Дефицитот од кадар е сериозен проблем речиси за секоја дејност во државата. Загрижувачка е и состојбата во градежништвото, каде што, според стручната фела, покрај тоа што недостигаат градежни инженери за изградба на нови проекти, нема ниту кадар што ќе ги одржува постојните.
„Имаме сериозни инфраструктурни проекти што треба да се одржуваат, за што е потребен стручен кадар, кој го имаме сè помалку. А според тенденцијата за упис на Градежниот факултет, може да се заклучи дека во иднина ќе биде уште полошо. Потребна ни е стратегија, бидејќи без домашни градежници не може да егзистира државата. Ние немаме ниту економска моќ за да можеме да увеземе квалитетни кадри. Дури и да мислиме дека увозот е решение, тој ќе се сведе на привлекување кадар што не е на нивото што ќе ни биде потребно. Значи треба да се подобрат условите во компаниите, тие да станат свесни дека мора да вложуваат во својот кадар, бидејќи механизација лесно се купува, но не е лесно да се најде добар инженер“, вели деканот на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски.
Блумберг Адрија ТВ
Коментирајќи го вреднувањето на трудот на инженерите, Марковски смета дека единствен начин реално да се зголемат цените на проектирањето, а со тоа да им се овозможат и повисоки примања на инженерите и да се мотивираат да останат во професијата, е да се воведе јасно дефинирана одговорност за квалитетот на проектната документација.
„Квалитетен проект не може да се направи набрзина, за квалитетен проект се потребни и знаење и време. Стекнувањето знаење чини, треба човек да вложува за да може да се едуцира постојано, да може да растат неговите стручни капацитети и кога ќе се земе сето тоа и ќе се додаде одговорноста за лошо изработена проектна документација, тогаш цената сама по себе ќе се крене нагоре. Тарифникот обезбедува некаков минимум на цена, меѓутоа, од друга страна, ние треба да дефинираме и што е минимум квалитет што треба да биде испорачан за таа минимална цена. Според мене, ваквите проблеми не можат да се решат со некакви декларативни и декоративни ценовници“, вели Марковски.
Блумберг Адрија ТВ
Со Марковски зборувавме и околу потребата од итна имплементација на европските стандарди во градежништвото или еврокодовите.
Европските прописи чија имплементација досега се одложуваше, освен што треба да обезбедат поквалитетни и посигурни и одржливи градби, треба да обезбедат и конкурентност на македонските инженери дома и во странство.
„Се надевам дека од септември конечно европските стандарди за проектирање конструкции ќе бидат единствените стандарди по кои ќе може да се проектираат конструкциите и во нашата држава. Станува збор за група од десетина стандарди што практично ја покриваат целата оваа област, а во земјите членки на ЕУ тие се на важност од 2010 година. Тие се практично дел од една огромна група на европски стандарди што се однесуваат на градежништвото и во кои се вградени најновите достигнувања на овој сектор, така што колку побрзо се имплементираат во домашната регулатива толку подобро за нас“, вели деканот на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски.
На прашањето зошто компаниите бавно ги прифаќаат новите стандарди, Марковски смета дека, меѓу другото, проблем се стравот и скептицизмот од промени.
„Стравот од знаење е една интересна карактеристика, веројатно тоа може повеќе да го образложат психолозите, зошто кај луѓето постои тешкотија и една неудобност кога треба да се совлада нешто ново. Мислам дека тоа е главната причина за оние што проектираат и се чувствуваат побезбедно во она што веќе го имаат работено со децении. Меѓутоа изостанувањето на овие стандарди значи издвојување од целиот европски континент. Многу е важно да ги прифатиме, затоа што со нив ќе имаме поквалитетни конструкции и потрајни конструкции и ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании, за да може да работат и за странскиот пазар. И нашата држава, која има еден голем проблем на одлив на млади инженери, ќе има двојна добивка - прво инженерите на пример ќе можат користејќи ќе дигиталните алатки да работат и оттука за странски компании и секако цената на нивниот труд ќе биде повисока, со што ќе се зголеми интересот за изучување на овие струки, кој во последно време е загрижувачки мал“, вели Марковски.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...