Мисијата на „Ананас“ е да направи револуција во онлајн трговијата, односно да донесе ново онлајн шопинг-искуство на овие простори, изјави во интервју за „Блумберг Адрија“ директорката за интернационален бизнис-развој во платформаta за онлајн тргување „Ананас“, Нина Ангеловска. Оваа платформа сега е достапна и во Македонија.
„Нормално дека ќе имаме предизвици, но веруваме дека ги имаме сите потребни ресурси за да успееме, тоа е јасна визија каде одиме, јасен план како да стигнеме таму и професионален тим. ’Ананас’ е дел од корпорацијата „Делта холдинг“, патот започна со лансирање во Србија, сега веќе и во Македонија со аквизицијата на „Групер“ и продолжуваме и со ширење на Балканот и пошироко“, вели Ангеловска.
„Групер“, кој беше основан од страна на Ангеловска, претходно стана дел од полската групација „Асеко СЕЕ“ (Asseco SEE), а сега, преку „Ананас“, таа повторно менаџира со оваа компанија.
Прочитај повеќе

Како до регионален пазар за е-трговија?
E-трговијата е меѓу главните приоритети на ЦЕФТА за развивање регионален пазар за онлајн трговија и намалување на трошоците на компаниите.
16.06.2023
„’Групер’ беше лансиран во 2011 година и беше ’гејмченџер’ на пазарот. Јас го водев ’Групер’ до пред приклучувањето во Владата, па откако ја напуштив позицијата, се приклучив и го водев процесот на продажба сè додека ’Групер’ стана дел од полската групација, кога и се повлеков од менаџерската позиција.За нас аквизицијата претставуваше препознавање на нашата работа, успех и резултати, но и можност за раст и развој. Сега ’Групер’ станува дел од ’Ананас’, што претставува можност за ефикасен и ефективен влез на пазарот. Задоволство ми е што го гледам тоа и верувам дека тоа е добро за ’Групер’ да го продолжи својот пат“, вели Ангеловска.
На прашањето колку македонските компании се отворени за е-трговија, Ангеловска вели дека има развој од овој аспект, но темпото на промени не е задоволително.
„Ако направам паралела низ годините назад, нормално дека имаме раст и прогрес за е-трговијата, но секогаш е прашањето колку сме задоволни со тој развој, со кое темпо се движиме во споредба и со преостанатите. Во последниот период значајно се раздвижи онлајн купувањето и компаниите веќе не гледаа на е-трговијата како избор туку како неопходност. Но, ако ги погледнеме сите индикатори за е-трговија, Македонија е речиси на дното со другите европски земји. Генерално има многу простор за раст и развој на целиот регион“, вели таа.
Една од придобивките за бизнисите од онлајн трговијата е регионална експанзија, но за компаниите има голем број бариери.
„Секоја компанија го гледа пазарот во кој функционира, затоа што сите земји сами по себе се мали, со свои процедури и правила, и е тешко за компаниите да се осврнат кон прекугранична е-трговија. Студијата со ЦЕФТА покажа дека 72,5 отсто од е-продавниците имаат практики на геоблокирање, а 90 проценти од компаниите што продаваат услуги и стоки се фокусирани само на домашниот пазар. Како главни пречки што ги идентификувавме се царинските давачки и процедури, кои се проблем и од аспект на трошоци и комплексност и непредвидливост, потоа високата цена на достава и недостигот од партнерство меѓу локалните компании за достава и, трето, предизвиците поради неунифицираната регулатива, што дополнително го усложнува бизнисот“, вели Ангеловска.
Целото интервју е на видеото погоре.