Во 1980-тите години сите работеа за викенд или барем така се велеше во хит-песната од тој период. Сега работата за време на викендот станува сè повообичаена во некои сектори, бидејќи отпуштањата се зголемуваат, а работниците бараат време да се фокусираат, ослободени од состаноците и другите активности надвор од ефективната работа.
Просечните работни часови во сабота и недела минатата година се зголемија за пет проценти, на 6,6 часа, пресмета „Активтрак“ (ActivTrak), кој анализираше речиси 175 милиони часа работа кај 134.260 анонимни корисници на својот софтвер за управување со продуктивноста низ светот.
Додека само пет проценти од сите работници се мачат за време на викендот, одредени индустрии, како технологијата и медиумите, забележаа скок од 25 отсто и повеќе одработени часови во 2022 година во споредба со годината претходно. Има две причини за тоа: кратењето на работните места, поради што се натрупа повеќе работа на помалку вработени, како и потребата да се избегнат постојаните прекини од повиците преку Зум (Zoom) и разговорите преку другите платформи за онлајн состаноци, кои станаа дел од денешното сè похибридно работно место.
„Со сè повеќе најави за откази, компаниите прават повеќе со помалку, така што онаму каде што се забележува зголемување на работата за викенд, тоа е во индустриите каде што се кратат работните места. На луѓето им станува сè поудобна флексибилноста во работата и е прифатливо да се одјават во 15 часот во петок, а да се занимаваат со работата за време на викендот“, рече Габриела Мауч, потпретседателка на лабораторијата за продуктивност на „Активтрак“, која ги истражува трендовите.
Смените за викенд се најновиот пример за уривање на долготрајните норми на работното место предизвикани од пандемијата, бидејќи барањата за зголемена флексибилност кај вработените се судираат со желбите на некои работодавци почесто да ги гледаат работниците лично во канцеларијата. Иако работата од далечина ги ослободи работниците од бирото во многу аспекти, дозволувајќи им на многумина да ја вршат својата работа каде и кога ќе одлучат, тоа исто така ги врзува за алатки за соработка и комуникација што можат да им го оттргнат вниманието со постојаните известувања.
Зголемените кратења на работните места во последно време во технологијата, медиумите и другите сектори исто така ја комплицираа сликата, создавајќи поголем стрес кај вработените, кои веќе се борат со рекордни стапки на исцрпеност. Според податоците на „Активтрак“, најчести воини за викенд биле вработени во технологијата за компјутерски хардвер и услуги, заедно со медиумските работници и тие што работат со стока за широка потрошувачка. Сите тие групи ги зголемија своите работни часови за викенд минатата година во споредба со 2021 година, поголемиот дел дури и со двоцифрен процент на раст.
Технолошките фирми досега отпуштија повеќе од 122.000 работници оваа година, според тракерот „Лејофс“ (Layoffs.fyi), а лидерите во индустријата, како Илон Маск, Марк Закерберг и Марк Бениоф, рекоа дека нивната работна сила треба да извлече повеќе од помалку работници. Маск, особено, им порача на работниците да ја прифатат „тврдокорната“ култура или да ја напуштат компанијата.
Другите сектори, како енергетиката, угостителството и здравствената заштита, забележаа пад на трудот за време на викендот. Една теорија што стои зад овие разлики е дека индустриите со поголем удел на креативни типови би можеле да видат поголема вредност во работата во текот на викендот. Секторите фокусирани на услуги исто така имаа поголема веројатност да ги зголемат своите работни часови за викенд.
Поширокото владино истражување покажа дека Американците поминале само 1,1 час на работа за време на викендот во 2021 година. Извештајот на „Активтрак“, пак, покажа дека просечниот работен ден во 2022 година траел десет часа и девет минути, дефиниран според распонот меѓу првата и последната активност на компјутерот на работникот.
Минатата година времето поминато на фокусирана работа благо се намали, додека минутите поминати во повеќе задачи се зголемија за сличен износ. Работниците биле попродуктивни и поконцентрирани во првата половина од годината во споредба со втората, а вторникот бил најпродуктивниот ден.
„Секоја култура е различна. Во една организација седум часа работа може да бидат соодветни, но во други тоа се 12 часа“, рече Мауч.