Канада ќе им забрани на државните службеници да користат Тикток (TikTok Inc) на мобилните уреди издадени од владата, според интерен меморандум, во кој имаше увид и „Блумберг“. Апликацијата за социјални медиуми, која е во сопственост на кинеската „Бајтденс“ (ByteDance Ltd), од крајот на месецов ќе биде автоматски отстранета и блокирана поради безбедносни грижи околу собирањето податоци.
„Оваа одлука беше донесена од страна на главниот службеник за информации на Канада, за да се осигурат безбедноста и заштитата на владините информациски системи и мрежи. Прегледот на однесувањето на мобилната апликација во однос на политиките за услуги покажа дека методите за собирање податоци на Тикток може да ги направат корисниците ранливи на сајбер-напади“, се вели во меморандумот од владата, кој прв го објави весникот „Нешнал пост“ (National Post).
Забраната на Канада следува по слични одлуки на Европската комисија и американскиот Конгрес. Апликацијата предизвика загриженост за безбедноста кај западните влади поради кинеската сопственост и стравувањата дека владата во Пекинг може да ја принуди компанијата да ги сподели своите кориснички податоци.
Прочитај повеќе
Европската комисија им забрани на вработените да користат Тикток
Рокот за вработените да ја избришат апликацијата од сите уреди, вклучувајќи ги и личните, е 15 март.
23.02.2023
Минатата недела четири регулатори за приватност во Канада започнаа истрага против Тикток за начинот на собирање, користење и откривање на личните информации, вклучувајќи и дали компанијата ги почитува законите кога работи со помлади корисници. Таа истрага исто така ќе утврди дали компанијата ги исполнува своите обврски за транспарентност при собирањето лични информации, велат регулаторите.