Подобрување на квалитетот на животот преку забрзување на економскиот раст е основната цел на реформскиот план „Визија за забрзан раст“ што го предлага организацијата „Македонија 2025“.
„Ние досега во нашата економија сме ги почувствувале тие високи стапки на економски раст на пет отсто, што значи дека можеме. Меѓутоа, предуслов е економијата да ни биде приоритет наместо политиката и секако дека треба да разбереме дека реформите се маратон, а не спринт“, вели Никица Мојсоска Блажевски, главна извршна директорка на „Македонија 2025“.
Она што го предлага „Македонија 2025“ е фокус на три области за кои смета дека ќе доведат до високи стапки на економски раст.
„Тие области се сеопфатна дигитализација на владините услуги за граѓаните и за компаниите, дигитализација на општините, меѓутоа исто така и дигитални компании. Понатаму пораст на конкурентноста на компаниите преку различен тип на мерки и, трето, искористување на потенцијалот на дијаспората и за инвестиции, меѓутоа и за живот, пензионирање во Македонија“, заклучува Мојсоска Блажевски.
Таа вели дека експертите во Македонија велат дека инфраструктурата за дигитализација е одлично поставена, меѓутоа она што најмногу недостига е волја за реализација.
„Ние сме сведоци дека доста услуги се нудат дигитално, меѓутоа ние немаме пристап односно би рекла дека не се користат“, вели Мојсоска Блажевски.
Таа додава дека средствата за инвестиции не се премногу големи, а „Македонија 2025“ нуди знаење, нуди луѓе и финансиски средства за да ѝ помогне на која било идна влада да го имплементира тоа.
„За нас, дигитализацијата исто така е многу важна алатка за намалување на корупцијата, а администрацијата ќе биде поефикасна. Значи, не велиме дека дигитализацијата е магична алатка, меѓутоа може многу да придонесе кон развој на економијата, намалување на корупцијата и зголемување на ефикасноста на администрацијата“, вели Мојсоска Блажевски.
Само пет отсто од македонските компании во моментов извезуваат, а меѓу најголемите извозници практично се странските инвеститори.
„Мислам дека треба да работиме на две области. Едната е на оние што веќе извезуваат да им создадеме подобри услови за да го прават тоа. Тука најмногу мислам на намалување на регулаторниот товар, меѓутоа исто така и на подобрување на инфраструктурата, дали е тоа патна или железничка инфраструктура, како и решавање на прашањето на пристаниште преку кое лесно и ефикасно македонските компании ќе можат да извезуваат, па и да увезуваат“, вели Мојсоска Блажевски.
Таа додава дека паралелно треба да се работи на создавање нови извозници.
„За нив мислам дека се најважни подобрувањето на бизнис-опкружувањето и намалувањето на регулативата, меѓутоа морам да ги споменам и владеењето на правото и намалувањето на корупцијата. Сето тоа создава бизнис-амбиент во кој компаниите можат брзо да растат и со тоа да станат и добри извозници“, вели Мојсоска Блажевски.
Исто така, таа нагласува дека моделот за привлекување странски инвестиции што се користеше досега веќе е застарен.
„Моделот се базираше главно на квантитетот на работна сила и евтина работна сила, кој свесни сме дека веќе го немаме во државата. Така што сметаме дека за моделот треба да се размисли, да се базира на квалитетна работна сила, тука зборувам на понуда на инженери од сите области. Меѓутоа, исто така, мора да дојде и до подобрување на целата инфраструктура. Тоа е многу важно за сите странски инвеститори. И, секако, да имаме една конзистентна политика, која нема да се менува во зависност од тоа кои се владите“, заклучува Мојсоска Блажевски.