Вкупната инсталирана моќност од обновливи извори на енергија надмина 50 проценти од вкупната инсталирана моќност на производствени капацитети. Македонија го следи чекорот со земјите во регионот во инвестиции во обновливите извори на енергија вели за „Блумберг Адрија“ универзитетскиот професор Драган Миновски, од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип
„Она што радува е дека Македонија стана лидер во делот на производство на електрична енергија од фотоволтаични електрани, вкупната инсталирана моќност е над 730 мегавати, заостануваме во делот на инвестиции на ветерни електрани во регионот, се надевам во наредните години најавени се и нови инвестиции во овој дел со што очекува раст на инвестициите и во овој дел“ вели Миновски.
Тренд на раст на енергија од обновливи извори на енергија се очекува продолжи и во следните години. Засега вкупниот инсталиран капацитет од обновливи извори на енергија не предизвикува проблеми на електроенергетскиот сектор, но неизбежно е да има инвестиции во мрежата.
„Одредени анализи покажуваат дека на 10 милијарди евра му се потребни на регионот за инвестиции во преносната и дистрибутивната мрежа да може да ја прими енергијата од овие извори. Со овие 730 мегавати веќе го постигнавме лимитот, овие капацитети ќе се зголемуваат и со тоа неопходни инвестиции. Анализите покажуваат дека 75 проценти од инвестициите треба да одат во дистрибутивната мрежа, 25 проценти во дистрибутивната мрежа.“ вели Миновски.
Горливо прашање останува напуштањето на јагленот како извор на енергија. Процесот на напуштање на јагленот треба да се спроведува со јасен план и со внимателност.
„Овој процес треба да има јасен план, промената и затворањето на електраните со јаглен ќе влијае на другите социоекономски аспекти. Мора да имаме предвид дека ако овој процес оди брзо без јасен план директно ќе бидат погодени околу пет илјади семејства“ вели Миновски.