Во целиот регион Адриjа годинава започна под знакот на инфлаторни притисоци, а економските показатели укажуваат на континуирана пазарна неизвесност. Македонија не е исклучок со оглед на тоа што од јули минатата година кога инфлацијата изнесуваше 2,2 проценти секој месец има пораст на трошоците на животот. Стапката на инфлација во јануари годинава во земјава достигна 4,9 проценти, што меѓудругото е резултат на растот на цените на храната.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Од шупливо во празно за враќање на кредитот за неизградениот автопат Кичево-Охрид
Во јули Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) немало пари да ја плати достасаната рата од кредитот кон кинеската „Експорт-импорт банка“ за изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Ратата ја платило Министерството за финансии затоа што е гарант на долговите на ЈПДП и затоа што била активирана државната гаранција.
ЈПДП ќе му ги врати парите на Министерството, но не веднаш, туку на 120 рати (10 години), без камата и со грејс период од пет години. Или ЈПДП ќе почне да се раздолжува со гарантот од 1 јули 2029 година. Тоа е потврдено и на владина седница минатата недела. „Блумберг Адрија“ вчера се обрати во финансиската служба во Јавното претпријатие. Оттаму ни рекоа дека годишно треба да плаќаат по две рати кон кинеската банка.
Среде војна урнавме рекорди во дел од трговијата со Русија и со Украина
Неделава беа одбележени три години откако на 24 февруари 2022 година почна војната во Украина, која освен што зеде голем број човечки жртви, посредно предизвика сериозни економски штети во Европа и на глобално ниво, пред сѐ поради поскапувањето на енергентите и, следствено, рекордната инфлација.
Сепак, се чини дека воените дејства не влијаеја премногу на трговските односи меѓу Македонија и двете завојувани земји (Русија и Украина). Нашата анализа покажа дека во изминативе три години има периоди во кои биле урнати рекорди во трговската размена на одредени производи меѓу Македонија од една страна и Русија и Украина од друга страна
ББА прогноза: Како ќе се движи цената на гасот?
Цената на природниот гас во Европа е за 80 проценти повисока од лани во исто време, но со истекот на зимата и пристигнувањето на потопло време очекуваме тренд на намалување на цените. Нешто постудено од очекуваното време предизвика големо нагорно поместување на почетокот на 2025 година, а капацитетите за складирање гас се испразнија побрзо од очекуваното.
Во моментов, европските магацини се на ниво на исполнетост од околу 40 проценти, што е за околу 20 п.п. пониско од истиот период минатата година, што дополнително ја зголеми цената. Повисоката цена на гасот ја задржува и прекинот на транзитот на гас од Русија, кој беше прекинат на почетокот на годината (околу 5 отсто од снабдувањето).
Инвеститорите пренасочуваат милијарди во фондови поврзани со вода
Обемот на средствата на фондовите чии инвестиции се насочени кон вода достигна рекордно ниво бидејќи финансиската индустрија реагира на изгледите за хроничен недостиг на вода во наредните години. Инвеститорите имаа 94 милијарди долари во фондови поврзани со вода минатата година, што е повеќе од 60 отсто во однос на 2020 година, според новиот извештај на „Блумберг интелиџенс“ (Bloomberg Intelligence-BI). Бројот на вакви фондови се зголемил за 184 во 2024 година, што е исто така рекорд, според БИ.
Средствата на фондовите растат паралелно со свеста дека на планетата ѝ снемува вода потребна за практично функционирање на сè, од земјоделство, до ладење центри за податоци, до основна потрошувачка на луѓето. Се предвидува дека побарувачката за питка вода ќе ја надмине понудата за 40 отсто до крајот на оваа деценија, посочуваат аналитичарите на БИ.
Што напиша Ворен Бафет во своето годишно писмо до акционерите
Во саботата беше објавено долгоочекуваното годишно писмо на легендарниот американски инвеститор Ворен Бафет до акционерите во неговата фирма „Беркшир Хатавеј“ (Berkshire Hathaway). Писмото беше објавено заедно со деловните резултати на фирмата за последниот квартал.Добивката на „Беркшир Хатавеј“ во последниот квартал ги надмина очекувањата на аналитичарите и порасна за 71 процент.
Резултатот е постигнат благодарение на повисоките каматни стапки, кои ги зголемија приходите од инвестициите на конгломератот и подобрувањето на осигурителниот бизнис. Кварталната оперативна добивка изнесуваше 14,5 милијарди долари, главно благодарение на скокот на приходите од 48 проценти од инвестициите во осигурување, кои достигнаа 4,1 милијарди долари, според „Блумберг“ (Bloomberg).