Фискалниот совет во Македонија се конституираше и сè уште е во фаза на институционално поставување. Се избира кадар, се поставува програма за работа, се прави план за наредната година. Но сепак ќе биде вклучен во изработката на буџетот за следната година, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Глигор Бишев, претседател на Фискалниот совет.
„Се разбира, во такви околности Фискалниот совет ќе биде вклучен во согласност со законските определби во изработката на буџетот за наредната година, меѓутоа не може да се очекува дека во овој период тоа ќе биде негова приоритетна работа. Приоритетна работа ќе биде неговото поставување, за во полна сила и капацитет да почне да функционира некаде од вториот квартал од 2024 година“, вели Бишев.
Bloomberg Adria
Тој посочи дека не само за следната година туку во следниот период клучно е да се задржат фундаментите на македонската економија, а тоа значи да не се поткопа макроекономската стабилност, а исто така да се создадат предуслови за економски раст.
„Фискалниот совет ќе ги користи сите расположливи капацитети во Македонија и во странство, ќе се консултира со сите експерти, ќе прави свои прогнози, а исто така ќе ги зема предвид прогнозите на македонските институции, на Светската банка, на ММФ и во зависност од тоа ќе дава насоки дали долгорочната стабилност и фискалната одржливост се поткопани или не, а од друга страна, пак, да се овозможи забрзување на долгорочниот раст на македонската економија во процесот на конвергенција кон ЕУ“, вели Бишев.
Bloomberg Adria
Јавниот долг во Македонија изнесува 8,3 милијарди евра и е 57, 9 отсто од БДП, а Фискалниот совет ќе има клучна улога во тоа како да се зачува односно намали задолженоста на државата. Сепак Бишев смета дека тие како независно тело ќе даваат свое мислење, а потоа останува на носителите на политиките да постапуваат.
„Потребно е редефинирање на стратегијата за економски раст, на кои индустрии треба да им се помогне во нивното реструктурирање за да се забрза економскиот раст“, заклучува Бишев.