Неизвесноста на пазарите на капитал и за движењето на монетарните политики останува главен предизвик и во 2024 година за приватните пензиски друштва во Македонија, со оглед на тоа што инфлацијата ги „јаде“ реалните приноси на идните пензионери.
Претседателката на Управниот одбор на „КБ Прво пензиско друштво“ во Македонија, Весна Стојановска, во изјава за емисијата „Лидерс“ на „Блумберг Адрија“ вели дека за да се намали ризикот од инвестирање, се прави што е можно подиверзифицирано портфолио, а најголем дел од инвестициите е во обврзници со фиксен принос.
Со неа зборуваме и за тоа кои фактори ќе влијаат врз инвестициите во 2024 година и приносите на идните пензионери, како и навиките за штедење во приватни пензиски фондови.
БА: Минатата, 2023-та беше една турбулентна година, полна со неизвесност на пазарите на капитал, агресивна монетарна политика, време на скапи пари, воздржаност кај инвеститорите… Како се одрази сето тоа врз вашето работење?
Навистина 2023-та беше турбулентна година, продолжение на предминатогодишните настани, од 2022-та. Кризата најпрво почна во Америка, со пропаѓањето на неколку банки, инфлацијата поттикната од неколку извори, дополнително геополитичките случувања на неколку жаришта, но успеавме да се справиме со притисокот и предизвиците и 2023 година ја завршивме позитивно, дури и подобро од она што го планиравме и проектиравме.
БА: Со колкави заштеди управува во моментов „КБ Прво пензиско друштво“?
„КБ Прво пензиско друштво“ управува со два пензиски фонда. Вкупниот износ на средства во управување изнесува над 1,1 милијарда евра или 1 милијарда и 80 милиони евра средства на управување во задолжителниот пензиски фонд и околу 27 милиони евра средства на управување во доброволниот пензиски фонд. Ние имаме доминантна позиција на пазарот на пензиски друштва, успеавме да ја одржиме оваа доминантна позиција и вкупниот резултат на друштвото и на фондовите во изминатата година беше позитивен.
БА: Каква е структурата на инвестициите, во што најмногу инвестирате?
Портфолиото на пензиските фондови е балансирано, што значи дека најголем дел од инвестициите се инвестиции со фиксен принос, од кои најголем дел е во обврзници и помал дел во депозити. Од нив добиваме фиксен и стабилен приход на годишно ниво. Од друга страна, околу 30 проценти од инвестициите се вложени во акции и индексни фондови и тоа е варијабилен дел на портфолиото. Долгорочно, овој дел од портфолиото носи поголем принос, но затоа и ризикот е поголем. Мал дел од инвестициите е вложен во инвестициски фондови во Македонија и во депозити, флекс-депозити, кои се користат за управување со ликвидноста на фондовите.
БА: Клучен предизвик во ваков период е и како да се направи едно добро портфолио. Како управувате со ризиците во вакви непредвидливи времиња?
Управувањето со ризиците го вршиме преку диверзификација во инвестирањето. Имаме добро структурирано портфолио, добро диверзифицирано портфолио, во поглед на регион, на структура на инвестиции, сектор, валута. Секојдневно се следи ситуацијата и во поглед на издавач, сектор, регион, работи специјално обучен тим во рамките на „КБ Прво пензиско друштво“, посветен на мерење на ризиците при управување со портфолијата на средствата.
БА: Какви се приливите во овој период, знаеме дека инфлацијата имаше свој удел и ги „изеде“ реалните приноси? Како целата криза влијаеше врз оплодувањето на парите на идните пензионери?
Годината ја завршивме позитивно, дури и подобро од плановите што ги имавме некаде кон средината на 2023 година. Но, секако, инфлацијата има голема одлука при пресметката на реалниот принос на фондовите. Во последните месеци дефинитивно имаме сигнали на стивнување на инфлацијата, што секако позитивно влијае на пензиските заштеди на идните пензионери.
БА: Какви се очекувањата од тој аспект за движењето на инфлацијата и каматните стапки во 2024 година? Гледаме издишка на пазарите на капитал со последните потези на централните банки за пауза во монетарното затегнување, се очекува дека во 2024 ќе има пресврт и намалување на каматните стапки, што очекувате од тој аспект на пазарите на капитал во 2024 година?
Гледаме дека врвот на инфлацијата веќе се достигна. Ова е највисокото ниво на каматни стапки што монетарните власти го имаат поставено, сè уште постои некоја неизвесност за тоа како ќе се движи инфлацијата во првите месеци од годината и тука сè уште има некоја резерва. Меѓутоа, она што можеме да го видиме преку бројки и изјави е дека инфлацијата дефинитивно ќе се намалува во 2024 година и со тоа ќе почне и намалување на каматните стапки, а со оглед на досегашните видувања, тоа би било најреално од втората половина на годината.
БА: Што очекувате и од аспект на вашето работење - што ќе ви биде главен предизвик?
Еден од најголемите предизвици остануваат пазарите на капитал. Нашата цел е да постигнеме максимизирање на приносите преку диверзификација и преземање пресметливо ниво на ризик. Од друга страна, нивото на развој на доброволно пензиско осигурување сè уште сметаме дека не е развиено на нивото на кое треба, така што наш фокус ќе биде и развивање и препознавање на придобивките од доброволно штедење.
БА: Каде сме ние како држава, каква навика имаме за вложување во приватни пензиски фондови во споредба со другите земји, европскиот просек и друго? Како да се подобри таа навика за вложување во ваков тип на фондови?
Имајќи предвид дека доброволниот пензиски фонд започна да работи во 2010 година, веќе 13 години активно управуваме со доброволниот пензиски фонд, заштедите се скромни, 27 милиони евра средства во управување или вкупно на ниво на Македонија околу 60 милиони евра средства во управување. Има огромен потенцијал за развој во наредните години. Она што е доста интересно е да се разбуди потребата, особено кај младата генерација, за доброволно штедење. Младите генерации денес, особено по пандемијата и промените во животните навики, многу ретко се одлучуваат на пензиско штедење, бидејќи тоа е еден процес што треба да биде минимум 15 години. Она што е наша мисија за 2024 година е да ги доближиме придобивките до целните групи, да ги промовираме придобивките од доброволното пензиско штедење, бидејќи само на тој начин може да обезбедиме сигурна иднина.
БА: Дали освен младите, фокус ќе ви бидат и компаниите? Колку и тие имаат навика да им нудат на вработените одредени бенефиции од овој аспект – доброволно пензиско осигурување? Како што се мотив растот на платите или доброволното здравствено осигурување, така и доброволното пензиско штедење е мотив за вработените. Но колку нашите компании имаат таква практика?
Пазарот на трудот во последните години стана доста турбулентен, особено кај одредени профили. Она што може да се забележи во нашата индустрија е дека компаниите имаат сè поголем интерес да го користат доброволното штедење како бенефиција за своите вработени. Тоа особено го забележавме оваа година. Ние имаме околу 16.000 члена во доброволниот пензиски фонд, од нив 11.000 се членови од некоја пензиска шема, што само по себе говори дека има интерес, но сè уште има голем потенцијал, бидејќи имаме 280.000 члена во задолжителниот пензиски фонд, па ако го споредиме едното со другото, гледаме дека потенцијалот е огромен. Меѓутоа, компаниите сè повеќе го гледаат ова како еден вид бенефиција и допрва приватното пензиско штедење ќе биде атрактивно, особено за компаниите што сакаат да го задржат кадарот, бидејќи во моментот пазарот на трудот е турбулентен и тука ќе мора самите компании да пронаоѓаат начини за задржување и мотивирање на вработените.
БА: Како ќе пронаоѓате начини за зголемување на финансиската писменост и целта што ја споменавте – младите. Колку имаат осет и финансиска писменост кај нас граѓаните за бенефициите од вложувањето во ваков тип фондови?
Ние како индустрија имаме кампања организирана од пензиските друштва и регулаторот, а целта е да се зголеми свеста за пензиската заштеда и придобивките и од задолжителниот, а пред сè од доброволниот пензиски фонд. Дополнително, ние како компанија имаме кампања со цел да ги доближиме придобивките од штедењето, а и во иднина ќе се трудиме да имаме повеќе настани од ваков тип, повеќе настани во делот на финансиската писменост, трибини, социјални медиуми, таргетирање на целни групи што би биле во фокус на финансиското штедење.
БА: Еден интересен сегмент што добива сè поголемо значење во овој период е и одговорното и зелено инвестирање. Вие сте една од ретките компании кај нас што имплементираат ЕСГ-стандарди. Може ли да ни кажете нешто повеќе за вашите искуства со ЕСГ-инвестирањето и кои се придобивките?
ЕСГ е еден тренд што веќе постои извесен период во светот. Одговорното инвестирање значи, покрај обезбедување соодветен принос, да се има одговорност кон средината, компанијата и општеството и кон управувањето на корпорациите. Ние во 2021 година го применивме овој систем на одговорно инвестирање и направивме една трансформација на нашето портфолио. Индексните фондови, кои се значаен дел од нашето портфолио, ги заменивме со ЕСГ-индексни фондови и поради тоа имавме бенефиции на две страни. Најпрво таа година имавме повисок принос од старите индексни фондови, а од друга страна вложуваме во заедницата и се покажавме како општествено одговорна компанија. Изминатите години нашиот ЕСГ-скор е зголемен за 20 отсто, а јаглеродниот интензитет (carbon intensity) беше намален за 40 отсто. Ние сме едни од првите пензиски фондови што започнаа со ЕСГ-инвестирање и во континуитет ги следат тие трендови.
БА: Кои се најдобри опции за инвестирање во 2024 година?
Намалувањето на инфлацијата и растот на БДП ќе бидат главни двигатели за инвестициите во 2024 година. Во моментот сè уште остануваат обврзниците како најатрактивни инструменти за инвеститорите. Од друга страна, долгорочно гледано, ЕТФ историски покажуваат дека имаат подолг долгорочен принос, јас сепак би рекла дека тука остануваат компаниите, особено мегакомпаниите и компаниите што воведуваат нови трендови и нови технологии. Тоа се приближно видувањата за следна година.