Дали образованието продуцира кадри што се потребни за приватниот сектор? На оваа тема во денешната емисија „Зум ин“ зборуваа Предраг Трпески, декан на Економскиот факултет во Скопје, и Владанка Трајкоска, претседателка на Организацијата на работодавци.
Според Трпески, Економскиот факултет во Скопје не само што ги следи студентите во текот на студирањето туку и отпосле, кога ќе се најдат на пазарот на трудот или ќе се вработат. „Прашањето е дали има некој дипломиран економист што останал подолго време невработен“, вели Трпески.
„Ние ги конципираме програмите така што од оваа година има нови наставни програми, а една година претходно имавме усогласување со бизнис-заедницата. Бизнис-заедницата беше вклучена во подготвувањето на нашите програми, но имаме контакти и со јавниот сектор, бидејќи продуцираме и кадри што би работеле во овој сектор. На тој начин се обидуваме да креираме кадри што се бараат на пазарот на трудот“, вели Трпески.
Трајкоска додава дека образовниот систем мора да ги следи интересите и потребите на стопанството, а од друга страна и стопанството треба да дејствува побрзо и проактивно. Односно, бизнис-секторот треба да се пренасочува и да ги следи светските трендови, особено во поглед на дигитализацијата.
„Либерализацијата на високото образование дозволи отворање многу приватни факултети, чија цел беше да бидеме конкурентни на пазарот. Но тоа беше погрешна политика и го покажа токму спротивното. Се симнаа критериумите за упис, а со тоа се симнаа и критериумите за оценување на студентите. Многу млади луѓе, сакајќи да се едуцираат, ги избираа општествените науки, а ги запоставија техничките факултети, каде што реално стопанството имаше потреба да се дополни со кадар. Ако знаеме дека во моментов има 75 факултети на приватните универзитети, а има и многу други студиски програми, може да кажеме дека не одговараат на потребите на стопанството, туку ги задоволуваат исклучиво интересите на студентите или желбите на нивните родители“, вели Трајкоска.
Трајкоска и Трпески зборуваат и за разликите за студирање на приватен и државен факултет, но и за потребата за увоз на работна сила, што се наметна како решение за недостигот од работници на македонскиот пазар на трудот.