Тончи Тадиќ, нуклеарен физичар од институтот „Руѓер Бошковиќ“, е менаџер на хрватските активности за фузија во рамките на конзорциумот „Еурофужн“ (EUROfusion) и координатор на советот на европскиот проект ДОНЕС (DONES-PreP).
На крајот од минатата година во Загреб, при посетата на шпанскиот крал Филип Втори, беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу хрватското и шпанското министерство за наука за соработка на проектот ДОНЕС (DEMO Oriented Neutron Source). Ќе го гради европската агенција „Фузија за енергија“ (ФФЕ) во Гранада, Андалузија, а проектот за изградба на тој високотехнолошки уред треба да почне во 2023 година и да трае меѓу осум и десет години. ДОНЕС, вреден околу 690 милиони евра, е вториот по големина и најважен уред во нуклеарната програма на ЕУ.
Прв е ИТЕР (Меѓународен термонуклеарен експериментален реактор), вреден околу 22 милијарди евра, најголемиот меѓународен научен проект на денешницата на кој соработуваат ЕУ, Кина, Јапонија, Јужна Кореја, Индија, Русија и САД. Овие политички често спротивставени земји се обединети во заедничката намера да создадат „минијатурно сонце“ на Земјата, односно да ги решат енергетските проблеми на нашата планета преку фузиско производство на енергија. Изградбата на ИТЕР почна во 2006 година, во францускиот нуклеарен центар „Кадараш“, а се очекува да заврши околу 2025 година. Тадиќ и институтот „Руѓер Бошковиќ“ се вклучени и во таа приказна.
„На светско ниво, само пет проценти од енергијата се произведуваат од обновливи извори. Тоа не е проблем само поради глобалното затоплување туку и затоа што фосилните горива не се достапни во неограничени количества. Фузијата е еден од можните одговори на тој проблем “, порача Тадиќ.