Сè поголем дел од буџетите за маркетинг на компаниите се насочува кон дигиталните алатки за рекламирање.
На нашата сцена доминираат Инстаграм и Фејсбук, но во последно време сè поголем замав зема и Тикток, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Наташа Велковска, директорка за пиар и продукција на „Репрезент комуникејшнс“ (Represent Communications Macedonia).
„Во Македонија телевизијата сè уште има значително влијание и има традиционални огласувачи. Но она што ме радува е што традиционалните телевизии во последниве години некако се обидуваат да го преведат наративот и во дигиталните канали и социјалните мрежи, што е добро за да можат на огласувачите да им понудат нешто повеќе од само секундажа во рекламен блок пред турска серија или пред вести. Ако зборуваме за доминантност - доминираат платформите на 'Мета' - како Инстаграм и Фејсбук, пред сè поради големиот опфат на корисници и нормално е компаниите да ги насочат своите буџети кон тие мрежи за да стигнат до поголем број потрошувачи. Нешто што особено ме радува е тоа што во Македонија сè попопуларен е Тикток како мрежа што има голем потенцијал и автентичност“, вели таа.
Наташа Велковска
Bloomberg Adria
Но како да се направи добра реклама што ќе стигне до што е можно поголем број потрошувачи? Велковска вели дека автентичноста, креативноста и персонализацијата како концепт секогаш се во тренд. Таа додава дека сè поголем број компании вложуваат во инфлуенсерскиот маркетинг.
„Ако зборуваме од аспект на реализација, во последниве години и глобално и локално евидентен е растот на инфлуенсерскиот маркетинг. Има и еден тренд што глобално можеби е поевидентен, меѓутоа очекувам многу брзо да се рефлектира и кај нас, а тоа е поместување на фокусот од она што досега беше исклучително важно како колку кликови и коментари ќе имате на една објава, кон тоа какви се ефектот и содржината на тие коментари, односно како се рефлектираат вашите напори врз репутацијата, имиџот на компанијата итн. Што се однесува на пиарот, верувам дека во време на дигитален пиар полека се губи смислата на класичната прес-конференција“, вели Велковска.
Наташа Велковска (ТВ-гостување)
Bloomberg Adria
Промените во работењето и креирањето на маркетинг-стратегиите во кои сè поголем дел заземаат дигиталните алатки се резултат на развојот на новите технологиите и промените што тие ги носат.
Од тој аспект, големо е влијанието и на вештачката интелигенција, за која Велковски вели дека им отвора голем број можности на компаниите во оваа индустрија.
„Новите технологии, конкретно вештачките интелигенција, во голема мера ја олеснуваат работата на пиар маркетинг-тимовите затоа што овозможуваат персонализирана содржина, анализи, автоматизирање на извештаите и слично, а нудат и алатки за изразување на креативноста, односно нудат можност за поефикасно и ефективно работење и штедење на време. Има голем број апликации за изработка на кратки видеосодржини што ви овозможуваат за кратко време да имате готово видео заедно со графика, натписи итн. Што се однесува на ЧетГПТ, не верувам дека некој во оваа индустрија не го пробал, а многумина веќе професионално на дневна база го користиме. Така што очигледно е дека вештачката интелигенција отвора многу нови можности, важно да бидеме љубопитни, да се едуцираме и да внимаваме на некои етички стандарди“, вели Велковска.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...