Бизнисмените бараат одговорност од Владата за скапата струја
Државата треба да ги поддржи и компаниите што се на слободниот пазар на електрична енергија, а не да ги остава сами да се снаоѓаат и да си ги решаваат проблемите. Ако државата до јуни не им даде конкретни гаранции, компаниите треба сами да се здружат и да набават електрична енергија, беше порачано од специјалната седница на управниот одбор на Стопанската комора.
Како што истакна претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, доколку лани не ѝ верувале на Владата и компаниите сами се здружеле и набавеле електрична енергија, таа ќе ги чинела по 118 евра за мегават-час просечно. Тој побара конечно да има одговорност од Владата и најави дека една од можностите што им се на располагање на компаниите е по судски пат да бараат надомест за штетите што ги претрпеле од неисполнетите владини ветувања.
Одговорност, како што кажа, треба да се побара и од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) поради издавањето лиценци за трговија со електрична енергија на фирмите со само 5.000 евра гаранција и дозволувањето трговците со струја да немаат никаква одговорност ако ги прекинат договорите за снабдување што ги имаат потпишано со компаниите.
Цените растат - колку ќе потрошите за одмор годинава?
Инфлацијата ги направи потрошувачите попретпазливи, па сега сакаат да заштедат дури и на годишниот одмор. MЛИВ, неделното истражување на читателите на „Блумберг њуз“, неодамна покажа дека потенцијалните туристи не сакаат да платат повеќе од 500 долари за ноќевање во хотел и не се заинтересирани за дополнителни трошоци за позелени или полуксузни опции. Истражувањето беше направено на 465 испитаници, од кои нешто повеќе од половина се од САД и Канада, а четвртина од Европа.
Ова можеби го одразува намалувањето на довербата на потрошувачите или поплаките дека надуените цени не се усогласени со пропорционално зголемување на квалитетот на услугите, констатира „Блумберг“.
И ние во македонската редакција на „Блумберг Адрија“ направивме слична анкета. На Линкдин прашавме колку пари најмногу би потрошиле за ноќевање за време на летниот одмор. Ни одговорија 177 читатели. Најголем дел од нив рекоа дека би потрошиле меѓу 20 и 50 евра, следни се тие што би дале до 100 евра за ноќевање за време на следниот одмор.
По спроведувањето на анкетата, побаравме сместување за сума од 20 до 50 евра за ноќ, во согласност со барањата на нашите читатели. И не е дека не најдовме, ама некако не се совпадна со тоа што очекувавме и со тоа што сме навикнати.
Најран топлотен бран во Шпанија, глобалното затоплување се заканува
Пролетта во Шпанија ќе личи на вистинско лето оваа недела, бидејќи термометрите се искачуваат над 30 Целзиусови степени, а во некои региони се предвидува дека температурата ќе достигне 40 Целзиусови степени. Западна Европа доживеа невообичаено топла и сува зима и овие услови веројатно ќе продолжат во пролетните и летните месеци.
Овонеделниот топлотен бран значи дека Шпанија најверојатно ќе достигне 40 Целзиусови степени за првпат оваа година речиси еден месец порано отколку во 2022 година, која го забележа својот прв топлотен бран на крајот на мај, што беше историски најран период за тоа. Делови од Шпанија веќе ја ограничуваат употребата на вода за земјоделскиот и индустрискиот сектор, како и за наводнување јавни зелени површини или полнење базени.
На берзите...
Денешното тргување на берзите може да се дефинира како многу нестабилно и главно се одликува со пад бидејќи расположението на инвеститорите не е баш за завидување. Индексот S&P 500 порасна за 0,1 отсто, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 падна за 0,2 отсто. Во Азија освен јапонскиот индекс, кој порасна за 0,4 отсто, сите други берзански индекси се во негатива, и тоа може да се каже дека имаат длабок минус, почнувајќи од 0,3, па достигнувајќи пад дури до 1,9 отсто.
Нафтата e стабилна по дводневниот пораст на цените бидејќи проблемите со снабдувањето се чини дека се поголеми отколку проблемите со побарувачката. ВТИ за испорака во јуни утрово порасна за 0,3 отсто, искачувајќи се на 78,97 долари за барел, додека нафтата брент ја зголеми својата вредност за 0,2 отсто и сега барел се тргува по цена од 82,92 долари.
Курсот на еврото и американскиот долар е сосема малку променет, па овие две валути се тргуваат на ниво од 1,1054 долар за евро. Вредноста на златото се зголеми за 0,2 отсто, така што унца сега чини 1.993,31 долари.
Негативното расположение е присутно и на криптопазарот, каде што биткоинот падна за 0,5 отсто, на 27.332,48 долари, а етерот загуби 0,6 отсто од вредноста и сега чини 1.828,42 долари.
Денеска читајте...
Извезуваме лекари и стручни работници, увезуваме директори и спортисти. Според податоците шо ни ги доставија од Агенцијата за вработување, од 1 јануари до 24 април во земјава биле издадени 1.615 дозволи за работа на странски државјани.
Но она што прво паѓа в очи од извештајот на Агенцијата е дека најголем број лица што годинава добиле дозвола за работа во земјава не се од дефицитарните струки, туку се управители. Следуваат градежните работници, а високо котираат и фудбалерите и ракометарите.
Власта најави можност за увоз на работници од земји каде што платите се пониски отколку во земјава. Но додека Европа го користи потенцијалот на бегалците, Македонија тешко им дава дозвола. Обединетите нации, но и други организации, сѐ погласно укажуваат на двојната корист од вработувањето на бегалците. Од една страна државата нема да се грижи за нив, од друга тие ќе бидат самостојни, ќе работат и ќе придонесуваат со придонеси и даноци во буџетот. Истовремено ќе бидат од корист и за бизнис-секторот. За жал, за разлика од Европа, каде што бегалците обично веднаш добиваат дозвола за работа и се интегрираат на пазарот на трудот, кај нас се чини дека ситуацијата не е слична.