Само пет отсто од македонските компании извезуваат, но потенцијалот на економијата е поголем за што треба промена на политиките смета бизнис секторот. Во првите четири месеци од годинава извозот бележи пад, додека увозот расте. Како да се сменат овие податоци? Економистите и бизнис секторот, сметаат дека се потребни реформи.
„Изминативе дваесетина и повеќе години многу малку креатори на економски политики односно владини структури се занимавале со прашањето за потребата од промена на економската структура на македонската економија. Имено, во 90-те години сме имале релативно учество во БДП на преработувачката индустрија околу 30 отсто, а сега имаме околу 13,5 отсто. Тоа е едниот аспект и во таа насока мислам дека идната влада конечно мора да се зафати со решавање на тоа прашање“, вели Дарко Лазаров, претседател на Клубот на извозници при СКСМ.
Дарко Лазаров во „Зум ин“ со Наташа Стојановска
Bloomberg Adria
Тој очекува овие прашања конечно да бидат клучен приоритет за испорачување на повисоки стапки на економски раст.
Додава оти смета дека македонската економија има сериозен неискористен извозен потенцијал.
„Некаде околу 10 отсто би можел извозот да расте на годишна основа до 2028-та година. Според нашите анализи извозот би можел да достигне над 13 милијарди евра или околу 70 отсто учество во бруто домашниот производ. Но, она што е важно е колку тој извоз ќе генерира позитивен импакт за националната економија во контекст на растот на бруто домашниот производ, во контекст на креирање на нови високоплатени работни места итн.“, вели Лазаров.
Тој додава дека најголемиот предизвик за идната Влада е како домашните компании да ги вклучи во ланците на снабдување на странските компании во индустриските зони. Дополнително, во наредниот период важно е како странски директни инвестиции ќе доаѓаат во Македонија со цел да се зголеми домашната додадена вредност на тој извоз во зоните, односно да се намали увозната компонента на тој извоз.
Вториот сегмент е како да се стимулираат македонските компании да произведуваат производи со поголема додадена вредност, но и да се градат македонски препознатливи брендови односно компании чии производи ќе бидат присутни и на регионалните и на глобалните пазари.
„Тука и министерството за надворешни работи треба активно да се вклучи преку искористување на дипломатската инфраструктура“, вели Лазаров.
Bloomberg Adria
Според податоците на Државниот завод за статистика во првите четири месеци од годинава извозот бележи пад додака раст има кај увозот. Односно во периодот јануари - април 2024 година, извозот изнесува 162 549.4 милиони денари и бележи пад од 5.5 отсто во однос на истиот период од претходната година.
Bloomberg Adria
Вредноста на увезената стока, во периодот јануари - април 2024 година, изнесува 231 266.5 милиони денари, што е за 3.7 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари - април 2024 година, изнесува 68 717.0 милиони денари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари - април 2024, изнесува 70.3 отсто.
Bloomberg Adria
„Во Македонија во првите четири месеци од 2024 година извозот е намален во однос на истиот период од претходната година. За жал, истата ситуација ја согледуваме и во нашата компанија. Релевантно е и за нашиот сектор“, вели Евгенија Ѓорѓиеска извршна директорка во Ламинати.ком.
Евгенија Ѓорѓиеска (гостување во „Зум ин“)
Bloomberg Adria
Таа додава дека за слабата конкурентност на компаниите важни се повеќе фактори.
„Цената е можеби и еден од најбитните фактори. Според нашите анализи, причината за пад на извозот во нашата компанија во 2024 година се должи токму на неконкурентноста во однос на цената. Ние направивме детални интервјуа со нашите клиенти зашто голем дел од нашите понуди се одбиени од нивна страна и одговорот е дека не сме конкурентни, поточно дека нашите конкуренти од Европа даваат многу подобри понуди“, вели Ѓорѓиеска.
Токму затоа таа смета дека е потребна промена и кај даночната и кај царинската политика.
„Извозните компании кога би имале можност да бидат ослободени од данок на добивка во тој случај уште од старт би биле поконкурентни, секако тука се царинските трошоци и царинските давачки, особено во однос на суровините коишто се увезуваат надвор од државата, а служат директно во производство и понатаму на нив се додава одредена додадена вредност“, вели Ѓорѓиеска.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...