Турските туристи се најмногубројни во Македонија во последните години. Бројот на турски туристи од 2019 година досега се зголемил за 56,8 отсто, а балканската статистика покажува дека бројот на турските туристи на кружните патувања во последните две години е во голем пораст, посочува универзитетскиот професор Љупчо Јаневски во интервју за ТВ Блумберг Адрија.
„Но она што се забележува е дека во последните две години турските туристи се задржуваат помалку во Македонија. А веројатно една од причините е што државата губи од атрактивноста“, вели Јаневски.
Дополнително тој смета дека треба да се смени начинот на субвенционирање во туристичкиот сектор.
„Важно е да направиме туристите да останат подолго на туристичките дестинации, а за тоа нашите туроператори треба да бидат носители на аранжманите, а не сервисери во дестинациите. На тој начин ќе ја постават дестинацијата со една или две вечери повеќе. Затоа е потребно менување на системот на субвенционирање, кој е застарен и кој треба да биде фокусиран на поголем стимул на туроператорите“, вели Јаневски.
Во овој момент нашите туроператори се сервисери во дестинацијата, додека странските туроператори се носители на балканските тури и на тој начин самиот туроператор во зависност од исплатливоста и од стимулациите, одлучува да остане во одредена дестинација повеќе или помалку.
Јаневски посочува дека ако споредиме, ќе видиме дека 2023 година е рекордна во туристичката индустрија, со туристички промет што е блиску до речиси 600 милиони долари.
„Но ако ги погледнеме другите податоци, ќе видиме дека кумулативноста на турските туристи дава една искривена слика за дестинацијата. Во 2024 година ќе има некој мал раст во однос на 2019 година по бројот на туристи. Ако ги погледнеме првите четири месеци, ќе видиме дека имаме раст околу шест проценти, но сè уште не сме ја достигнале бројката на остварени ноќевања од 2019 година. Тоа е поради отсутноста на повеќедневни аранжмани или, споредбено, сè уште ги имаме негативните бројки за холандските, полските, грчките и бугарските туристи, кои се традиционални во нашите дестинации“, вели Јаневски.
Тој додава дека повеќе треба да се фокусираме на традиционалните пазари, со поголема промоција, која смета дека во 2024 година изостанува и ќе се одрази негативно на 2025 година.