Турција почна да ја снабдува Бугарија со природен гас
Турција го испорача својот прв товар со природен гас во соседна Бугарија, како дел од договорот за диверзификација на снабдувањето на Југоисточна Европа од Русија и зајакнувањето на акредитивите на Анкара како центар за овој енергент.
Околу 55 милиони кубни метри беа испратени низ гасоводот преку границата, добиени од пратка американски течен природен гас, објави турската државна агенција „Анадолу“.
Бугарија се обидува да се диверзифицира од рускиот гас уште од почетокот на инвазијата врз Украина, но нема многу можности поради ограничените врски со меѓународните пазари. Во јануари Турција ѝ даде пристап до своите терминали за течен природен гас, отворајќи алтернативни патишта за снабдување за својот сосед.
Зеленото сценарио поцрне, лани потрошивме многу јаглен
Колку ланската енергетска криза ја оддалечи земјава од целите пропишани со енергетската стратегија? Стратегијата беше усвоена во 2019 година и разработи три сценарија што земјава требаше да ги исполни до 2040 година.
Според тие сценарија требаше да се намалува употребата на јаглен за сметка на зголеменото производство на струја од обновливи извори на енергија, но и да поттикне поголеми заштеди на енергија или енергетска ефикасност. Две од трите сценарија во стратегијата, сценариото на умерена транзиција и зеленото сценарио, ја исклучуваат употребата на јагленот по 2025 година поради неговата ценовна неконкурентност.
Но анализите покажуваат дека ланската година употребата на јаглен била значително зголемена во однос на целите што беа поставени со стратегијата. Земјава од јаглен лани произведе близу 60 отсто од струјата, и тоа на три години пред тој да треба да биде исфрлен од употреба.
На берзите...
Фјучерсите на американските акции утрово се зголемија, откако и S&P 500 и технолошкиот индекс Nasdaq 100 вчера затворија близу до најниските нивоа на тргување. Имено, S&P 500 загуби 0,4 отсто од вредноста, а Nasdaq 100 падна за 0,9 проценти. Азиските индекси се главно во негатива до 0,5 проценти.
Нафтата го задржа најголемиот дел од дводневниот пораст, што ja доведе суровата нафта до највисокото затворање од ноември, додека трговците ги разгледуваа знаците за затегнување на глобалниот пазар и чекаат месечни прогнози од Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК).
По дводневниот раст од 4,4 проценти, ВТИ поевтини за 0,3 отсто и барел се тргува по цена од 83,02 долари. Нафтата брент за испорака во јуни падна исто така за 0,3 проценти, на 87,03 долари за барел.
Еврото и доларот се тргуваат со сосема мала промена на меѓусебниот курс во однос на вчерашниот ден, односно се на ниво од 1,0991 долар за евро. Златото поскапе за 0,2 отсто, искачувајќи се на ниво од 2.018,83 долари за унца.
Ниту криптопазарот не се одликува со драстични промени утрово, но кај инвеститорите е присутно позитивно расположение. Биткоинот и етерот ја зголемија својата вредност за 0,4 проценти, со што сега чинат 30.093,41 долари, односно 1.915,49 долари.
Денеска читајте...
Постојаниот раст на каматните стапки и намалената извесност за идните економски движења ја зголемија и претпазливоста на компаниите. Во услови на продолжени проблеми, кои настанаа првенствено во текот на пандемијата, домашните компании сега се соочуваат со други предизвици. За дел од нив оваа ситуација води кон намалена ликвидност и намалена можност за отплата на долговите. Анализираме дали ова ниво на каматни стапки е проблематично за македонските компании што веќе се задолжени. Од друга страна, дали на ова ниво на камати, домашна компанија може да се впушти во ново задолжување со нов кредит во време кога поентата на монетарното затегнување е сосема друга?
Храната поскапе лудо, а банките им бараат на земјоделците имот в град
Цените на храната лани уриваа рекорди, а поскапувањата продолжуваат. Според податоците на државната статистика, за една година житата и оризот поскапеле најмногу – за околу 40 отсто, потоа производите од животинско потекло за 35,8 отсто, па добиточното производство за над 23 отсто. Овие поскапувања се должат на зголемувањето на вкупните трошоци на земјоделците.
Пролетната сеидба е во тек. Но каква е таа? Имаат ли земјоделците пари да организираат производство со вакви цени и неповолни климатски услови? Можат ли да се потпрат на банките и да земат кредити за да истуркаат уште една реколта? Актуелната ситуација покажа дека најголемо поскапување имаше токму храната, но имаме ли стратегија за поддршка (освен субвенциите од државата) на производителите токму сега, кога најмногу им треба?