Развојот на новите технологии, особено вештачката интелигенција, прави сериозни поместувања и промени на пазарот на трудот.
ВИ штотуку почнува да го гради своето економско влијание и не може во целост да се разбере влијанието што ќе го има врз бизнисите и работата бидејќи трендот штотуку почнува, порача главната директорка за технологија на „Опен еј-ај“ (OpenAI Inc.), Мира Мурати.
Некои од професиите се усовршуваат и надградуваат со помош на новите технологии, додека други, пак, се чини полека „ги гази“ вештачката интелигенција.
„За жал, ВИ за некого е мајка, за некого маќеа. Станува збор за големи промени на пазарот на трудот и не знаеме каде ќе движат во иднина“, вели и Горјан Стојановски, кој долги години работи на фриленс-проекти.
Горјан Стојановски
Bloomberg Adria
Тој посочува дека поради новите трендови брзо се менува и пазарот за фриленс-работа.
„Оваа вештачка интелигенција во моментов барем на повеќето од нас ни овозможува да сме побрзи и поефикасни во она што го работиме и може да се заработи повеќе, бидејќи може да се сработат повеќе проекти. Но, за жал, за одредени професии тоа не е така. Први на удар од ВИ беа луѓето што пишуваат одредени текстови за проекти, за веб-страници, блогови итн.“, вели Стојановски.
Во наредниот период тој очекува на пазарот да се бараат кадри што ќе знаат да ја користат и развиваат вештачката интелигенција.
„Сите фирми се свесни дека на пазарот нема простор за неефикасност, ако станете неефикасни, бавни и скапи, другите што ќе се адаптираат на новите технологии пред вас ќе ве 'изедат'. Гледаме дека сите компании бараат луѓе што се запознаени и знаат да ги користат новите алатки за да воведат комплетно нови процеси и да им ги намалат трошоците. Сепак, за жал, тоа значи дека некаде ќе се скратат одредени места. Еве, од две компании во кои сум ангажиран, во едната дојде до намалување на работните места од 10-20 проценти, па вработените или мораа да преминат во друг сектор или да ја напуштат компанијата. Дефинитивно промените сега за сега се релативно мали, но очекувам во наредните години тој тренд да се забрза и оние професии што ќе им помогнат на компаниите комплетно да се интегрираат, да го обучат својот кадар, да ги приспособат своите процеси, дефинитивно мислам дека ќе бидат најбараните професии во наредните три до пет години“, вели тој.
Горјан Стојановски (ТВ-гостување)
Bloomberg Adria
Коментирајќи ги генерално условите за фриленс-работа кај нас, Стојановски ги истакна и законската регулатива и потребата од одредени измени и олеснувања за фриленсерите да излезат од сивата зона.
„Дефинитивно овде имаме многу простор за промени и подобрувања, бидејќи нашата заедница расте. Има одредени промени, на пример за разлика од пред неколку години, сега банките се поотворени во докажување на кредитоспособноста на фриленсерите, префрлањето пари итн. Можам да кажам дека оние фриленсери што работат во ова поле веќе се навикнаа да функционираат со постојната законска регулатива. Но дефинитивно може да се направат промени за да се привлечат и охрабрат новите граѓани што влегуваат на фриленс-пазарот, а за почеток немаат големи примања или се недоволно едуцирани како самите да си пополнат УЈП-пријава за да можат да го пријават тој приход. Тука е потребна едукација, развој на подобри сајтови што ќе бидат водичи на самата платформа, да речеме на УЈП, за секој да може лесно да се информира и да функционира во даночниот систем. Друга работа што мислам дека може да се направи е да се олеснат одредени процедури за да може и ние да привлечеме фриленсери од други држави. Како држава сме интересни, само треба малку да им го олесниме функционирањето на фриленсерите и да станеме популарна дестинација“, посочува Стојановски.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...