Инфлацијата како и во другите сектори така и во здравството влијаеше на раст на цените на одредени услуги, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Александар Митевски, медицински директор во „Ремедика“ - Скопје.
Тој посочува дека Отворен Балкан и можноста за работа без посебни дозволи на граѓаните од Македонија, Србија и од Албанија може да донесат позитивни промени. Но тој посочува и дека генерално одливот на медицински кадар во последно време многу повеќе е резултат на лошите услови за работа и негативната селекција што е присутна при вработувањето.
Митевски смета дека е потребна реформа на здравствениот систем во Македонија. Во моментот имаме двоен здравствен систем, кој се состои од приватно и државно, односно јавно здравство.
„Иако здравството претставува јавна услуга, би требало пред сè приватното и државното здравство да бидат во еден систем. Главен проблем во моментот ни е тоа што сме во одвоен систем, посебно функционира приватното, посебно јавното здравство“, вели Митевски.
Тој додава дека самиот начин на финансирање на јавното здравство е преку Фондот за здравствено осигурување, кој не е променет од осамостојувањето на Македонија. Самиот систем на финансирање и на надоместокот на средствата на извршените услуги во јавното или во државното здравство е сосема ист.
„Од друга страна, во последните неколку години е развиен систем на приватно здравствено осигурување, кое сами си го обезбедуваат одредени граѓани или компании што имаат интерес своите вработени да ги осигуруваат во приватно здравствено осигурување“, вели Митевски.
Тој посочува дека приватното и јавното здравство би требало да бидат вклучени во еден цел систем, кој ќе функционира заедно, а не одвоено.
„Би требало да се најде модус тој државен фонд што постои од осамостојувањето на Македонија да биде реформиран, што би им овозможило на граѓаните да ги искористат своите средства што со години ги вложуваат во тој фонд и во дел од приватното здравство. Во моментот, модел што е помеѓу приватно и државно осигурување е приватното осигурување што го нудат одредени осигурителни компании“, вели Митевски.
Тој додава дека предизвиците годинава се да се обезбеди развој на стандардни пакети на услуги.