Инфлацијата ја урива довербата на потрошувачите
Најновите бројки за показателите за економското расположение, како за регионот Адриjа, така и за земјите од ЕМУ и ЦИЕ, дополнително го поткрепуваат нашето очекување за материјален пад на економските трендови оваа година, при што Хрватска и Словенија ќе стагнираат, додека остатокот од регионот Адрија ќе има ниски едноцифрени стапки на реален раст на БДП, велат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.
Анализирајќи земја по земја, тие констатираат дека економското расположение во Хрватска и Словенија се лизна во март 2023 година, додека малку се подобри за Србија и Македонија. Аналитичарите велат дека сè на сè, регионот Адрија во 2023 година го очекуваат предизвици, при што притисоците од слабеењето на домашната и странската побарувачка ќе се материјализираат бавно во текот на годината.
Централните банки продолжија со затегнувањето на монетарната политика во првото тримесечје од 2023 година со цел да спречат понатамошно разгорување на инфлацијата. Тоа може негативно да влијае врз економскиот раст и меѓународните пазари на капитал и да ја доведе светската економија до рецесија. Дополнително, голем стрес во банкарскиот сектор предизвикаа случаите „Кредит Суис“ и „Силикон валеј“, кои во последен момент беа спасени од целосна пропаст. Прашавме какво влијание имаат овие случувања врз пазарот на капитал и што може да се очекува до крајот на годината.
Со тоа што се очекува прво замирање на инфлацијата, па пресврт на берзите, прашавме кои се прогнозите, кога би се случило тоа.
Стрес-тест: Што ако најголемите штедачи ги повлечат парите?
Недовербата кон банкарскиот сектор, стравот и паниката, се уверивме, може да бидат погубни за банките. Не помина многу време од случајот со американската банка „Силикон валеј“ (Silicon Valley Bank), а за можните реакции сè уште се зборува. Поради последиците, Федералните резeрви (ФЕД) на САД ја преиспитуваат свoјата идна монетарна политика. На европско тло стравот го донесе „Кредит Суис“ (Credit Suisse), а турбуленциите сè уште не се завршени.
Во оваа анализа носиме сведоштво на банкар што бил во високото раководство на една регионална банка со странски капитал, чиј идентитет ни е познат, кој ни раскажа што се случува во банката откако кај неа се лоцирани извесни проблеми. Однесувањето на регулаторот односно на централната банка е во согласност со строго утврдени критериуми и слично во сите земји.
Од Народната банка уверуваат дека нема повлекување депозити. При последното тестирање било утврдено дека при примена на поединечните симулации на ликвидносни шокови, високото ниво на ликвидни средства со кое располагаат македонските банки овозможува намирување на сите претпоставени поединечни екстремни ликвидносни одливи.
На берзите...
Најголемите индекси на светските берзи паднаа поради загриженоста за патот на глобалната монетарна политика и здравјето на американските банки. Индексот S&P 500 падна за 0,6 отсто, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 загуби 0,4 отсто од вредноста. Јапонскиот индекс падна дури за 1,9 отсто. Кинеските пазари се затворени поради празник.
Нафтата порасна бидејќи знаците за дополнително намалување на резервите во САД им помогнаа на цените да го продолжат растот, кој претходно беше поттикнат од неочекуваното намалување на понудата од страна на ОПЕК+. По затворањето на највисокото ниво во речиси 10 недели, ВТИ за испорака во мај утрово порасна за дополнителни 0,4 отсто, со што барел чини 81,04 долари. Нафтата брент за испорака во јуни ја зголеми својата вредност за 0,5 отсто, искачувајќи се на 85,33 долари за барел.
Еврото сосема малку се промени во однос на американскиот долар и тие валути се тргуваат по курс од 1,0955 долар за едно евро. Нема голема промена ниту кај златото, кое ја зголеми својата вредност за 0,1 отсто, со што унца сега чини 2.022,92 долари.
Позитивата и натаму е присутна на криптопазарот. Имено, биткоинот порасна за еден отсто, искачувајќи се на 28.537,97 долари, а етерот ја зголеми својата вредност за 1,7 отсто и сега чини 1.910,17 долари.
Денеска читајте...
Државните институции низ голем број тендери потрошиле милиони евра за консултанти во изминатата деценија, а колкав бил ефектот од овие услуги засега не е мерливо. Дали советите на консултантот биле применливи, дали биле пресудни, колку биле корисни? Анализираме дали оваа индустрија има значајна улога за домашната економија, како што е тоа на Запад, па и во поразвиените земји од регионот.
За разлика од државните институции, пак, малку домашни компании кога било во својата деловна историја ангажирале консултант за да го развиваат бизнисот. Според експерти во оваа област, сега и кризата значително влијае на овој бизнис, па економската неизвесност не е непозната ниту за консултантските куќи, кои очекуваа раст по пандемијата.
Македонци работат на дигитални платформи за четири плати месечно
Според податоците на регионалната платформа „Гигметер“, во земјава има околу 6.000 работници на дигиталните платформи – од кои повеќето се фриленсери.
Просечната заработувачка за еден час работа на дигитални платформи во регионот изнесува 20,4 долари. Македонските фриленсери работат за помала сума од таа, односно се најслабо платени од земјите од Западен Балкан.