Над 7 проценти од БДП на ЕУ се генерирани од автомобилската индустрија. Но се отвора прашањето дали ентузијазмот на потрошувачите за електрични возила опаѓа поради високите цени и недостигот од инфраструктура.
„Продажбата на возила во Европа во првата половина на годината има раст од околу 4,5 отсто во однос на минатата година, но, од друга страна, оваа бројка е околу 18 отсто помала од продажбите во претпандемиските години“, вели Виктор Мизо, генерален директор на „Костал Македонија“ и заменик-претседател за односи со владини институции во „Костал“.
„Тоа значи дека сме далеку од нивото на продажби што го имавме пред 2021 година. Она што е интересно се трендовите. И тука гледаме дека она што значеше брза електрификација во Европа минатата година полека но сигурно забавува“, вели Мизо.
Виктор Мизо (ТВ-гостување)
Bloomberg Adria
Тој додава дека само 14,4 отсто од сите возила биле целосно електрични возила, што е намалување од 0,7 отсто споредено со минатата година, а единствено мало зголемување има кај хибридните возила.
Уделот на кинеските брендови на европскиот пазар станува сè поголем.
„Во првата половина од годинава околу 70.000 возила што беа продадени на европскиот пазар беа електрични возила од кинески брендови, што е зголемување за околу 26 отсто споредено со првата половина во 2023 година“, вели Мизо.
Тој додава дека она што е поинтересно е дека голем дел електрични возила што се продаваат во Европа не се само кинески брендови туку и европски или американски брендови што се произведуваат во Кина.
„ЕУ пред неколку недели воведе тарифи за електричните возила произведени во Кина. Тие тарифи одат некаде од 18 до 37 отсто и ова сигурно ќе има ефект во втората половина од годинава“, вели Мизо.
Мизо додава дека германската автомобилска индустрија се противеше и сè уште се противи на оваа потенцијална тарифна војна или царинска војна со Кина бидејќи можноста за одговор од кинеската страна може навистина да ја погоди европската автомобилска индустрија. Тоа доаѓа оттаму што најголем број германски производители на возила профитот го прават со продажбите во Кина.
„Од таа гледна точка мора да земеме предвид и дека за конкурентноста на Европа ќе биде подобро да соработува со кинеските производители отколку да влезе во една ваква трговска војна, бидејќи знаеме дека ваква трговска војна веќе постои помеѓу САД и Кина“, вели Мизо.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...