Инфлацијата и геополитичките случувања во текот на изминатата година доведоа до рекорден раст на цената на златото поради зголемената побарувачка од централните банки и, воопшто, од инвеститорите.
Некои од трговците сметаат дека овој тренд ќе продолжи и во 2024 година, посочувајќи дека и во актуелните кризи златото се покажа како сигурно засолниште од инфлацијата.
„Гледајќи ги геополитичките случувања и несигурноста во светот во однос на војната Русија - Украина и во Израел, сите инвеститори сакаат безбедност на нивните инвестиции, во вакви ситуации сите се наклонети кон инвестирање во злато и сребро. Во такви ситуации нормално дека побарувачката се зголемува и нормално дека и цената на златото расте во однос на тоа побарувања. Од друга страна, Федералните резерви во Америка и инфлацијата во светот исто така имаат големо влијание на цената на златото. Гледаме дека во декември цената на златото постигна рекордна вредност од 2.135 долари, што е најголема вредност во последните неколку години, можам да кажам и децении. Во ваква ситуација, ние што сме дел од таа секција на златари или на златен накит сме загрижени поради тоа што луѓето не знаат како да постапат и дали да инвестираат во злато, во златен накит, прачки итн.“, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Неби Хоџа, сопственик на златарницата „Смарагд“.
„На цената на златото влијаат повеќе фактори. Најголеми фактори се светските резерви од појаките индустрии, како САД и држави од ЕУ, како и инфлацијата. Гледаме дека во САД цената на златото има тренд на раст, а најголем раст се очекува по јуни, кога резервите ќе имаат пад. Во таква ситуација нормално дека цената на златото има тенденција на раст. Во регионот, Турција има најголема инфлација и цената на златото таму е речиси 5 отсто поголема од цената на златото на светските берзи“, вели Хоџа.
Хоџа додава дека во последните години, по пандемијата, луѓето сè повеќе се заинтересирани за инвестирање во злато и златен накит.
„Златото се покажа како најбезбедна валута во криза и побарувачката има нагорен тренд и во нашата држава, но нормално, како мала економија, ние секогаш сме побавни во следењето на ваквите трендови во споредба со светот. Дека младите по пандемијата повеќе трошат и сакаат да живеат на подобар и полуксузен начин се гледа и по цената на златото и на часовниците во светот, а исто така и по цената на дијамантите“, вели сопственикот на „Смарагд“.