ЕЦБ го забави зголемувањето на каматите, но навести дека уште ќе затегнува
Европската централна банка (ЕЦБ) го испорача најмалото зголемување на каматните стапки досега во својата битка со упорно силната инфлација, но навести дека веројатно ќе има уште покачувања во иднина. Имено, официјалните лица вчера ја зголемија стапката на депозити за четвртина процент, на 3,25 отсто, по три потези на покачување со двојно повисока вредност. Одлуката се совпаѓа со очекувањата на трговците и повеќето економисти, при што стапката останува на највисоко ниво од 2008 година.
„Идните одлуки ќе бидат во насока на тоа да се гарантира дека стапките ќе обезбедат доволно рестриктивни нивоа за да се постигне навремено враќање на инфлацијата до целта од два отсто и каматните стапки ќе се задржат високи онолку долго колку што е потребно“, се наведува во соопштението на ЕЦБ.
Засега инфлацијата останува главната грижа, при што затегнувањето од вкупно 375 базични поени од јули 2022 година сè уште се филтрира низ економијата, а целта од два отсто и натаму е далеку.
Пченицата поскапува втор ден поради опасност од затворање на црноморскиот коридор
Фјучерсите на пченицата остварија најголем дводневен ценовен напредок во повеќе од еден месец поради загриженоста дека Русија може да го прекине извозот на украинското жито како одмазда за неодамнешниот напад врз Кремљ. Инцидентот буди тревога дека Русија може да возврати со затворање на таканаречениот безбеден коридор што им овозможува на украинските посеви да го минуваат Црно Море за да извезуваат пченица до меѓународните пазари.
Пченицата вчера поскапе за 1,2 отсто, откако нејзината цена претходниот ден скокна дури за пет проценти. Фјучерсите за пченка и соја паднаа за нешто помалку од еден отсто.
На берзите...
Индексот S&P 500 падна за 0,7 проценти, а технолошкиот индекс Nasdaq 100 загуби 0,4 проценти од вредноста. Европскиот индекс Euro Stoxx 50 порасна за 0,4 отсто, додека азиските берзански индекси се тргуваат во голем распон, од пад од 0,7 проценти до раст од 0,6 отсто.
Нафтата се упати кон трет по ред неделен пад, што би претставувало најдолга низа загуби оваа година, бидејќи загриженоста од забавување и превирањата во американскиот банкарски сектор ги поттикна инвеститорите да бегаат од ризикот. ВТИ утрово се искачи повисоко, до 69 долари за барел, поточно се тргува со раст од 0,5 проценти и изнесува точно 68,87 долари, но американскиот репер за сурова нафта сè уште е повлечен за околу 10 проценти оваа недела по четиридневното пропаѓање и сега нафтата брент чини 72,82 долари за барел.
Еврото ја зголеми својата вредност во однос на американскиот долар за 0,3 отсто и сега овие валути се тргуваат по курс од 1,1040 долар за евро. Златото се упати кон својот најголем неделен скок од средината на март бидејќи обновените грижи за американскиот банкарски сектор ги поттикнаа облозите дека Федералните резерви (ФЕД) можеби ќе треба да ги намалат стапките порано од предвиденото. Сепак, спот златото утрово се тргува стабилно, на ниво од 2.049,99 долари за унца, што е пораст од 3,4 отсто во претходните три сесии.
На пазарот со криптовалути владее позитива, па биткоинот порасна за 1,2 отсто, на 29.229,37 долари, а етерот скокна за 1,1 отсто, на 1.899,6 долари.
Денеска читајте...
Европската централна банка (ЕЦБ) уште еднаш ќе ја зголеми каматната стапка за четвртина процент, пред да направи пауза кога станува збор за рестриктивноста на монетарната политика, сметаат аналитичарите на „Блумберг Адрија“, кои претходно прогнозираа исто толкаво покачување на каматите, што реално и се случи на вчерашниот состанок на ЕЦБ.
„Очекуваме ЕЦБ на следниот состанок да ја зголеми референтната стапка за дополнителни 25 базични бода, а потоа оваа година нема да има повеќе промени на каматните стапки. Фокусот ќе се префрли на квантитативното затегнување, односно на намалување на портфолијата на обврзници на ЕЦБ“, вели Андреј Кнез, главен аналитичар во тимот на „Блумберг Адрија“.
Аналитичарите очекуваат дека шестмесечниот Еурибор во наредните недели ќе се стабилизира на околу 3,75 проценти и ќе остане на тоа ниво барем до крајот на оваа година.
Стартува берзата на струја - ќе донесе ли пониски цени?
Посигурно снабдување со струја на големите потрошувачи, поправични цени, помали загуби и поголема транспарентност. Ова се само некои од придобивките што ќе ги добие земјава со почетокот со работа на берзата на струја.
Проектот за кој се зборува од 2018 година, конечно в среда, на 10 мај, ќе го види светлото на денот. Досега се регистрирани 17 компании што ќе можат од првиот ден на тргуваат на берзата. Во најава е регистрација на уште четири-пет компании.
Главното прашање е дали берзата може да ги заштити големите домашни потрошувачи од ценовни шокови како тие од минатото лето. Читајте ја нашата анализа на оваа тема.