Вкупните средства на пензиските фондови (задолжителни и доброволни) во третиот квартал од 2023 година остварија квартално и годишно зголемување од 2,4 и 16,8 отсто, соодветно, се наведува во извештајот на НБРМ. Притоа се потенцира дека, анализирано по инструменти, нагорната промена се должи на повисоките вложувања во должнички хартии од вредност, при дополнителен позитивен придонес, и на вложувањата во сопственички хартии од вредност, а во услови на остварен пад на валутите и депозитите.
На страната на обврските, кварталниот раст пред сè е резултат на зголемените технички резерви на осигурување, кои се главен носител и на годишното зголемување, при дополнително позитивно влијание и на капиталните сметки.
А токму вложувањата на пензиските фондови ги коментираше Петар Талески, член на УО на „Сава пензиско осигурување“.
„Значајно е што ние сме доста активен малцински акционер во компаниите, во согласност со законските услови што ни дозволуваат. И во тие услови, нашите барања ги насочуваме да се подобри корпоративната култура во компаниите, да се зголеми транспарентноста, да се зголеми еколошката свест, бидејќи сите тие фактори придонесуваат во обезбедување поадекватно работење на компаниите и со тоа поадекватни приноси што можат да се остварат кон домашната берза“, вели Талески.
Тој посочува дека важните акции треба да се идентификуваат на основа на фундаментална анализа.
„Тоа се акции што во конкретниот момент не се добитници на берзата, но ние го согледуваме потенцијалот дека во иднина можат да станат добитници. Нашата цел е тие акции што во моментот се потценети да ги идентификуваме, со цел на основа на инвестицијата во нив да оствариме дополнителни приноси, кои ќе значат додадена вредност за нашето портфолио“, додава Талески.