Традиционално овие пролетни денови минуваат во знакот на НАТО и одбележувањето, овој пат на 74-годишнината од формирањето на воениот сојуз, односно тригодишнината од зачленувањето на Македонија во Алијансата.
Колку се вклопи земјава во однос на буџетирањето на одбраната, модернизацијата на воената опрема и дали држиме чекор со долгогодишните членки? Овие прашања нѐ поттикнаа да ги разгледаме бројките и да побараме одговори колку пари се одвојуваат и за што се користат.
Македонија одвојува 1,85 отсто од БДП за потребите на одбраната
Од Министерството за одбрана велат дека нивниот буџет во последните неколку години е во стабилен раст и одговара на плановите и потребите за уште посилна одбрана, поголема безбедност и стабилност, првенствено за граѓаните на земјава, а потоа и во рамките на колективната одбрана.
„Оваа година буџетот за одбраната изнесува 1,85 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), односно околу 275 милиони евра. Тенденцијата на раст на одбранбениот буџет може јасно да се види: во 2015-та буџетот бил 94,4 милиони евра, во 2018-та изнесувал 100,5 милиони евра, а оттогаш се забележува силна нагорна линија до денешните 275 милиони евра. Планот за следната година е да достигнеме два отсто од БДП да се одвојат за одбраната, со што го исполнуваме и критериумот на НАТО од самитот во Велс во 2014 година“, велат од Министерството за одбрана.
Оттаму истакнуваат дека овие средства се наменети за македонската армија, нејзиното функционирање, постојаните обуки и вежби и интензивната модернизација и опремување, кои се во тек.
„Директниот инпут кон буџетот на Алијансата е минимален во однос на средствата наменети за македонската одбрана и е околу 0,7-0,8 проценти од одбранбениот буџет. Имено, во 2022 година од одбранбениот буџет 1,6 милион евра или 0,72 проценти се одвоени за придонес кон НАТО, додека оваа сума во 2021 година изнесувала 1,5 милион евра или 0,82 отсто, а во 2020 година 1,3 милион евра или 0,79 проценти“, информираат од Министерството за одбрана.
Точно една третина од одбранбениот буџет во 2023 година (33 проценти) или 88 милиони евра се алоцирани за модернизација и опремување, што е гарант дека овие повеќегодишни набавки ќе се реализираат во согласност со предвидената динамика.
„Впрочем, и оваа и минатата година со одвојување околу една третина од одбранбениот буџет за модернизација, Северна Македонија го надминува критериумот на НАТО во согласност со кој земјите-членки треба да одвојуваат најмалку 20 проценти од своите одбранбени буџети за оваа намена. На тој начин, македонската армија со брз и голем исчекор ги воспоставува стандардите и способностите на НАТО и стои рамо до рамо со нашите сојузници“, велат од Министерството за одбрана.
Македонија одвојува доволно за потребите на одбраната и НАТО
Политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски смета дека Македонија, како понова земја-членка на најмоќната воено-политичка алијанса во светот, издвојува доволно и повеќе од потребното од својот буџет за потребите на одбраната и на НАТО, во согласност со политиката на Алијансата за буџетски ставки на секоја одделна членка.
„Во минатото честопати генералните секретари на НАТО упатуваа дури и одредени критики дека голем дел членки не ја исполнуваат оваа сојузна обврска, но мислам дека ние во тој дел сме исполнителни, дури и повеќе од што треба. Во овој момент буџетот е адекватен, не треба драстично ниту да се зголемува ниту да се намалува“, вели аналитичарот Атанасовски.
Тој вели дека обврските што произлегуваат од членството во НАТО наметнуваат фискална и финансиска дисциплина со која може да се справиме со буџетските расходи во набавките на нова и современа опрема.
„Тоа е одлика на зрела членка на НАТО, но пред сѐ и одлика на економски рационална влада. Оттука, не сметам дека во иднина ќе се јават големи финансиски проблеми или неможност да ги испорачаме очекуваните резултати, кои пред сѐ се за добробит на нашата држава и на македонските граѓани“, вели аналитичарот Атанасовски.
Парите се трошат за модернизација на воената опрема и за обука на војниците
Од Министерството за одбрана велат дека приоритет е војниците, кои секогаш и секаде се подготвени да им помогнат на македонските граѓани, да работат и да се обучуваат со нова, најмодерна и најсофистицирана опрема во согласност со сите стандарди на Алијансата.
Министерката за одбрана соопшти дека Македонија ќе потроши околу 900 милиони евра за модернизација и опремување на армијата во периодот 2019-2032 година. Со тоа старото советско и југословенско оружје постепено ќе се заменува со нови системи од западно производство, а дел од таа опрема ќе биде донација од сојузниците од НАТО.
„Во согласност со долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2019-2028, како и планот за опремување и модернизација на армијата, Министерството за одбрана реализира неколку капитални повеќегодишни проекти за набавка на современа и софистицирана опрема за армијата“, велат оттаму.
Прв е повеќегодишниот проект за набавка на лесни оклопни возила „ЈЛТВ ошкош“ (JLTV Oshkosh), процес што започна во 2019-та, а ќе се реализира до 2028 година. Шест од вкупно 45 возила се веќе дел од арсеналот на армијата, а наскоро се очекува да пристигнат уште 27 такви возила.
„Набавуваме и оклопни возила од типот ‘страјкер’ (Stryker), вкупно 30 до 2028 година. Овие набавки се вршат преку меѓувладини договори, склучени со САД. Секогаш преферираме за ваков тип договори да се оди по тој принцип (влада со влада), што анулира секаква можност за создавање перцепција дека има некакви влијанија или корупциски елементи во овие договори“, велат од Министерството за одбрана.
„Минатата година, во согласност со планот за опремување и модернизација, склучивме договор со Франција, по истиот принцип, за повеќегодишна набавка на системи за противвоздушна одбрана. Станува збор за системот за противвоздушна одбрана на многу мали височини „мистрал 3“ (MISTRAL 3), кој се состои од лансирни системи, тренажери, радари, ракети и друга дополнителна опрема, за кои испораката треба да започне во 2024 година“, велат од Министерството за одбрана, од каде што истакнуваат дека во изминатите две децении не била извршена набавка на систем за противвоздушна одбрана, кој е потребен пред сè за поддршка и заштита на припадниците на армијата, заштита на институциите и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните.
„Овие системи се комплементарни на НАТО-мисијата за заштита на небото над Алијансата, односно ’Ер полисинг’ (Air Policing), кој моментално над Северна Македонија се реализира со воздухоплови на грчкото воено воздухопловство, во соработка со нашите копнени центри за наведување и контрола“, објаснуваат од Министерството.
Покрај овие проекти, во 2022 година се склучија и договорите за набавка на артилериски системи во соработка со Турција (шест хаубици од 105 милиметри „боран“, муниција, систем за управување со оган), како и ремонт на два транспортни хеликоптери „Ми -8МТ“ во соработка со Чешка.
„Во подготвителна фаза е процесот за набавката на осум нови, најсофистицирани повеќенаменски хеликоптери за Армијата. Во согласност со планот за модернизација, интегриран проектен тим во Министерството е во предзавршна фаза на евалуација на пет понуди од различни држави. Повторно договорот што би се склучил би бил по принципот на договор ’влада со влада’, секако откако ќе биде донесена одлуката за тоа кои повеќенаменски хеликоптери се најсоодветни за армијата на Република Северна Македонија“, велат од Министерството за одбрана.
Пристигнати се понуди од САД, Канада, Италија, Германија и од Франција, по што треба да се донесе одлука какви хеликоптери ќе се набават. Според сегашните процени, тие треба да чинат 214 милиони евра, но со оглед на тоа што цените на воената опрема и оружјето растат, до склучувањето на договорот таа цена може да биде и повисока.
Сепак голем дел од овие набавки нема да биде со буџетски пари, туку со помош од сојузниците од НАТО, пред сè од САД.
„САД за само една година одобрија и ги поддржаа опремувањето и модернизацијата на македонската армија со над 135 милиони долари, меѓутоа веќе имаме најава и од наши други стратегиски и сојузнички партнери, од Обединетото Кралство, Германија, и Норвешка, така што сме во постојана комуникација“, рече претходно министерката Славјанка Петровска. Инаку, се прават анализи и за набавка на беспилотни летала.
Аналитичарот Благојче Атанасовски смета дека набавките што се спроведуваат покажуваат дека земјава е насочена да ја модернизира застарената воена опрема.
„Набавката на американски воени оклопни возила ‘страјкер’, францускиот систем за противвоздушна одбрана ‘мистрал 3’, како и артилериските системи од модерен тип од Турција, втората најмоќна армија во НАТО по американската, е доказ дека влегуваме во интензивна фаза на замена на стариот, дотраен, југословенски и комунистички топ на воена опрема од минатото. И тоа е добро, бидејќи новото време (полноправна членка на НАТО) бара нови, модерни, современи системи на вооружување, кои може да одговорат на предизвиците“, вели Атанасовски.
Според него, Македонија е мала земја, која нема големи воени капацитети. ниту има сериозни закани од надворешни воени непријатели, односно ризик, безбедносниот фактор за нејзин напад на територијалниот интегритет и суверенитет кога не беше земја-членка на НАТО не беше загрозен.
„Сепак, воената руска агресија врз Украина го смени геополитичкиот курс и многу земји поитаа да се вооружуваат воено, како страв од потенцијален безбедносен ризик по своите држави и граѓани. Ние го заменуваме старото југословенско производство на оружје и воено вооружување со ново, западно, и мислам дека добро се движиме во доменот да создадеме мала но подготвена, воено обучена и стручна армија, која во иднина ќе биде на нивото на задачите“, вели Атанасовски.
Старата воена опрема се донира, во случајов на Украина
Набавката на осумте повеќенаменски воени хеликоптери од западно производство ќе ги замени 12-те хеликоптери „Ми-24“, кои ѝ беа донирани на Украина, а кои со години не беа во функција. Од Министерството за одбрана велат дека армијата се трансформира, модернизира и опремува со најсофистицирано вооружување и затоа во нејзиниот состав нема место за опрема што е произведена во 1984 година и која со години стои само како бројка, а всушност е истечен ресурс.
Македонија ѝ донираше на Украина тенкови од советско производство „Т-72“, воени авиони „Су-25“ и хеликоптери „Ми-24“. Надлежните велат дека тоа со ништо не ја наруши борбената готовност на армијата. Напротив, сме се ослободиле од источното вооружување и опрема, кое е старо, неперспективно и нефункционално, со цел да се обнови опремата и значително да се подобрат борбената готовност и интероперабилноста со сојузниците на НАТО.
Во Министерството велат дека целото донирано вооружување за одбрана од руската агресија во Украина чини меѓу 24 и 30 милиони евра, а помошта за модернизација на армијата од САД само годинава била неколкукратно повисока.
Само седум од 30 членки на НАТО лани одвоиле повеќе од два отсто од БДП
Иако целта на НАТО е членките да трошат два отсто од БДП за воените потреби, сепак само седум земји го исполнуваат тој услов.
Презентирајќи го годишниот извештај за 2022-та, пред годишнината на Алијансата, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека очекувале девет членки да го исполнат условот. Сепак, тој е задоволен од напредокот и зголемувањето на тој процент кај членките од година на година.
„Со оглед на тоа што БДП се зголеми повеќе од очекуваното за неколку сојузници, две од членките што очекувавме да бидат на два отсто не ја надминаа таа граница. Го поздравуваме напредокот, го поздравуваме фактот дека сите сојузници го зголемија уделот и што повеќе сојузници сега трошат два отсто од БДП за одбрана, а сѐ повеќе и повеќе членки всушност се приближуваат до целта“, рече Столтенберг.
Сепак, тој истакна дека темпото на зголемување на трошоците за одбрана не е доволно брзо.
„Така, мојата порака до сојузниците е дека го поздравувам она што го направија тие, но треба да забрзаат, треба да испорачаат повеќе во светот, кој станува поопасен и ние треба да инвестираме повеќе во одбраната. Дозволете ми да додадам дека, секако, важно е сојузниците да ја исполнат целта од два отсто. Но, секако, помага и тоа што тие сојузници што беа блиску до еден процент сега се на 1,5 процент. На пример, Германија значително ги зголеми трошоците за одбрана во последните години. Иако тие сè уште не се на два отсто, сепак зголемувањето на германските трошоци за одбрана прави голема разлика поради огромниот обем на германската економија и германскиот буџет за одбрана“, рече Столтенберг.