Њујорк доби нов градоначалник. Најмлад досега и прв муслиман во историјата на градот - Зохран Мамдани од старт најави дека може да го одведе најголемиот американски град во судир со Белата куќа.
И Скопје има нов градоначалник, а планините од ѓубре, со силната акција од четвртокот вечер, ги нема. Орце Ѓорѓиевски вети брзо решавање на сообраќајниот хаос во главниот град. Тој ги има на своја страна и сите скопски градоначалници и Владата.
Проблемите со сообраќајот ќе се решаваат со повеќе проекти, а првиот е градскиот воз со кој од Зелениково, преку Драчево, до железничката станица во центарот на Скопје ќе се стигнува за 25 минути. Паралелено, и Европската комисија одлучи со брзи возови да овозможи побрзо патување низ континентот.
Прочитајте повеќе:
Големи и мали: Како се распоредени акционерите во македонските најтргувани друштва на берзата?
Нема зима за македонските блучипови: Над 237 милиони евра профит за девет месеци
Веста на неделата е дека акционерите на „Тесла“ (Tesla Inc.) го одобрија пакетот од 1 билион долари за Илон Маск. Тоа е најголемата награда досега доделена на корпоративен лидер и вреди повеќе од 52 отсто од сите американски домаќинства.
Во земјава, Народната банка ги ревидираше проекциите за оваа година. Прогнозата за инфлацијата е значително зголемена од 3 на 3,9 отсто. Истовремено, централната банка е оптимист и дека растот на економијата ќе биде повисок. Оптимизам за растот има и во предлог-буџетот за следната година, а ние проверивме дали е тој реален или само носи нови долгови. Ги анализиравме цените на недвижностите за да провериме зошто скапите станови се поатрактивни од куќите што имаат поволни цени.
Пазарите на акции се под притисок, па анализиравме дали доаѓа време за голем пад. Неделава пазарот на чипови доживеа силен удар и беа избришани 500 милијарди долари. Вртоглав пад под 100.000 долари доживеа и биткоинот. Ги прашавме аналитичарите што значи тоа и што ќе се случува во иднина. Проверивме што може да го очекува Волстрит, што значи кога акцијата е скапа или евтина и што го движи профитот на НЛБ.
На пазарите со суровини, примирјето меѓу САД и Кина го води алуминиумот кон тригодишен максимум, а златото остана стабилно на околу 4.000 долари. Цената на бакарот се спушти од историскиот врв, а ние прашавме како работи македонскиот рудник за бакар во овие околности.
Прочитајте повеќе:
Реал Мадрид ја тужи УЕФА и бара милијарди: Суперлигата се враќа на голема врата
Европските стадиони се финансираат со обврзници, во регионот со ентузијазам и кредити
„Гунвор“ ја откажа зделката со „Лукоил“ откако САД ја нарекоа „марионета на Кремљ“ бидејќи извршниот директор на компанијата Торнквист не успеа да ја убеди администрацијата на Трамп дека преземањето на „Лукоил“ ќе значи раскинување со руските врски.
По најновите санкции, кинеските рафинерии ја одбегнуваат руската нафта поради санкциите. ОПЕК+ објави дека ќе паузира и се поставува прашањето дали доаѓа период на поевтина нафта.