Се очекува дека НБРМ ќе ги следи потезите на ЕЦБ, која одлучи да ги остави истите каматни стапки на состанокот во текот на вчерашниот ден. Со ова се согласуваат Горан Марковски, главен извршен директор на „КБ Публикум инвест“, и Васко Богдановски, извршен директор на „Опфолио“, кои зборуваа за „Зум ин“ на „Блумберг Адрија“.
„Генерално, очекувам НБРМ да реагира по ЕЦБ“, вели Богдановски.
„НБРМ води синхронизирана монетарна политика со централните банки на сите развиени економии и тоа што ќе се случува првенствено во европската монетарна зона ќе се проследи и тука“, вели Марковски.
Тој додава дека очекува намалување на каматните стапки и во Македонија, но со оглед на тоа што претстојат избори, се очекува дека фискалната политика ќе биде поекспанзивна и тоа може негативно да влијае на краток рок врз инфлацијата.
„Од тие причини може да има и краткорочно отстапување на монетарната политика во Македонија од еврозоната. Но, на крајот на годината очекувам да имаме каматни стапки што, мерени низ призмата на референтната каматна стапка, би биле во распон од 4,5 до 5 отсто“, вели Марковски.
Поддршка од Светската банка за Македонија
Светската банка одобри околу 700 милиони долари за спроведување на новата стратегија за соработка со Македонија. „Оваа рамка всушност е четиригодишна рамка, која претставува сет на проекти, техничка помош, аналитички производи, трансфер на знаење, кои се распределени во наредниот четиригодишен период“, вели Нина Фити Неделковска, советничка на извршниот директор во холандската конституенца, претставник на Македонија.
Таа додава дека станува збор за сеопфатен и комплексен процес за развивање на оваа стратегија, на која ѝ претходи изработка на систематска дијагностика на земјата што ги детектира сите состојби во економијата, меѓутоа и пошироко во општеството.
„Врз основа на оваа дијагностика и консултациите со сите засегнати страни во општеството се доаѓа до една добро информирана, аргументирана стратегија, меѓутоа и добро консултирана со сите засегнати страни, вклучувајќи го и меѓународниот фактор“, вели Неделковска.
Неделковска посочува дека Светската банка и претходно има тековно портфолио и ова претставува само континуитет на програмата што ја спроведува.
„Во смисла на тоа дека ќе се продолжи да се инвестира во човечки капитал, конкретно во оваа рамка се издвојуваат околу 80 милиони американски долари, во реформи за образование, здравство и социјала“, вели Неделковска.
Таа додава дека Владата изработи и стратегија со техничка помош на Светската банка за унапредување на квалитетот на човечкиот капитал, што всушност ги поставува и базите за основните реформи предвидени во овие сектори. „Меѓутоа исто така подобро, поефикасно трошење на финансирањето и подобра достапност на сите овие услуги за граѓаните“, заклучува Неделковска.