Климатските промени си го земаат данокот и се одразуваат и врз земјоделското производство. На почеток на жетвата, Перо Стојкоски од Асоцијацијата на земјоделци во изјава за „Блумберг Адрија“ вели дека посевите на пченица годинава се зголемени за 13 отсто, но не значи дека тоа ќе резултира со зголемено произвдоство.
„За годинава има посеано отприлика околу 70.000 хектари. Наша анализа како Асоцијација на земјоделци е дека може годинава може да очекуваме наше производство околу 250.000 килограми, што не е доволно за нашата држава да може да биде независна од увоз на пченица. Климатските промени си го направија своето. Имавме премногу влажни површини, тоа си го направија дождовите, така што, она што ние го очекувавме како принос го нема. Ако очекувавме пример околи четири до четири и пол тони по хектар, тоа сега е намалено. Верувам дека годинава просекот ќе биде околу три и пол тони по хектар. Уште поважно е тоа што самите дождови го испраа житото и неговата хектолитарска тежина веќе е помала од она што требаше да биде реална“, вели Стојкоски.
Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци посочува дека откупната цена на пченицата се движи од 9 до 11 денари, што, вели, е многу малку во однос на трошоците на земјоделците.
„Во овој случај државата излезе во пресрет за дел од трошоците, односно за секој килограм пченица предаден во откупни центри или кај млинарите ни донира по три денари на килограм. Тоа е за поздравување, но дали таа поддршка е доволна, тоа е веќе друго прашање“, вели Стојкоски.
На прашањето што друго е потребно за поттикнување на домашното производство и поддршка на земјоделците, Стојкоски, меѓудругото, потенцира дека треба законски да се доуреди откупот, бидејќи како што вели, проблем е и што дел од млинарите не купуваат домашна пченица.
„Ние пред да почнеме да сееме пченица имавме доста средби со Министерството за земјоделство и дојдовме до заклучок дека треба да посееме што поголема површина за државата да си обезбеди независност од овој аспект. Ние тоа го направивме со цел да имаме поголеми приноси. Но, оглед дека цената сега е премногу ниска државата треба да спроведе своја политика да ги услови млинарите кои сакаат да увезуваат пченица, да мора барем половина од она што го откупуваат да биде од домашно производство“, вели Стојкоски.