Зохран Мамдани се подготвува да ја преземе функцијата што често се смета за втора најтешка работа во САД – управувањето со Њујорк. Негов најголем предизвик ќе биде човекот со „потешката работа“ – претседателот Доналд Трамп.
Мамдани, 34-годишен демократски социјалист, оствари историска победа на градоначалничките избори во Њујорк, ветувајќи политики што треба да го направат животот поевтин за жителите. Тој освои повеќе од 50 отсто од гласовите, додека поранешниот гувернер Ендрју Куомо, кој се кандидираше како независен, доби нешто над 40 отсто. Републиканецот Кертис Слива освои околу 7 отсто.
За да ги исполни своите предизборни ветувања, Мамдани ќе мора да обезбеди повеќе средства од федералната влада, која годинава придонесе со над 7 милијарди долари во буџетот на градот. Но Трамп веќе го нарече „комунистички лудак“ и јасно стави до знаење дека ќе го ограничи пристапот на Њујорк до федерални средства.
Прочитај повеќе
Мамдани испиша историја со убедлива победа на изборите за градоначалник на Њујорк
Млад, харизматичен и контроверзен, Зохран Мамдани го победи Куомо и стана симбол на новата енергија во американската политика, голем пресврт во 400-годишната историја на Њујорк.
05.11.2025
Високите кирии во Њујорк ги туркаат станарите до раб на издржливост
Цените на становите во Њујорк достигнуваат рекорди - повеќе од 70 проценти од жителите живеат под кирија, за која одвојуваат огромен дел од приходите.
05.08.2025
Дали социјализмот го освојува финансиското срце на Америка
Младиот и прогресивен левичар Зохран Мамдани стана сериозен кандидат за иден градоначалник на Њујорк.
06.07.2025
Bloomberg
Мамдани беше непоколеблив во говорот по победата.
„Ако постои некој што може да ѝ покаже на изневерената нација од Доналд Трамп како да го порази, тоа е градот што го создаде“, им рече тој на своите поддржувачи. „А ако постои начин да се исплаши деспот, тоа е преку уривање на самите услови што му овозможија да ја акумулира својата моќ.“
Републиканците веќе го позиционираат Мамдани како свој главен противник, претставувајќи ги него и неговите политики како симбол на Демократската партија, додека се подготвуваат за изборите за Конгресот следната година. Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, во објава на X по изборите во Њујорк, напиша дека последиците од победата на Мамдани „ќе се почувствуваат низ целата земја“, бидејќи таа „го зацврстува претворањето на Демократската партија во радикална, голема, социјалистичка влада“.
Џонсон ги даде овие изјави иако умерените демократи истата вечер забележаа победи и на други места. Абигејл Спанбергер, поранешна агентка на ЦИА, лесно ја освои функцијата гувернер на Вирџинија, а Мајки Шерил, поранешна офицерка во морнарицата и обвинителка, триумфира во Њу Џерси.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, исто така забележа значајна победа откако гласачите во државата ја одобрија Пропозицијата 50, која овозможува промена на конгресните изборни единици во корист на демократите пред изборите во 2026 година – потег што би можел да го осуети планот на Трамп да го задржи контролното мнозинство во Претставничкиот дом.
„Њујорк отпорен на Трамп“
Трамп веќе покажа дека е подготвен да ја користи федералната финансиска поддршка како средство за притисок врз демократите.
Само еден ден по почетокот на блокадата на владата, Белата куќа го замрзна финансирањето од 18 милијарди долари за инфраструктурни проекти во Њујорк, повикувајќи се на „загриженост околу практиките за разновидност и инклузија“. Потегот загрозува еден од клучните извори на средства за обновување на застарените транспортни системи во регионот, вклучувајќи ги проширувањето на метрото на Втората авенија и тунелот под реката Хадсон.
Освен што може да се соочи со конфликти со администрацијата на Трамп околу финансирањето здравствени и социјални програми, Мамдани е подготвен и за судир поради кампањата на претседателот за депортации.
Мамдани вети дека ќе го зајакне статусот на Њујорк како „град засолниште“, кој ја ограничува соработката на локалните власти со федералните агенции во спроведувањето на имиграциските закони. Во делот од неговата изборна програма под наслов „Њујорк отпорен на Трамп“ (Trump-Proofing NYC), е предвидено инвестирање на 165 милиони долари во правна помош за мигрантите.
Во средата Мамдани изјави дека повикот за „Њујорк отпорен на Трамп“ има цел да ги заштити најранливите жители на градот од политиките на претседателот, кои, според него, се непријателски кон нивните интереси.
„Лош почеток“
Иако вети дека ќе се спротивстави на потезите на Трамп, Мамдани рече дека неговиот фокус ќе остане на водење на градот обединет околу своите луѓе, а не на личен конфликт со претседателот.
Трамп, пак, во средата упати неколку навредливи коментари за Мамдани на настанот „Америка бизнис-форум“ (America Business Forum) во Мајами.
„Демократите се толку екстремни што Мајами наскоро ќе стане засолниште за оние што бегаат од комунизмот во Њујорк“, рече тој.
Во следното интервју за „Фокс њус“, Трамп изјави дека е раздвоен меѓу желбата Њујорк да успее и надежта дека Мамдани ќе му послужи како корисен политички противник. Тој рече дека новиот градоначалник има „лош почеток“ со својот предизвикувачки говор по победата и дека треба да биде „понаклонет“ ако сака да успее.
„Јас сум тој што, во суштина, треба да одобри многу од работите што доаѓаат до него“, рече Трамп. На прашањето дали планира да се сретне со Мамдани, одговори дека смета оти „би било поприкладно тој да се обрати прв“.
Демократски тензии
Но Мамдани нема да се соочува само со напади од републиканците. И во рамките на Демократската партија има тензии. Партискиот естаблишмент и натаму е скептичен кон политичарот од Квинс, кој има ограничено политичко искуство надвор од четирите години во државното собрание на Њујорк. Неговиот брз подем го изненади старото партиско крило.
Демократската гувернерка Кети Хочул чекала со месеци пред да му даде поддршка на градоначалничките избори и веќе најави дека нема да одобри зголемување на даноците што новиот градоначалник ги смета за неопходни за финансирање на својата агенда. Сенаторот Чак Шумер, ветеран на партискиот естаблишмент и еден од најпознатите Евреи во американската политика, никогаш јавно не го поддржа Мамдани.
Во октомври 2023 година Мамдани беше уапсен пред домот на Шумер во Бруклин, протестирајќи против израелските акции во Појасот Газа, само неколку дена по нападот на Хамас врз еврејската држава.
Во средата Шумер изјави дека разговарал со Мамдани и му честитал за тоа што водел „многу, многу добра кампања“.
„Јас одам напред“, рече Шумер, кој не му даде поддршка на Мамдани.
Милијардери и бизнис-лидери од Волстрит, меѓу кои Бил Акман и Дан Лоеб, ги оценија политичките предлози на Мамдани како закана за финансиската стабилност на Њујорк. Поранешниот градоначалник Мајкл Р. Блумберг, основач и мнозински сопственик на „Блумберг њуз“ и нејзината матична компанија „Блумберг ЛП“ (Bloomberg LP), му даде поддршка на Куомо и на првичните и на генералните избори и донираше во политичките комитети што ја поддржуваа неговата кампања.
„Њујорк е на работ да направи монументална грешка“, изјави пред изборите коосновачот на „Хоум депо“ (Home Depot Inc.), Кен Ленгон, мислејќи на можната победа на Мамдани. Тој ги спореди политиките на кандидатот со оние што довеле до економска криза во Венецуела, Куба и Аргентина, додавајќи дека „капитализмот функционира“.
Но дел од Волстрит веќе се приспособува на новата реалност. Акман му честита на Мамдани по изборите, велејќи му: „Кажи ми што можам да направам“.
Фактот што Мамдани успеа убедливо да победи ја покажува силата на неговата привлечност и колку неговата харизма, вештината на користење на социјалните мрежи и пораките за достапност на животот одекнаа кај гласачите.
Кога на 1 јануари 2026 година ќе положи заклетва како 111. градоначалник на Њујорк, тој ќе биде најмладиот што ќе ја има таа функција во последните сто години. Ќе биде и првиот муслиман и првиот човек со јужноазиско потекло што станал градоначалник во 400-годишната историја на градот. Мамдани стана натурализиран американски државјанин дури во 2018 година.
Лорен Клајн, која гласаше за Мамдани, жена што работи во конзервација на уметнички дела и живее во Лонг Ајленд Сити, рече дека сега, кога тој е избран, очекува „повеќе достапно домување и ефикасен лидер“. Друг поддржувач, Џонатан Нир, изјави дека му верува на Мамдани „дека ќе се потруди со полна свест“.
„Дали ќе биде добар градоначалник, не знам. Но верувам дека ќе се обиде“, рече Нир пред да влезе во еден бар во Форт Грин во Бруклин, за да го гледа говорот на Мамдани по изборната победа.
Ветувањата на Мамдани
Мамдани вети дека веднаш ќе почне со спроведување на своите изборни ветувања: замрзнување на кириите на становите, бесплатен автобуски превоз, универзална и бесплатна грижа за деца на возраст од шест месеци до пет години, како и отворање пет градски продавници за храна – по една во секој округ.
Еван Рот Смит, демократски анкетар и политички консултант во агенцијата „Слингшот стратеџис“ (Slingshot Strategies), рече дека тесното мнозинство на Мамдани би можело да му помогне во настојувањето да обезбеди повеќе средства за реализација на овие ветувања.
„Кога ќе оди во Албени или во федералната влада, може да каже: ‘Имав мнозинство њујорчани зад себе кога го барав ова’“, изјави Смит.
„Ќе има потежок аргумент затоа што не освои 60 или 55 отсто, туку 50 и малку над тоа“, додаде тој.
Ветувањето на Мамдани за замрзнување на кириите се соочува со повеќе пречки – меѓу кои и можноста градоначалникот во заминување Ерик Адамс да го пополни Одборот за регулирање на кириите со свои луѓе што нема да поддржат ваква мерка.
Сето тоа значи дека Мамдани ризикува да ги разочара своите прогресивни гласачи ако не успее да ги исполни ветувањата откако ќе стивне еуфоријата по изборната победа.
„Кампањата и сите тие големи ветувања завршија“, рече Џим Зелтер, претседател на „Аполo“ (Apollo Global Management Inc.). „Сега е време за испорака“, додаде тој.
„Не славите кога купувате компанија, туку кога ја продавате. Треба да се смени тонот и тој треба да го обедини градот“, изјави Зелтер.