Одговорите на ова интервју кои ги добивме деновиве, Мартина Димоска ги напиша служејќи „мисија на Марс“ на UND ILMAH (University of North Dakota – Integrated Lunar Martian Analog Habitat), спонзорирана од НАСА. Станува збор за таканаречена аналогна мисија, а токму тие се од огромна вредност за научната вселенска заедница. Ова ја прави Димоска прв аналоген астронаут, односно прв Балкански аналоген астронаут што е жена. За нејзе ова, како што вели, е посебна гордост, за нас исклучителна чест што зборувавме со неа додека е на мисија. А посебно не воодушевува нејзината интелегенција, смиреност, одмереност. Мартина Димоска е Македонка и таа е еден од најинспиративните соговорници на вашиот репортер. Зборувавме за тоа како стаса до таму, но првично за актуелната аналогна мисија.
Димоска што се аналогни мисии и што вие правите во моментов?
Димоска: Тоа се мисии кои што со своите услови мимицираат некое вселенско сценарио - односно живеење во Вселенски брод, на Месечината, на Марс, на некој астероид и слично, но мисиите се одржуваат на Земјата. Астронаутите редовно користат аналогни мисии при нивниот тренинг на кои се подготвуваат на поинаквиот начин на живот, изолацијата и екстремните вселенски услови. Најчесто овие мисии имаат тежок и напорен распоред, тренинзи и подготовки, но и многу научни експерименти. Астронаутите се лишени од нормалниот живот, а екипажот кој се состои од само неколкумина го одржува целото живеалиште. Фокусот е во автономноста. Ова всушност најдобро може да се објасни како „служење на војска“ и таквиот начин на почитување на хиерархија и послушност.
Овие мисии служат за тестирање на хардверските и оперативните концепти покрај човечкиот екипаж. Тие се од огромна вредност на научната вселенска заедница и затоа ми е многу драго што сум првиот аналоген астронаут, но и првиот Балкански аналоген астронаут што е жена.
Во моментов ја служам 14-тата мисија на УНД ИЛМАХ (Интегрирано аналогно живеалиште за Месечината и за Марс) финансирана од НАСА и има титула „Офицер за наука“. „Затворени“ сме 21 ден на Марс, целосно отсечени од светот со задоцнета комуникација од 20 минути во еден правец поради далечината меѓу Земјата и Марс. Во ова Марсовско сценарио, заедно со моите двајца членови на екипажот, Командантот на Мисијата Тарун Бандемегала и Инженерот за летање Праника Гупта, ќе извршиме неколку истражувања.
Какви истражувања правите?
Димоска: Од оние што може да ги наброиме јавно секако се - собирање ЕЕГ податоци (се скенира твојот мозок со метод на Електроенцефалографијата). Овие ЕЕГ податоци се собираат додека летаме дронови на различен терен. При снимањето на тие електрични импулси на нашиот мозок со ЕЕГ, што е долготраен вселенски лет (Англиски: Long Duration Space Flight - LDSF) и тоа може да влијае на когнитивното распаѓање и се истражува и можноста на нашата меморија „да се потсетува“ при истражувањата. Овие експерименти се развиени од д-р Тери Ректор.
Друго истражување е 20-минутно еднонасочно (вкупно 40 минути) постојано одложување на комуникацијата преку онлајн-системот ECHO, развиен од докторот за вселенски студии Дарио Шор.
Потоа, се истражува изведбата на контролорите на мисијата во текот на временски одложени комуникации, развиена од Space Studies M.S. Медисон Дајмонд.
Се прави и студија за вежбање CardioBreath. Тоа е научна соработка развиена од Универзитетот Симон Фрејзер во партнерство со Канадската Вселенска Агенција, НАСА и УНД. Истите одела се присутни и на ISS (Интернационалната Вселенска Станица).
Се прават и истражувања поврзани со растителни модули, осносно истражувања со растенија, каде што садиме брзорастечки семиња наменети за вселенско патување, садиме и microgreens, како и Hamama. Имаме уред наречен ЕxoLab кој што „фаќа“ јаглеродниот диоксид, наменет за да помогне при опстојувањето на живот на Земјата и во Вселената. Вакви уреди има и на ISS (Интернационалната Вселенска Станица) и може да се прават взаемни истражувања за да се воочат разликите меѓу Земјата и Вселената, но и да се испрати самиот уред на ISS.
Теренски се тестира подобрената верзија на вселенското оделото UND NDX2-AT EVA, при EVA Екстравехикуларни активности, односно ова се добро познатите „Вселенски Прошетки“ или Space Walks.
Во текот на мисијата правиме дополнителни екскурзии со ровер и собираме примероци, но и геолошки ги испитуваме во модулот за геологија, имаме доста истражувања што опфаќаат микробиологија, истражувања поврзани со 3D печатење и многу други експерименти за кои што не смееме се уште да изнесуваме јавни податоци.
Се прават и индивидуални проекти на екипажот и проекти за опфат на екипажот како и индивидуални активности што ја вклучуваат јавноста за да ја доближиме во вселенскиот сектор. Па така, јас на мојот инстаграм профил @astro_smarta објавив адреса каде што луѓе од целиот свет ми испраѓаат писма и честитки за кои подоцна ќе снимам видео од живеалиштето и тоа ќе го проследиме на социјалните медиуми.
Една од најдрагите случки што беше што токму од NASA ScAN ми испратија персонализиран пакет за да не развесели и да ни даде интересни занимливости додека сме тука со цел да не опушти после долгите работни денови исполнети со експерименти.
Патот полн со предизвици, возбуда, гордост, желба, посветеност
Димоска кога се подготвував за ова интервју разбрав дека за прв пат вистински имам проблем да составам прашања. Едно се емоциите за вашата импресивност, други се сознанието и фактот дека не разбирам многу од вашата специјалност. Сепак ве прашувам, со оглед на тоа што Македонија нема воопшто развиена вселенска индустрија како вие сте впрочем студент на „ISU“ . Како дојдовте до тој вселенски сектор, што му претходеше на тоа?
Димоска: До вселенскиот сектор дојдов поради мојата непресушна љубопитност и желбата константно да осознавам нови работи. Таа сфера има толку многу неодгатнати прашања што се возбудливи за научната фела, и тоа редовно ми претставуваше восхит и инспирација.
Самата вселенска индустрија во нејзиниот зачеток беше „Дивиот Запад“ па со тоа и јас не знаев од каде да почнам, но, бидејќи од рана возраст волонтирам, почнав токму со волонтирање. Се пријавував на секакви настани од таков калибар, каде што покрај тоа што ќе придонесам за нивна реализација, ќе ме надградат и ќе научам нешто. Учествував и на многу натпревари и хакатони, каде што со години градев мрежа од многу важни контакти која пак ми овозможуваше да одам се подалеку. ISU или познат како International Space University е еден од светските лулки на „Вселенското описменување“ каде што имаме клучна едукација од речиси секое релевантно поле во овој сектор. Студиите се навистина напорни и има тешки модули, но затоа студентите од таму излегуваат подготвени за оваа индустрија која е психофизички предизвикувачка. Бидејќи нашите предмети покриваат многу обемен материјал, кој што е обработен и теоретски и практично, тој голем дијапазон најчесто е спакуван во еден предмет кој го користи префиксот „вселенски“. Па бидејќи сум инженер, навистина уживав во орбиталната механика, вселенското инженерство и вселенските апликации, вселенската наука и човечките перформанси во вселената, како едни од моите омилени предмети. Меѓутоа, бев изложена и на многу други предмети, како вселенска фармакологија, вселенско претприемништво, научив доста за културата во овие кругови, историјата, економијата, и имав шанса да искусам еден комплетен пристап од универзитетот, пренесен преку моите ценети професори. Ова сестрано искуство навистина ги збогати моите видици.
Но да дојдам до тука не беше воопшто лесно. Пред се, преку мојот интерес и мојата континуирана волонтерска работа на се поврзано со вселената, и пасијата да научам што е можно повеќе ме донесе тука. Овој пат беше проследен со многу жртви. Се носев на мој грб, и за да припаѓам во една ваква престижна индустрија во која што самиот влез на еден симпозиум кошта премногу, го одработував сама. Иако често морав да работам многу понапорно од другите, и да се издржувам целосно сама без ничија помош од дома, зошто на Балканот немаме стипендии за таква индустрија, и да се натпреварувам на еден светски пазар, против цел свет за да заслужам место, мислам дека вредеше. Пред оваа програма, дипломирав и на Commercial Space Studies на Florida Institute of Technology, предводена од Andrew Aldrin.
Отпорна на ниските коментари, столб на желбите
Вие сте дипломирале и на УКИМ па сте инженер за материјали и нанотехнологија. Ме интересира впрочем што ве водеше кон овие насоки, ме интересираат личните побуди, одлуките?
Димоска: Пораснав скромно, зошто имав сестра која што беше инвалид. Ваквите деца не само што беа, и се уште се отфрлени од општеството, туку се чини и дека немаат доволно помош за клучна егзистенција од надлежните органи. Имав исклучително тешко детство, кое што не лесно го делам со јавноста, и морав на некој начин, пребрзо да пораснам, носејќи многу тешки одлуки, сама. Па така, Технолошко-Металуршкиот Факултет беше моја единствена опција, зошто своевремено нудеше стипендии, преку нивниот државен натпревар кој што чинам се викаше „Наноматеријали – материјали на иднината“. Се пријавив додека бев во Гимназија на натпреварот, и од тука се пројави мојата љубов токму кон Технолошко-Металуршкиот факултет и нивниот смер Инженерство на материјали и нанотехнологии. Немав друг избор, но немав ни храброст да зборувам на овие теми во тоа време. Ако би можела повторно да бирам, одново би го одела истиот тој пат, кој што ме научи и ми даде многу.
Секако, низ моите студии, морав да најдам начин да се издржувам сама, а мојата креативност ме доведе до креирање на едиторијали за светски брендови како модел, каде што исплатата беше на светско ниво и нивни светски стандарди. Никој не го потценуваше мојот труд во такви светски рамки и видов дека креативната страна може да биде и добро платена, па така, меѓу моите испитни сесии, работев. Така ги развивав и двете страни од мојата личност, и иако многу луѓе константно ме притискаа да изберам само една, јас ги негував и двете. Волонтирањето исто така, секако беше сеприсутно низ мојот развој, и го негував уште од малечка, и тоа продолжи и во студентските денови, па се до ден денес.
Тоа што македонската јавност го поистоветуваше со кршење на табуа и поместување на некакви нивни замислени граници со тоа што не изгледам како „типичен инженер“, за мене беше основа на егзистенција. Низ годините, и растењето на моите инженерски обврски, како и зрелоста, се помалку се осврнувам на креативната страна, зошто слободното време го користам за одмор, но сепак, не заборавам повторно да творам за одбрани проекти. Меѓутоа и позитивната и негативната перцепција на јавноста ме направија многу посмела личност, и да се стремам физички да бидам онаму каде што има слични на мене, каде што моите активности и интереси се перцепирани како сосема нормални делови на една сестрана и комплетна личност.
Професор, синот на вториот човек кој стапна на Месечината
Импресивно за човек кој не познава многу (како мене) е што сте имале поддршка од Aldrin Family Foundation, презиме кое што носи огромна тежина позади себе и е култно. Може ли да ни раскажеш повеќе?
Димоска: Точно е дека бев стипендирана од Aldrin Family Foundation која ми помогна да се приклучам кон Commercial Space Studies на Florida Institute of Technology, предводена од Andrew Aldrin, синот на Buzz Aldrin, вториот човек што има стапнато на месечината. Мене пред се ми беше драго да бидам првата Македонка што Ендру ја запознава и што можеше да слушне заедно со другите професори и колеги за мојата земја. Преку мене, моите жртви и посветеност, мислам дека ја виде и можноста за нашите кадри да дадат висок квалитет, и дека имаме огромен потенцијал и капацитет. И мислам дека давањето на мојот максимум таму, ми донесе многу, на пример можност да бирам меѓу неколку мастерс програми, каде на крајот одлучив за ISU. Но дополнително, верувам дека донесе и многу за нашите идни генерации, затоа што таму обработувавме многу комплексни теми од кои што имав можност да учам и изработувавме студии со сите експерти што можев да ги искористам, за да на крај изработам истражување за тоа како Македонија правилно да ја приклучиме во вселенскиот сектор. Придонесоа сите мои професори, и секако, сите мои колеги дадоа и нивен личен придонес. Неизмерно сум благодарна што ми дадоа можност да бидам дел од програмата, но и што стекнав доверба во толку неверојатни луѓе што историски активно биле вклучени во клучни моменти од вселенскиот развој, и се уште се.
Што друго правите и кои се конкретните активности на кои сте фокусирана?
Димоска: Бев избрана за ‘Emerging Space Leader’ од Меѓународна Астронаутска Федерација. Оваа федерација го организира Меѓународниот Астронаутички Конгрес, кој секоја година се одржува на различна локација низ светот. Интересното е што е надалеку позната, и историски култна па така истиот конгрес е на пример спомнат во популарната серија “For All Mankind”. Јас сум првата Македонка што успеав да се пласирам на IAF - IAC, но шокантно беше тоа што кога при пријавата требаше да селектирам држава, немаше избор ни за Македонија, ни за Северна Македонија, ни за FYROM, ни за Скопје, дури ни за Југославија. Но ги имаше сите земји од регионот, Србија, Бугарија, Косово....споредбено на тоа, бидејќи континентот Африка има неколку држави со свои вселенски програми, ги имаше повеќето Афрички земји наведено на листата. Верувам дека после моето учество, служејќи како пример, ќе овозможам и други Македонци да оставаат печат на сличен начин и да се чувствуваат добредојдено и застапено.
На конгресот се претставив со два труда. Првиот е мојот тимски истражувачки проект наречен „Starship - импактот на SatCom индустријата “. Другата на која напорно работев извесниов период е мојот Индивидуален истражувачки труд насловен: „Инсталација на 3Д соларен печатач во соработка со ECAM Strasbourg“.
Станав и Делегат на „Советодавниот совет за вселенска генерација (SGAC)“. Па така присуствував на Конгресот за вселенска генерација (SGC) со стипендија, што е годишен состанок на SGAC за поддршка на Програмата за вселенски апликации на Обединетите нации (ОН). Бев вклучена во Работилници на НАСА преку SGAC: „ Истражување на НАСА, НАСА го проширува пристапот до вселената во ерата на Артемис“ и NASA SCaN: „Овозможување на одржливост, различност и еднаквост при дизајнирање на мисии“. Ги стекнав правата со мојот тим да водиме NASA Artemis I Watch Party Outreach - особено во региони кои немаат пристап до вселената.
Можеби и најинтересното од се е што оваа година, многу успешно организиравме NASA Space Apps хакатони на две култни локации во Америка. Едната е NASA Space Apps Challenge Mountain View, во Силиконската Долина во Калифорнија, која се одржува во NASA Ames Истражувачкиот Центар. Другата е NASA Space Apps Challenge Cleveland во Охајо, каде хакатонот го одржуваме во NASA Glenn Истражувачкиот Центар. Секако, имаме и локација во Струмица, Македонија која, логично, се вика NASA Space Apps Challenge Strumica. Интересно е да се напомене дека од над 300+ локации низ целиот свет, само овие две се одржани во вистински НАСА Истражувачки Центри и успешно предводени од тим од Македонија во тесна соработка со НАСА персонал. Овие хакатони не се одржуваат во вакви центри, заради самите регулации и безбедност, и се одржуваат во едукативни центри, факултети, кафулиња или простор обезбеден од компании, и досега NASA Glenn Истражувачкиот Центар беше единственото место кое што беше познато како една многу интересна локација што е домаќин за овој хакатон. На моја иницијатива и со мој труд, успеавме да го донесеме и NASA Ames Истражувачкиот Центар на нашата хакатонска сцена што беше неверојатено подвиг за многу, но кога успеавме, огромно задоволство на сите.
Имавме хибридни модели во двете локации во Америка, ем поради Ковид-19 пандемијата, ем затоа што сакаме наши луѓе редовно да се приклучуваатт онлајн и да учат од вселенски експерти што се инволвирани во индустријата секојдневно. Јас сум неизмерно горда на мојот тим, зошто овој подвиг е макотрпна работа и за да го заслужам ова сум морала да поминам низ секакви притисоци и да се докажувам со години. Да не била континуираната поддршка од овие луѓе, одамна ќе сум се откажела. Огромен успех е што во една година успеавме да создадеме едно вакво тло каде што двата центри ќе имаат можност да соработуваат еден со друг, додека наши деца го организираат сето тоа позадински. Нескромно ќе кажам дека „вината“ да обезбедиме уште една локација во уште еден истражувачки центар, паѓа на заслуга на мојата желба, проактивност и инволвирањето на целиот мој тим.
Со самото тоа што имаме можност да воспоставиме долгогодишна соработка со овие истражувачки центри, хакатонот нема да биде „расфрлан“ на сите страни низ многу локации низ регионот, туку секоја година ќе се одржува на исто место, во препознатливи институции кои самите по себе придонесуваат со препознатливост, искуство и една поинаква тежина. Ова ќе отвори врата за многу Македонци во иднина, кои што преку нас ќе може да го реализираат својот потенцијал до максимум.
А кои се плановите за во иднина? Како се доживувате себеси? Каков ќе биде развојот од друга страна на вселенската индустрија во светот?
Димоска: Сакам да воспоставам посериозна соработка со нашата земја и институциите со кои што имам можност да соработувам со цел да се збогати нашето познавање со вселенската индустрија. Веќе имам тим што активно работи и сериозно придонесува и неодамна ја отворивме International Space Alliance. Дополнително приватниот вселенски сектор ми е клучен фокус периодов, и освен тоа што се реализирам како инженер, активно ги следам сите други подвизи, но особено аналогните мисии. Неодамна добив сертификат за успешно завршен „Аnalog mission basic astronaut training“, што е почетнички влез за претстојните мисии на Analog Mars на Австрискиот вселенски форум (OeWF).
Имам и NAUI Open Water Scuba Diver интерес, гледам активно да нуркам и да обезбедам што повисоки дозволи кои се стекнуваат со полагања и едукација во институцијата. Активна сум во многу здруженија и иницијативи како на пример во EuroMoonsMars. За моите студии работев и на Аналогното Живеалиште SHEE и сметам дека иако дел од овие работи се на мој трошок или вложувам време волонтерски, може да ми донесат многу прекрасни искуства, пријателства и знаење.