Европската централна банка (ЕЦБ) следната недела носи одлука за пад на каматните стапки, а истиот потег многу веројатно е дека ќе го следи и НБРМ. Со оглед на синхронизираноста во водењето на монетарните политики, особено со ЕЦБ, очекувањата се дека и НБРМ ќе оди со намалување на каматите.
„Тука значајна улога игра и инфлацијата и доколку има тренд на намалување и се движи во некој посакуван правец, мислам дека наскоро би требало да се случи намалување на каматните стапки и од страна на НБРМ“, вели Горан Марковски, главен извршен директор на „КБ публикум“, во интервју за „Зум ин“ на „Блумберг Адрија“.
За разлика од САД, состојбите во еврозоната многу повеќе дозволуваат процесот на намалување на каматните стапки да тргне поскоро и тоа да биде подинамично.
Горан Марковски
Bloomberg Adria
Пазари на капитал
Генерално, краткорочните движења и очекувањата до крајот на годината се тесно поврзани со движењата и очекувањата за каматните стапки.
„Во моментов во целина пазарот на капитал, особено кај развиените економии, е поставен на основно сценарио во кое треба да дојде до постепено приземјување на економиите. Тоа во принцип значи дека економскиот раст ќе се задржи и во наредниот период, а од друга страна ќе имаме постепено намалување на инфлацијата и со самото тоа ќе се отвори простор за понатамошно намалување на каматните стапки“, вели Марковски.
Последните движења на пазарите на капитал се доминирани од информациите што беа објавени минатата недела во однос на најавите на Фед за каматните стапки.
Тоа влијае негативно на пазарите на капитал, кои се во очекување на поскоро и подинамично намалување на каматните стапки, а од друга страна последните изјави беа во спротивна насока и од таа причина има корекција.
Емисија „Зум ин“ со Наташа Стојановска
Bloomberg Adria
Македонскиот берзански индекс со најголем раст во регионот
Од почетокот на годината до денес МБИ има најдобри перформанси во регионот, со раст од 19 проценти. Растот на МБИ е поттикнат од банкарскиот сектор, кој сочинува 43 проценти од вкупниот индекс. Во првиот квартал од 2024 година трите најголеми банки во Македонија забележаа просечен раст од 24 проценти на годишно ниво кај нето-приходите од камати.
„Генерално, тој раст се должи на зголемените нето-приходи од камати кај банките, кои и во текот на годинава продолжуваат да се остваруваат со непроменето темпо“, вели Марковски.
За втората половина од 2024 година се очекува продолжување на солидните перформанси на пазарот на акции во регионот.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...