Просечната цена на струјата на ХУПЕКС и на Македонската берза во изминатата недела се движеше околу 100 евра за мегават-час. Сепак, во наредниот период се соочуваме со предизвик, а тоа е новата грејна сезона, која до средината на октомври веќе ќе има поголем залет во Европа.
Според Златко Черепналкоски, директор за деловен развој и стратегија во компанијата ЕДС, не се очекуваат драстични промени во цените на енергентите.
Тој посочува дека минатата зима беше „блага“ од аспект на температури и потрошени количества природен гас, а од друга страна минатата есен ЕУ ги обезбеди мандаторните резерви на историски највисоко ниво досега.
„Според тоа, потрошеното количество гас дава надеж дека годинава обновувањето на резервите ќе биде едноставно и нема да има драматични промени на цените на гасот, а со тоа и на електричната енергија“, вели Черепналкоски.
Bloomberg Adria
Сепак, тој додава дека цените секако ќе зависат и од други фактори, особено што безбедносната криза на истокот на Европа сè уште трае, па на берзите секогаш одлучуваат и други фактори освен побарувачката и понудата.
За 18 месеци во Македонија се издадени лиценци за 545 централи за производство на струја од обновливи извори.
„Поради големиот наплив на фотоволтаични единици не само во Македонија туку секаде во Европа, цените на електричната енергија во оние часови во денот кога фотоволтаичните централи го даваат своето производство се веќе многу паднати“, вели Черепналкоски.
Тој додава дека овие последни 18 месеци се случува еден парадокс што во минатото не бил присутен, а тоа е дневните цени да се движат на ниво пониско од вечерните и ноќните цени.
„Тоа е навистина невидено. Како пример ќе ви кажам дека на 2 јули годинава во недела, во 15-от часот во текот на денот, цената на купец постигна фантастични негативни 500 евра за мегават-час. Тоа значи дека, ако потрошевте 1 мегават-час купен од унгарската берза, таа ќе ве наградеше не само со тој мегават-час туку и со 500 евра приход“, вели Черепналкоски.
Според Черепналкоски, сега за сега инвестициите во фотоволтаични централи не се веќе толку атрактивни како што беа. Тој смета дека тоа можеби ќе доведе до мало олабавување на инвестициите и дека можеби ќе се зголемат инвестициите кај ветерните централи.
„Цените веќе не се толку атрактивни за фотоволтаични централи освен доколку инвеститорите почнат да инвестираат и во батериски системи со кои практично ќе го контролираат распоредот на нивниот излез.
Засега, според Черепналкоски, тоа е единствено решение, освен ако инвеститорите сакаат да вложуваат во други технологии, но сепак батериските системи се клучни.