„Мета“ (Meta Platforms Inc.) бара од многу нејзини менаџери и директори да преминат на индивидуални соработнички работни места или да ја напуштат компанијата додека се обидува да стане поефикасна, велат извори запознаени со ситуацијата.
Тој процес внатрешно е познат како „порамнување“ (анг. flattening), додаваат изворите. Високите менаџери ќе ја пренесат директивата до своите подредени во следните недели, одделно од редовните прегледи на перформансите на компанијата кои во моментот се во тек, нагласуваат упатените лица, кои побарале да останат анонимни. Индивидуалните соработници не се задолжени за други, туку се фокусираат на задачи како што се кодирање, дизајн и истражување.
„Мета“, компанија која ги поседува „Фејсбук“ и „Инстаграм“, отпушти 13 отсто од својата работна сила во ноември во првото големо отпуштање. Во месеците оттогаш, персоналот се соочува со интензивна вознемиреност за потенцијалните идни кратења, информираат изворите. Извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, за време на извештајот за заработка овој месец објасни дека сè уште мисли оти организацијата е премногу бавна и надуена. Тој ја нарече 2023 година „година за ефикасност“ и вети дека ќе го намали бројот на менаџери на средно ниво и на проектите кои не успеваат.
Прочитај повеќе
Закерберг заработи рекордни 12,5 милијарди за еден ден по скокот на „Мета“
Марк Закерберг во четвртокот го забележа најголемото еднодневно покачување на неговото богатство.
03.02.2023
Метаверзумот се подготвува од корен да го смени нашиот социјален живот
Вредноста на метаверзумот би можела да биде околу пет илјади милијарди долари до 2030-та.
07.02.2023
Сегашниот круг на кратење на работните места ќе биде постепен, правен на индивидуална основа, велат упатените. Некои вработени во „Мета“ посочуваат дека сметаат оти промената е потребна, имајќи предвид дека организацијата вклучува тимови кои се натпреваруваат за постигнување слични цели и менаџери кои надгледуваат само еден или двајца вработени, според изворите. „Мета“ одби да коментира.
Планот на Закерберг за поефикасна организација помогна цената на акциите да закрепне во однос на 2022 година, која беше најлошата година во историјата на компанијата. Досега оваа година пораснаа за повеќе од 56 отсто.