Се движиме ли чекор напред во продукцијата на квалитетен кадар што ќе одговори на потребите на пазарот, дали мрднуваме од мртва точка кога практичните знаења се дел од формалното образование – желбата што се наметна како проблем во последната деценија во земјава можеби ќе стане реалност. Формиран е „Бреинстер некст колеџ“, прв практичен ИТ-факултет кај нас. Колеџот е дел од формалното образование, но студентите имаат можност да стекнат практични вештини. Разговаравме со Петар Ниновски, основач, и со Александар Клашниновски, генерален менаџер на колеџот, во кој препознавме сериозна основа за развој на образовниот процес во земјава. Во срцевината на „Бреинстер некст колеџ“ се практиката и реалните проекти. Наставната програма на секој од предметите е создадена на тој начин што прво се определува што треба практично да знае студентот по положувањето на испитот, па потоа со методот на обратен инженеринг се креира програмата, при што од 50 до 70 отсто е практична. Овие студенти, секако, имаат и директна можност за идното вработување.
Одлучивте да основате институција што ќе се вклучи во формалното образование во земјава и ќе биде практично прв акредитиран практичен ИТ-факултет. Од аспект на додадената вредност во образованието, потегот е можеби одличен, но кој беше поттикот да се инвестира во ваква високообразовна институција?
Александар Клашниновски: Едноставно, идејата и поттикот дојдоа како логична еволуција на тоа што со години го правиме со „Бреинстер“ (Brainster) во неформалното образование. Имено, во последните години сѐ повеќе и повеќе имавме студенти на академиите на „Бреинстер“, кои во исто време се и редовни студенти на некои од државните или приватните универзитети во Македонија, и од сите добивавме речиси идентична повратна информација, односно дека тоа што го добиваат како знаење во делот на формалното високо образование не ги снабдува со практичните вештини што се бараат на пазарот на трудот. Тие сметаат дека нашите академии се добар начин да ги стекнат истите тие, за наоѓање на своето прво работно место. Имајќи го предвид тоа, почнавме да размислуваме на кој начин најдобрите практики од „Бреинстер“ да ги имплементираме во формалното образование и сфативме дека најдобар начин е „Бреинстер некст колеџ“, како прв практичен ИТ-факултет кај нас. Сметаме дека нема никаква логика некој да потроши три или четири години на факултет и во исто време да инвестира огромни средства во неформално образование, за да може да се стекне со практичните вештини што ги бара пазарот на трудот. Tака што „Бреинстер некст колеџ“ (Brainster Next College) го поставивме да го носи најдоброто од двата света - формално високо образование (со акредитирана диплома од МОН, Одборот за акредитација и Агенцијата за квалитет на високото образование) и практични знаења и вештини што ги бара пазарот на трудот, не само кај нас туку и глобално.
Станува збор за милионски влог, а го правите во време на непредвидливи економски околности глобално, а не толку сјајни изгледи за домашниот пазар, и во економска смисла, а и образовно. Кој е вашиот концепт ако се поврзе со актуелните случувања?
Александар Клашниновски: Дефинитивно веќе две и пол години се наоѓаме во вонредна состојба - започнувајќи со корона-кризата, која, покрај другото, влијаеше на нарушување на глобалните синџири на снабдување, па инфлацијата, која почна да расте во текот на 2021-та и експлодира оваа година, и на крајот војната во Украина, која никој не знае колку ќе трае и колкави последици ќе има врз сите нас. Иако сето ова го имаме предвид, секогаш се трудиме да се фокусираме на позитивните страни, иако гледаме да сме многу конзервативни со финансиските проекции. На што мислам - корона-вирусот со сите штети и трагични приказни што ги донесе, во исто време придонесе за невиден бум на ИТ-индустријата, при што валуацијата на речиси сите технолошки компании експлодира во текот на 2020 и 2021 година. И „Бреинстер“ како едукативно-технолошка компанија (ЕdTech) забележа огромен раст за време на пандемијата, бидејќи со мигрирањето кон онлајн образование, ваучерите што ги додели МОН за учење дигитални вештини и интересот што дополнително се зајакна со подемот на ИТ-индустријата, бројот на студенти експоненцијално се зголеми кај нас. Тоа поттикна голем број интерни иновации, па во овој период го лансиравме нашиот Learning Management System (Brainster Learn), на кој се одвиваат сите академии и е прв од ваков тип што целосно од нула е развиен во Македонија од страна на нашиот иновациски тим. Потоа, платформата Brainster Next, која е прва платформа што нуди бесплатни ИТ-курсеви на македонски јазик итн. Уште една работа што нѐ охрабри е што кризата што го зафати глобалниот ИТ-сектор во 2022 година, при што голем дел од ИТ-компаниите забележаа загуби во нивната валуација од милијарди долари и мораа да отпуштаат голем дел од вработените, не се прелеа во ИТ-индустријата во Македонија. Причината за тоа (среќа во несреќа) е што голем дел наши ИТ-компании се базирани на клиенти, односно работат класичен аутсорсинг, при што меѓународните ИТ-компании што добиваат големи проекти, ги ангажираат нашите компании на таквите проекти како еден вид подизведувачи поради квалитетот и пониските цени на нашиот пазар на труд. Со оглед на фактот дека глобалните ИТ-компании влегоа во фаза на штедење, тие почнаа уште повеќе проекти да им префрлаат на нашите компании, за обезбедување поголеми заштеди, така што тоа доведе до дополнителен раст на ИТ-секторот кај нас. Имајќи го предвид горенаведеното, сметаме дека сега е вистинскиот момент да се влезе во поагресивно инвестирање, бидејќи големиот поврат на инвестиции се случува кога одлуките што ги носиме (навидум) изгледаат контраинтуитивно.
Концептот „Студирај сега, плаќај по вработувањето“ најверојатно ќе значи и можност за привлекување повеќе студенти, но кои се другите квалитети што ќе ги понудите, во смисла на образовен кадар, практика, наставни содржини...?
Александар Клашниновски: Целта на „Студирај сега, плаќај по вработувањето“ не е да го максимизираме бројот на студенти, туку да им обезбедиме за најдобрите студенти, без разлика на нивните финансиски можности, да имаат пристап до квалитетно образование, кое им гарантира вработување во текот или по дипломирањето. Се разбира, доколку успешно ги завршат студиите.
Во срцевината на „Бреинстер некст колеџ“ се практиката и реалните проекти. Наставната програма на секој од предметите е создадена на тој начин што прво се определува што треба практично да знае студентот по положувањето на испитот, па потоа со методот на обратен инженеринг се креира програмата, при што од 50 до 70 отсто од неа е практична (вклучувајќи ги и испитните задачи). Теоријата, пак, служи да ѝ даде контекст на практиката.
Како практичен ИТ-факултет, соработката со локалната и глобалната ИТ-индустрија е клучна уште од самиот почеток на функционирањето на колеџот. Секој пролетен семестар, еден од предметите претставува работа на реален проект, спонзориран и менториран од партнерска компанија од ИТ-индустријата. Целта на овој реален проект е сумирање и практична имплементација на знаењата стекнати од практичното и теориското полагање на сите предмети од тековната година и нивна примена во реална средина, во каква што ќе се најдат студентите по нивното дипломирање и вработување. По завршувањето на секој пролетен семестар, на сите наши студенти ќе им се понуди и практика кај нашите партнерски компании, за да го надградат знаењето добиено за време на студиската година и реалниот проект.
Имајќи ја предвид практичноста на „Бреинстер некст колеџ“ како прв таков ИТ-факултет во Македонија, нашите редовни професори се комбинација на најдоброто од академскиот свет и ИТ-индустријата. Покрај нашите професори, некои од предметите ќе ги одржуваат предавачи што се експерти од индустрија и кои, како вработени во нашите партнерски ИТ-компании, ќе држат предмети што се дел од нивната секојдневна работа и експертиза, за да ги доближат тие предмети до студентите и да можат да им дадат слика како функционира тоа во реалната ИТ-индустрија.
Покрај македонските професори и предавачи, дел од нашиот професорски тим ќе бидат и странски професори што предаваат на реномирани странски универзитети и кои ќе држат предмети на „Бреинстер некст колеџ“ за пренесување на најдобрите практики од странство кај нас. Покрај странските професори, како гостински предавачи ќе бидат и експерти и професионалци од најголемите глобални ИТ-компании, како „Мета“ („Фејсбук“), „Алфабет“ („Гугл“), „Епл“, „Амазон“, „Нетфликс“ итн., кои ќе држат гостински предавања на дел од предметите сè со цел нашите студенти да се сретнат со искуства од прва рака и да добијат знаења од страна на професионалци што работат на иновации и платформи што го движат светот.
Практичниот начин на учење на „Бреинстер некст колеџ“ изискува работа во мали групи и тимови, за подобро стекнување на знаењата предвидени со секој предмет и успешно имплементирање и завршување на реалните проекти. Поради тоа, нашиот професорски тим ќе има менторски пристап спрема студентите, каде што целта ќе биде тие да се предизвикаат да го дадат најдоброто од себе, за по завршувањето на студиите да бидат подготвени за предизвиците што ги очекуваат во глобалната ИТ- индустрија.
Поради подобар фокус за време на студирањето, студентите во исто време ќе слушаат два-три предмети максимум што се сродни помеѓу себе, за разлика од другите факултети, каде што се слушаат по пет предмети во исто време, што оневозможува успешно следење на кој било од тие предмети и придонесува за оптовареност на студентите, при што реално страдаат квалитетот и знаењето што тие ги добиваат.
Начинот на проверка на знаењата е целосно различен споредено со другите факултети. Додека другите факултети одат со еден завршен теоретски испит или со неколку теоретски колоквиуми за да може да го положат предметот, кај нас одиме со принцип на континуирана проверка на знаењата за време на предметот и таа се состои од комбинација на практични задачи, домашни задачи, мини-проекти, хакатони и друг тип практични испитни задачи, во комбинација со теоретски колоквиуми и завршен испит. ИТ-секторот глобално, па и овде, е еден од најбараните, една од најплатените позиции.
Какви кадри се продуцираа досега во земјава? Пазарот, од друга страна, сè уште има широка апсорпциска моќ за вакви кадри. Кои се вашите предвидувања?
Петар Ниновски: Сметаме дека пазарот веќе успева да си го направи своето и гледаме дека најголем факултет по бројот на студенти е ФИНКИ, со 1.100 примени студенти годишно, што значи дека веќе помина она време кога младите запишуваа факултети што не се барани на пазарот на трудот. Од друга страна, ние како „Бреинстер“ и „Бреинстер некст колеџ“ прераснавме оваа година во најголема ИТ-образовна институција во државата (приватна или државна), со оглед на фактот дека оваа година ќе ја завршиме со над 1.300 запишани студенти на академиите и факултетот.
Во ИТ-индустријата во Македонија работат помеѓу 20.000 и 25.000 вработени, што значи дека, и покрај огромниот пораст на популарноста на ИТ-образованието, оваа индустрија сѐ уште не е една од најголемите во Македонија. Во согласност со едно истражување на МАСИТ од пред некоја година, секоја година имаме недостиг од околу 750 ИТ-професионалци (разлика помеѓу побарувачката на пазарот и понудата), така што сметам дека сѐ што ние како образовни институции ќе можеме да го креираме како (квалитетен) кадар, пазарот без проблем ќе може да го апсорбира. Како уште еден аргумент во полза на ова е фактот што 99 отсто од нашата ИТ-индустрија работи за странски пазари, односно за глобалниот пазар, чија апсорпциска моќ е неограничена, така што и цела држава да станеме ИТ-професионалци, пазарот на работна сила, по мое мислење, нема да се презасити.
Вие, на извесен начин, им гарантирате и вработување на тие студенти по завршувањето. Како, во кои компании?
Александар Клашниновски: Во овој момент „Бреинстер некст колеџ“ има потпишано меморандуми за соработка со над десет наши и меѓународни ИТ-компании. Секако, имаме пристап и до мрежата на партнерски компании на нашиот основач „Бреинстер“, кој има воспоставено соработка со над сто компании, од коишто 52 отсто се странски компании што немаат присуство во Македонија туку вработуваат наши студенти да работат од далечина.
Оваа доверба во сопствениот квалитет, односно гаранцијата што ја даваме за вработување по дипломирањето, не е базирана на желби, туку на резултатите на нашиот основач „Бреинстер“ (Brainster), кој беше прогласен за најдобар образовен центар во државата за минатата година. „Бреинстер некст колеџ“, како логично продолжение на мисијата на „Бреинстер“, ги презеде најдобрите практики на академиите на нашиот основач, кои овозможија во 2021 година да вработиме 374 студенти што дипломираа на академиите на „Бреинстер“.
Врз основа на овие резултати на нашиот основач и соработката со повеќе од сто локални и глобални компании што вработуваат студенти од академиите на „Бреинстер“ и ќе вработуваат студенти од „Бреинстер некст колеџ“, произлегува нашата самодоверба дека на секој наш дипломиран студент ќе успееме да му најдеме работа по успешното завршување на студиите.
На Запад образованието станува сè понасочено, планско и структурирано да одговара на потребите на пазарот. Кои од трендовите и практиките мора да се пренесат и во земјава? Кои се вашите анализи?
Александар Клашниновски: Станува збор за комплексно прашање, бидејќи целта на образованието, а особено на високото образование не е единствено поддршка на економскиот раст на државата, туку опфаќа и пошироки општествени цели. На пример, во Југославија целта на образованието беше креирање сестран човек, целта на образованието во Финска е креирање среќни луѓе, односно максимизирање на среќата на учениците/студентите итн. Мислам дека и ние како држава треба да си поставиме цел, односно што сакаме да постигнеме со нашето образование. Во недостиг од таква стратегија или општествен консензус, најдобро што можеме е да балансираме помеѓу потребите на пазарот и тоа што е општествен интерес (пример: креирање повеќе кадри на Катедрата за македонски јазик). Ние како „Бреинстер некст колеџ“ сме фокусирани во оној дел да ги задоволиме потребите на пазарот, односно да креираме кадри со соодветни вештини и знаење што уште од првиот ден по дипломирањето ќе може да се вработат и да се вклучат во работниот процес на работодавецот без потреба за дополнителни инвестиции од негова страна. Така што одговорот на вашето прашање би бил - имплементирање на образовните практики и насоки што ги бара пазарот на трудот, додека во исто време државата ќе ги субвенционира оние насоки и студии што се битни од национален, општествен и културолошки аспект, без разлика дали се барани на пазарот на трудот или не.
„Бреинстер“ почна како стартап-организација, сега е успешна компанија, но патот на многу стартапи овде не е нималку лесен. Македонија е на дното во регионот во сумата на пари вложени во вакви компании. Според вас, зошто?
Петар Ниновски: Мислам дека има две причини за тоа. Од една страна, претприемачката култура кај нас сѐ уште не е на она ниво на кое е во светот. За жал, не сме блиску ни до она што се случува во нашето соседство. Една работа што ми дава надеж е што работите полека се менуваат и има сѐ повеќе (првенствено) млади луѓе што се охрабруваат да започнат свој бизнис.
Другата причина лежи во фактот дека пристапот до ризичен капитал и бизнис-ангели е многу потежок во нашата држава. Од еден аспект, како многу мала држава не сме многу интересни ни за светските, ни за регионалните играчи во овој дел. Од друга страна, сѐ уште немаме култура кај домашните инвеститори да вложуваат во бизнис-ангели или ризичен капитал, со оглед на фактот дека најголем дел од нив не поминале низ тој процес, односно својот капитал не го стекнале преку креирање стартап-компании што биле финансирани на тој начин. Па, затоа и не е лесно да се пронајдат во таа приказна или да се идентификуваат на начин што би ги охрабрил да се најдат во улога на ангели инвеститори или ризични капиталисти.
Има ли можност за ширење на концептот што го применувате и регионално и со „Бреинстер“ и „Бреинстер некст колеџ“?
Петар Ниновски: Дефинитивно да, ништо од тоа што правиме не е специфично или само применливо во Македонија. Ние како „Бреинстер“, веќе сме проширени интернационално, односно на пазарите на Австрија, Словенија, Хрватска и Унгарија, меѓутоа во овој период правиме ревидирање на нашата стратегија за интернационализација и за многу брзо време ќе можете да очекувате новости во овој дел од наша страна.