Европската комисија (ЕК) забрани персоналот да користи Тикток поради безбедносни проблеми поврзани со практиките за собирање податоци на апликациите за социјални медиуми. На персоналот му беше наредено да ја избрише апликацијата за кратки видеа од своите мобилни телефони и корпоративни уреди, вклучувајќи ги и личните уреди што користат паралелно и апликации на ЕК, потврди денеска портпаролот на комисијата.
Западните влади, вклучувајќи ги и САД и Велика Британија, сè повеќе се загрижени за потенцијалниот ризик на националната безбедност на Тикток, чија матична компанија е „Бајтсанс“ (Byttetans Ltd). Суспензијата на ЕК ја следи одлуката на американскиот Конгрес на крајот на минатата година за ограничување на Тикток од уредите на федералната влада.
„Оваа мерка има цел да ја заштити комисијата од закани и активности за компјутерска безбедност, како и активности што можат да бидат искористени за компјутерски напади од корпоративното опкружување на Комисијата“, напишаа од извршниот орган на Европската Унија (ЕУ).
Вработените добија рок до 15 март да се ослободат од апликацијата, а им беше соопштено преку електронска пошта, во која имаше увид и „Блумберг“. Портпаролот на Комисијата рече дека за суспензијата се информирани и вработените во другите институции на ЕУ и дека одлуката не е резултат на никаков притисок од САД.
„Веруваме дека оваа суспензија е погрешна и се заснова на фундаментални заблуди. Изненадени сме што Комисијата не контактираше директно со нас, ниту понуди објаснување, иако побаравме состанок за да претставиме како ги штитиме податоците на 125 милиони луѓе низ ЕУ што имаат пристап до Тикток секој месец“, рече портпаролот на Тикток. „Компанијата создава три центри за податоци во Европа за да ги чува податоците локално, со што го намалува пристапот на вработените до податоците и го минимизира протокот на податоци надвор од Европа“, додаде портпаролот.
Комесарот на ЕУ, Јоханес Хан, кој е надлежен за одделот што ја донесе одлуката, рече дека нема непосредна закана од Тикток, но Комисијата постојано ги следи заканите.
ЕУ станува поагресивна во својот пристап кон Тикток. Комесарот на внатрешен пазар Тиери Бретон рече дека ЕУ ќе ја забрани платформата доколку не ги следи содржините и правилата за податоци.
„Ние нема да се двоумиме да го прошириме обемот на санкции за да ги заштитиме нашите граѓани ако ревизиите не покажат целосна усогласеност“, напиша Бретон.
Холандската разузнавачка агенција исто така ги истражува потенцијалните ризици поврзани со владините работници што користат Тикток на своите телефони. Францускиот претседател Емануел Макрон изрази загриженост за платформата и нејзиното влијание врз младите корисници.
„Политико“ (Politico) претходно веќе известуваше за забраната.