Пазарот на инвестициски фондови во Македонија постои 15 години и бележи тренд на зголемување и раст во зависност од тоа како се зголемуваат и финансиската култура и навиките на инвеститорите, граѓаните и на компаниите.
„Беа потребни десет години, односно некаде до 2018 година за овој пазар од непостоен да дојде до стотина милиони евра средства на управување, додека сега, на крајот на 2023 година, има 200 милиони евра“, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Лазе Камчев, генерален директор на „Генерали инвестментс“.
„Овде е добро да се потенцира дека во 2018 година учеството на паричните фондови и фондовите со фиксен принос има околу две третини сооднос во однос на вложувањето на акциски фондови од вкупните средства на управување, а денес, пет години потоа, паричните фондови учествуваат со некаде 43 отсто во однос на вкупните средства на управување“, вели Камчев.
Тој очекува пазарот да продолжи да расте и понатаму, бидејќи финансиските средства, пред сè на домаќинствата, вложени во овие финансиски инструменти се доста мали во однос на нивните вложувања во другите финансиски продукти што им ги нудат другите финансиски институции во земјава надвор од инвестициските фондови.
Во однос на структурата на инвестициските фондови може да се каже дека кај паричните фондови во основа клиенти се компаниите, бидејќи вршат класичен кеш-менаџмент, додека кај акциските фондови најголем дел од вложувачите се физички лица.
„Она што е карактеристично изминатите години е дека во основа инвеститори се помладите генерации или луѓе во средни години. Реално, културата на вложување сè повеќе се зголемува, бидејќи расте достапноста на информациите што ги имаат поединците, а од друга страна се јавува потреба за самостојно обезбедување финансиска заштита и сигурност“, вели Камчев.
Тој заклучува дека за обезбедување индивидуално портфолио е потребно да се има од 20 до 30 илјади евра.