Најскапата вила во Лондон е објавена на оглас за продажба. Вилата „Knightsbridge“, која се наоѓа непосредно до Хајд Парк, ја нуди компанијата “Beauchamp Estates“, наведува извор на Блумберг запознаен со понудата. Сопственици на вилата се семејството на Хуи Ка Јан, генерален директор на компанијата „China Evergrande Group“.
Сегашните сопственици ја купија вилата пред помалку од три години. Според катастарските изводи, купувачот, во случајов компанијата „Vision Perfect Global Limited“, со седиште на Британските Девствени Острови, имотот со 45 соби го купи во април 2020 година за 210 милиони фунти.
Портпаролот на компанијата „Beauchamp Estates“ не сакаше да коментира во врска со ова, а ист е случајот и со претставниците на компанијата „China Evergrande Group“.
Хуи, некогаш најбогатиот човек на Кина, почна да го распродава својот имот откако колабираше пазарот на недвижнини во Кина поради што неговата, но и други компании мораше да прогласат банкрот. Неговото богатство падна на околу 6 милијарди долари од 30 милијарди, колку што имаше во 2019 година.