Поевтинуваат доматите, краставиците, лимоните....
Доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперот, гравот, леќата, бананите, портокалите, мандарините и лимоните се дел од зеленчукот и овошјето за кои денеска ќе се утврдуваат највисоките цени.
Владата веќе ја замрзна цената на дел од производите за хигиена, на тестенините, млечните производи и на белиот и полубелиот леб до 450 грама.
По преземањето на „Кредит Суис“, УБС отпушта над 30.000 лица
„УБС груп“ (UBS Group AG) ќе ја намали работната сила меѓу 20 и 30 отсто по завршувањето на преземањето на „Кредит Суис“ (Credit Suisse Group AG), укинувајќи дури 36.000 работни места низ светот, објави швајцарскиот весник „Зонтагсцајтунг“ (Sonntagszeitung), цитирајќи висок менаџер во УБС.
Дури 11.000 вработени ќе бидат отпуштени во Швајцарија, пишува весникот денеска. Овие два кредитора заедно вработуваа речиси 125.000 луѓе на крајот на минатата година, од кои 30 отсто беа вработени во Швајцарија.
На берзите...
Терминските договори за акции се во сенка, а доларот ги зголеми приносите на обврзниците бидејќи неочекуваното намалување на производството на нафта од страна на Организацијата на земји извознички на нафта и нивните сојузнички (ОПЕК+) доведе до значителен раст на цената на нафтата. Одлуката на картелот да го намали производството за повеќе од еден милион барели дневно утрово дојде како сериозен потрес на глобалните пазари. Тоа одекна во сите класи средства, бидејќи инвеститорите побрзаа да се приспособат на ризикот дека инфлаторниот притисок може да трае повеќе отколку што се мислеше.
По петочниот раст од 1,4 отсто, индексот S&P 500 утрово падна за 0,3 отсто. Истата судбина ја дели и технолошкиот индекс Nasdaq 100, кој во петокот порасна за 1,7 отсто, а утрово се соочи со пад од 0,6 отсто. Поголемите индекси во Азија имаат различни резултати на почетокот од овонеделното тргување, па така, хонгконшкиот индекс падна за 0,6 отсто, но јапонскиот, кинескиот и австралискиот пораснаа меѓу 0,6 и 0,7 отсто.
Нафтата порасна на отворањето на неделното тргување откако ОПЕК+ неочекувано најави намалување на производството на сурова нафта, што се заканува со затегнување на пазарот, предизвикувајќи нов инфлаторен удар врз светската економија.
Цената на ВТИ за испорака во мај порасна за 5,5 проценти, искачувајќи се на 79,81 долари за барел, додека нафтата брент поскапе за 5,3 проценти и сега барел чини 84,14 долари.
Вредноста на еврото падна во однос на американскиот долар, и тоа за 0,4 проценти, па сега нивната размена се тргува по курс од 1,0794 долар за евро. Цената на златото утрово потона за 0,9 отсто, на 1.951,70 долари за унца.
Ниту криптопазарот не е поштеден од негативната слика. Најголемиот токен, биткоинот, падна дури за 1,4 отсто, на 27.680,75 долари, а цената на етерот се намали за 0,8 отсто и сега изнесува 1.775,77 долари.
Денеска читајте...
„Нетфликс“ (Netflix), „Гугл (Google)“, „Мета“ (компанијата што стои зад Фејсбук и Инстаграм), „Епл“ (Apple) ќе плаќаат данок на додадена вредност (ДДВ) во земјава. Ова е предвидено во измените во Законот за ДДВ, кои се во собраниска процедура. Според текстот на Законот, данокот во име на овие компании ќе го плаќаат даночни застапници, и тоа од 1 јули годинава. Повеќе на овој линк.
Конкуренцијата ќе донесе пад на провизиите за безготовински плаќања
Аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата анализа на „Блумберг Адрија инсајт“ (Bloomberg Adria Insight) пишува за тоа дека дигитализираното опкружување донесе зголемување на конкуренцијата на традиционалните банки, и тоа не само од дигиталните стартап-банки туку и од небанкарските финансиски институции, финтек-секторот и големите технолошки гиганти.
„Во вакво конкурентно опкружување, очекувањата на клиентите се сменија - сега тие бараат поиновативни производи и подобра услуга“, велат аналитичарите. Целата анализа е на овој линк.
Пишуваме и за тоа дека растат апетитите на банките за освојување на регионот. Унгарската „ОТП банка“ ја презеде словенечката „Нова кредитна банка Марибор“ (НКБМ), словенечката „Нова љубљанска банка“ (НЛБ) ја презеде српската „Комерцијална банка“, српската „АИК банка“ ја презеде „Еуробанк директна“, а пред тоа и словенечката „Горење банка“. И сопственикот на „АИК банка“, Миодраг Костиќ, се приклучува на австриската „Адико банка“.
Читајте како досега се консолидираше банкарскиот пазар во регионот и како ќе се консолидира.