Групацијата „Голдман Сакс“ се согласи да плати 215 милиони долари за да му стави крај на долготрајниот процес во кој гигантот од Волстрит беше обвинет дека системски послабо ги плаќа жените.
Според заедничкото соопштение на банката и адвокатите на тужителите, „Голдман Сакс“ постигнал договор со адвокатите што застапуваат околу 2.800 соработнички и потпретседателки. Околу една третина од сумата би била наменета за адвокатски трошоци.
„Голдман Сакс“ ќе ангажира и независен експерт, кој три години ќе ги анализира процесите на евалуација на перформансите, како и процесите за напредок во кариерата, се наведува во соопштението за медиумите.
Судењето, кое беше закажано за следниот месец во Њујорк, ќе обезбедеше ретка можност за јавна дебата и сведоштва за нееднаквоста во финансиската индустрија, каде што сите, освен една од шесте најголеми американски банки, се управувани исклучиво од мажи.
Двете страни брзаа да се спогодат пред судењето, објави „Блумберг њуз“ минатата недела.
Случајот е внимателно следен во индустријата каде што жените долго време нагласуваа дека жалењето поради нефер третманот може да им ја уништи кариерата. Иако судењето требаше да се фокусира на статистиката за платите и унапредувањето, можеше да биде и повеќе од само наведување бројки. Судијата, делумно благодарение на сведочењето на извршните менаџери, најверојатно ќе можеше да испита некои од политиките за вработување на „Голдман“.
Спогодбата е поголема од сумата што брокерската куќа „Смит Барни“ (Smith Barney) ја плати пред неколку децении (повеќе од 100 милиони долари), за да ѝ стави крај на т.н. „бум-бум рум“ (Boom-Boom Room) тужба, со која работничките во „Голдман Сакс“ ја обвинија најголемата американска банка за вознемирување и дискриминација. Тужба против „Голдман“ првпат поднесе Кристина Чен-Остер, дипломирана на Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ), која се приклучи на банката во 1997 година продавајќи конвертибилни обврзници. Таа во јули 2005 година најпрво поднесе жалба за дискриминација до Комисијата за еднакви можности за вработување на САД (EEOЦ), а потоа и тужба.