„Епл“ водел истражувачки разговори за користење на „Интел“ ( Intel Corp.) и „Самсунг електроникс“ (Samsung Electronics Co.) за производство на главните процесори за своите уреди во САД, потег што би обезбедил алтернатива покрај долгогодишниот партнер „ТСМЦ“ (Taiwan Semiconductor Manufacturing Co.).
Производителот на Ај-фон и Ај-пад имал разговори во рана фаза со „Интел“ за ангажирање на неговите услуги за производство на чипови, според лица запознаени со процесот. Во меѓувреме, раководители на „Епл“ посетиле фабрика на „Самсунг“ во Тексас, која е во изградба и ќе произведува напредни чипови.
Ниту една од овие иницијативи засега не резултирала со нарачки, а работата со двата добавувачи останува во почетна фаза, велат изворите, кои побарале да останат анонимни бидејќи разговорите се приватни. „Епл“ има резерви кон користење технологија надвор од „ТСМЦ“ и можно е на крајот да не продолжи со нов партнер, додаваат тие.
Портпаролите на „Епл“, „Интел“, „Самсунг“ и „ТСМЦ“ одбија да дадат коментар.
Bloomberg
Повеќе од една деценија, „Епл“ ги дизајнира главните процесори, познати како системи-на-чип (system-on-a-chip), кои ги напојуваат неговите уреди, а нивното производство му го доверува на „ТСМЦ“, користејќи ги најнапредните производствени процеси во Тајван. Најновите Ај-фон и Мек користат таканаречен производствен процес од 3 нанометри.
Но дури ни „Епл“, како еден од најголемите купувачи на силициум, не е имун на нарушувањата во синџирот на снабдување. Последните недостaтоци се поттикнати од масовната изградба на центри за податоци за ВИ и поголемата од очекуваното побарувачка за Mек компјутери погодни за локално извршување на ВИ модели. Тоа, делумно, ја нагласува потребата „Епл“ да разгледа дополнителни добавувачи.
Раководителите на „Епл“ го разгледувале овој проблем на кварталниот повик за резултати минатата недела, наведувајќи дека недостигот на чипови за Ај-фон и Мек го ограничува растот. „Имаме помала флексибилност во синџирот на снабдување отколку што вообичаено имаме“, изјави главниот извршен директор Тим Кук.
Но, наоѓањето резервни добавувачи не е лесна задача. „Интел“ и „Самсунг“ не можат сигурно да понудат ниво на производство и обем што ја направија „ТСМЦ“ доминантен производител на чипови по нарачка — и еден од најкритичните партнери на „Епл“ во синџирот на снабдување.
За „Интел“, обезбедувањето надворешни клиенти за производство на чипови е клучен дел од планот за закрепнување под водство на извршниот директор Лип-Бу Тан. Компанијата сè уште е во рана фаза на обезбедување клиенти за секторот за производство на чипови по нарачка по претходни неуспешни обиди.. Освојувањето на „Епл“ како клиент би било голем успех за Тан и би можело да привлече дополнителни нови бизниси.
„Самсунг“ има повеќе успех во оваа област, но и понатаму заостанува зад „ТСМЦ“ и останува далеку втор на пазарот на производствени услуги за чипови. Поддршката од „Епл“ би била значајна придобивка за „Самсунг“ — компанија со која истовремено се натпреварува во паметни телефони и други сегменти.
„Епл“ и „Интел“ имаат долга и сложена историја. „Интел“ ги дизајнираше и испорачуваше процесорите за Mеc од 2006 до околу 2020 година, кога „Епл“ премина на сопствени чипови базирани на компоненти од Ај-пад. Пред повеќе од една деценија, „Самсунг“ беше производствен партнер за дизајните на Ај-фон-чиповите на „Епл“.
Разговорите со двете компании започнале пред најновите проблеми со недостигот. Покрај стабилизирањето на снабдувањето, постои и друга потенцијална придобивка од соработката со „Интел“. Партнерството би можело да ја подобри релацијата на „Епл“ со администрацијата на Доналд Трамп, сметаат некои директори. Белата куќа минатата година посредуваше во необичен договор за инвестиција во „Интел“ и ја гледа компанијата како национален шампион.
Bloomberg
„Самсунг“ веќе работи на производство на дополнителни компоненти за Ај-фон и други производи, вклучително и делови за управување со потрошувачката на енергија, соопшти „Епл“ претходно.
„Епл“ преферира да има најмалку двајца добавувачи за секоја клучна компонента, што му дава предност во преговорите за цените и заштита од прекини во снабдувањето. На пример, се потпира на повеќе производители за екраните што се користат во неговата палета на производи.
Кук, кој имаше клучна улога во изградбата на глобалниот синџир на снабдување на „Епл“, долго време предупредува на ризиците од зависност од една географска локација за критични компоненти. Производството во Тајван носи посебни ризици бидејќи Кина го смета самоуправуваниот остров за дел од својата територија.
Уште во 2022 година, Кук им рече на вработените на интерен состанок дека без разлика што мислат или чувствуваат 60 отсто од кое било место веројатно не е стратешка позиција, алудирајќи на концентрацијата на производството на чипови во Тајван.
Оттогаш, „Епл“ тесно соработува со „ТСМЦ“ за проширување на операциите во Феникс, каде добавувачот сега произведува ограничен број чипови за „Епл“ од една фабрика. Производството брзо се зголемува, а компанијата очекува да добие 100 милиони чипови од Аризона во 2026 година.
Тоа количество ќе покрие само мал дел од вкупните годишни испораки на уреди на „Епл“, а раководството останува загрижено за можни прекини во снабдувањето доколку Кина изврши инвазија врз Тајван.
Како и другите технолошки компании, „Епл“ се соочува и со недостиг на мемориски чипови. Но, Кук посочи дека поголем предизвик во моментов е обезбедувањето доволен број главни процесори.
„Главното ограничување е достапноста на напредните производствени процеси на кои се произведуваат нашите системи-на-чип, а не меморијата“, изјави Кук за време на повикот за финасиските резултати. Тоа ја отежнува способноста на „Епл“ да ја задоволи побарувачката за производи како Мек мини и Мек Студио.
„Верувам дека ќе бидат потребни неколку месеци за да се постигне рамнотежа меѓу понудата и побарувачката“, додаде тој.
Проблемите во синџирот на снабдување го погодија и моделот Ај-фон 17 про. Тимовите на „Епл“ работат на спречување на прелевање на овие ограничувања и на други производни линии, како Ер подс и Епл воч, кои користат различни типови процесори од оние во Ај-фон и Мек.