Инфлацијата дојде до врвот или се доближи до него во изминативе месеци, при што нејзиниот годишен раст се намалува во Словенија, Хрватска и Србија, додека трендовите во Босна и Херцеговина и Македонија исто така укажуваат на слична динамика. Фокусот сега е повеќе на базичната инфлација (инфлација без храна и енергија), којашто е повеќе одраз на факторите на побарувачката со оглед на тоа што стапките на базичната инфлација веќе се приближија до еквивалентите на инфлацијата.
Разликата меѓу потрошувачките и цените на производителите останува негативна, што укажува на континуиран притисок врз профитните маржи на трговците на мало. И покрај неодамнешните неповолни временски услови во регионот, светските трендови продолжуваат да покажуваат пад на цените на храната бидејќи забавувањето на активноста и некои несакани ефекти од понудата (на пр. отворање на украинскиот извоз) се материјализираат во цените на земјоделството.
Аналитички тим на „Блумберг Адрија“ во наредниот период очекува пониски стапки на инфлација на годишно ниво, главно поради високите базни ефекти, антиинфлаторните програми на владите во регионот и општото слабеење на економската активност.
„Сè уште очекуваме инфлација над повеќегодишните просеци со оглед на долготрајните прелевачки ефекти врз елементите на базичната инфлација (категории кои се движени повеќе од факторите на побарувачката). Севкупно, гледаме натамошно зголемувања на каматните стапки на централните банки, што ќе заврши со повисоки каматни стапки на кредитите на приватниот сектор“, велат иод нашиот аналитички тим.
Владата на Словенија со ефективни мерки
Хармонизираниот индекс на потрошувачките цени или таканаречената HICP - инфлација во Словенија имаше раст од 11,5 проценти на годишно ниво во август 2022 година. Словенија забележа пад од рекордно високото ниво од 11,7 проценти во јули 2022 година. Како главна причина за падот на инфлацијата, аналитичарите на „Блумберг Адрија“ го наведуваат забавениот раст на цените на горивата за автомобили (+29,4 отсто во август наспроти +40,7 отсто во јули 2022 година, на годишно ниво).
Инфлацијата го достигна врвот во третиот квартал на 2022 година. Се очекува стапките на инфлација да паднат на крајот на годинава, главно благодарение на високите базни ефекти. Во август, очекувањата за потрошувачките цени во следните 12 месеци беа на најниско ниво од февруари 2022 година и значително пониски во споредба со историски високото ниво во март оваа година (78,5 поени).
ЕЦБ ги зголеми каматните стапки во септември за 75 процетни поени, што беше второ зголемување во 2022 година (првото беше за 50 процетни поени во јули), за да се бори против остриот пораст на цените, при што се очекува дополнително зголемување од 1,5 процентен поен во следните 6 месеци.
По спроведувањето на мерките за ублажување на поскапувањата во првата половина на 2022 година, во што најголем придонес имаше ослободувањето од надоместоците за пренос во електричната мрежа, словенечката Влада најави нов сет на мерки за септември, вклучително и намалување на данокот на додадена вредност за некои видови производи. како и ограничувања на цената на струјата и гасот за домаќинствата.
Што има во хрватскиот пакет мерки?
HICP - инфлацијата во Хрватска во август 2022 година изнесуваше 12,6 отсто на годишно ниво, што е пониско од рекордното ниво од 12,7 отсто еден месец претходно. Како и во Словенија, падот на инфлацијата дојде во услови на забавен раст на цените на горивото за автомобили, +20,1 отсто во август наспроти +32,0 отсто во јули 2022 година, на годишно ниво.
На реалните движења на цените во текот на летото се надоврзаа и лошите временски услови кои се одразија на земјоделското производство и недостигот на одредени прехранбени производи, почнувајќи од септември, поради ценовните ограничувања на одредени прехранбени производи. Оваа атмосфера укажува дека растот на цените на храната ќе остане постојан во четвртиот квартал од 2022 година.
Очекувањата на потрошувачите во однос на цените за следните 12 месеци паднаа во август (на 51,9 поени) втор месец по ред, во согласност со севкупните очекувања за владината поддршка и за бизнисите и за граѓаните.
Од Хрватската Народна банка не се очекува многу освен потенцијално да повлече одредена сума куни во готовина од системот, со оглед на приближувањето до влезот во еврозоната.
Во септември, Владата на Хрватска спроведе нов пакет мерки во вредност од приближно 21 милијарда куни (2,8 милијарди евра), меѓу кои, што се однесува до домаќинствата, најважно беше ограничувањето на цената на струјата на 59 и 88 евра за MWh, во зависност од шестмесечната потрошувачка. До 31 март 2023 година Владата ги ограничи и цените на одредени прехранбени производи (шеќер, масло, свинско, пилешко...), природниот гас и ги зголемени ослободувањата од данок, имаше поддршка за пензионерите, ваучери и еднократни исплати на невработени, што донекаде треба да ги ублажи очекуваните понатамошни поскапувања на крајот на 2022 и почетокот на 2023 година.
НБС продолжува да ги зголемува каматните стапки
HICP-инфлацијата во Србија во август 2022 година изнесуваше 12,8 отсто на годишна основа. Србија забележа пораст на инфлацијата во однос на јули кога изнесуваше 12,5 отсто. Меѓу главните причини е посилниот раст на цените на струјата, гасот и другите горива (+13,5 отсто во август наспроти +8,6 отсто во јули 2022 година, на годишно ниво).
Инфлациските притисоци го достигнаа врвот во третиот квартал од 2022 година. Стапките на инфлација ќе паднат кон крајот на 2022 година, главно поради високите базни ефекти (висока основа од стапките на инфлација во втората половина на 2021 година).
Очекувањата за потрошувачките цени за следните 12 месеци се намалија на 50,4 поени во август, што е пониско од рекордното ниво од претходниот месец - во согласност со одлуката на Владата за продолжување на антиинфлаторните мерки за септември.
Народната банка на Србија ја зголеми референтната каматна стапка за 50 процетни поени на 3,5 отсто и вети дека стапките ќе продолжат да растат додека не се достигне надолната траекторија на инфлација. Аналитичарите на „Блумберг Адрија“ очекуваат ново зголемување во четвртиот квартал од 2022 година, со оглед на базниот ефект и претходните ефекти од затегнувањето на монетарната политика. Сметаат дека во следните 6 месеци ќе стапи на сила зголемување од 1 п.п.
Владата на Србија во септември продолжи со сет мерки, како што се ограничување на цените на горивото, лебот, млекото и шеќерот, како и ограничување на цените на електричната енергија за домаќинствата на сегашното ниво, што би требало донекаде да ги ублажи очекуваните понатамошни поскапувања на крајот на 2022 година.
Босна и Херцеговина „ѕирка“ и чека
Податоците за август 2022 година не се достапни за БиХ. Инфлацијата од 16,7 отсто на годишна основа во јули 2022 година претставува зголемување од претходното ниво (15,8 отсто) на годишна основа во јуни. Цените на храната и енергијата се главните двигатели на вкупниот раст на цените, што имплицира дека инфлацијата во голема мера е поттикната од ефектите од понудата.
Врвот на инфлацијата се очекува во третиот квартал од 2022 година. Без владини мерки, се очекува инфлацијата во август да достигне рекордно високо ниво. Стапките на инфлација на годишно ниво ќе паднат кон крајот на 2022 година, главно поради високите базни ефекти.
Заедно со актуелните двигатели на инфлаторните притисоци, се очекува благ, но забележлив нагорен придонес од тутунските производи, во услови на затворање на последниот тутунопроизводен капацитет во земјава (Фабрика дувана Сараево).
Централната банка на БиХ има ограничени можности за флексибилност во потезите при водењето на монетарната политика поради валутниот одбор. Досега не се спроведени значајни владини антиинфлациски мерки и тешко дека ќе бидат објавени до крајот на 2022 година, особено во контекст на изборите на 2 октомври.
Македонија очекува мерки за ранливите категории
Растот на HICP-инфлацијата во Македонија во август 2022 година изнесуваше 16,7 отсто на годишно ниво и достигна рекордно ниво, главно поради посилниот раст на цените на услугите за сместување во споредба со јули 2022 година (+47,1 отсто во август наспроти +16,3 отсто во јули, на годишно ниво).
Инфлациските притисоци се на својот врв во третиот квартал од 2022 година. Очекувањата за потрошувачките цени за следните 12 месеци паднаа во август (на 17,6 поени), односно втор месец по ред и во споредба со највисокото ниво во октомври 2021 година.
Дополнително монетарно затегнување имаше во септември, вкупно петто во 2022 година. Народната банка ја зголеми референтната стапка за 50 процетни поени на 3 отсто, откако во август остана непроменета на 2,5 отсто. НБРМ вети дека ќе продолжи да се бори против инфлаторните притисоци.
Македонската Влада го усвои ребаланост на буџетот за 2022 со цел да им помогне на ранливите категории граѓани во борбата против инфлацијата и да одвои средства за антикризни мерки за домаќинствата и компаниите, кои би требало донекаде да ги ублажат очекуваните понатамошни зголемувања на цените на крајот на 2022 година/почетокот на 2023 година. Мерките се уште не се прецизирани.
Очекувања
Аналитичарите на „Блумберг Адрија“ очекуваат дека инфлацијата во сите земји од регионот ќе остане над повеќегодишниот просек во 2023 година, со оглед на привремените ефекти од овогодинешното зголемување на цените и нагорниот притисок врз цените на енергијата. Тие посочуваат дека во сите земји од регионот Адрија инфлаторните притисоци постепено се водат од побарувачката, а не од понудата. Слабеењето на економската активност ќе делува како отпор на профилот на инфлација.
Оттаму додаваат дека во сите земји, иако во различни пропорции, индексот на цените на производителите на домашниот пазар е повисок од хармонизираниот индекс на потрошувачки цени, што подразбира многу слободен капацитет за трговците/производителите да ги префрлат трошоците на потрошувачите. Се очекува раст на каматите во деловните банки.