страни. Тоа значи дека ќе можете брзо да го отклучите вашиот автомобил или да започнете со снимање содржина за социјални мрежи - сè од едно место.
Друг плус е можноста да се додадат одредени контроли на екранот за заклучување (англ. lock screen), што ги прави побрзо достапни. На пример, можете да додадете функции како калкулатор, тајмер, темна тема или Шазам (Shazam) на дното на екранот, само со еден допир.
Другите промени во ова ажурирање вклучуваат нова верзија на апликацијата за фотографии (Photos), што го олеснува наоѓањето слики. Фотодатотеките автоматски се организирани на нов начин во апликацијата, а новите колекции ги прават омилените слики лесно достапни.
Има подобрени начини за праќање пораки до пријатели, вклучувајќи повеќе реакции и можност да се закажуваат пораки да бидат испратени во одредено време на денот или ноќта.
Во оваа верзија е додадена и нова апликација за лозинки, која ќе го направи вашиот пристап побезбеден, а прелистувачот Сафари (Safari) автоматски ќе открива релевантни информации на страницата и ќе ги истакнува додека прелистувате.
iOS 18 е исто така клучот за ослободување на потенцијалот на „Епл интелиџенс“, функција што за новите уреди ќе биде достапна подоцна годинава.
Што е „Епл интелиџенс“ (AI)?
„Епл интелиџенс“ ќе има способност да го уреди текстот на вашите мејлови за да изгледаат пољубезно или професионално, да ги приоритизира пораките за да ги видите најважните работи први, да ја сумира содржината на добиените мејлови за вас и дури да создаде уникатни емотикони - функција наречена Генмоџи (Genmoji) - кои можат да се додадат во вашите пораки.
„Епл“ исто така се пофали дека неговата интелигенција ќе може да го направи вашето дигитално секојдневие поедноставно со помош во брзо наоѓање работи.
На пример, ако вашите родители ви испратиле мејл за нивниот лет до дома, можете едноставно да го прашате целосно обновениот асистент Сири (Siri): „Во колку часот слетува авионот на моите“, а „Епл интелиџенс“ веднаш ќе го пронајде бројот на летот од оригиналната електронска пошта и ќе ви го прикаже времето на екранот. Потоа можете да поставите дополнително прашање, како: „Во колку часот треба да тргнам за да ги земам?“, па ајфонот ќе ви покаже каде треба да одите и колку време ќе трае патувањето.
Други бонус функции што ќе дојдат со „Епл интелиџенс“ вклучуваат можност за транскрибирање на аудиоснимки во текст, ретуширање и отстранување работи од фотографии со еден допир на екранот - преку алатката Клин ап (Clean Up) - па дури и создавање сосема уникатни слики само со внесување опис за тоа што сакате да видите.
„Епл“ наедно ја интегрира и популарната алатка ЧетГПТ (ChatGPT) во корисничкото искуствата, овозможувајќи им на корисниците да пристапат до нејзината експертиза - како и нејзините способности за разбирање слики и документи - без потреба да одат од една на друга апликација.
„Со задоволство може да го претставиме iOS 18. Тоа е огромно ажурирање со неверојатни функции, вклучувајќи нови нивоа на персонализација, редизајнирана апликација Photos и моќни начини за останување поврзан преку апликацијата Messages. Има многу придобивки за сите“, изјави Крег Федериги, потпретседател за софтверски инженеринг во „Епл“.
„Ова издание исто така означува почеток на неверојатно возбудлива нова ера за т.н. ’Епл интелиџенс’, која ќе испорача интуитивни, моќни и веднаш применливи функции, кои ќе го трансформираат ајфон-искуството, со приватноста како најважен приоритет. Нетрпеливи сме нашите корисници да го искусат тоа“.