Нови турбуленции со цената на нафтата на глобалниот пазар, а нафтените компании најверојатно и годинава ќе тријат раце од профитите. Добро утро! Ова се пет вести кои треба да ги знаете на почетокот на денот.
Македонскиот БДП порасна со стапка од 2,1 процент
Според проценетите податоци на Државниот завод за статистика, стапката на раст на бруто-домашниот производ (БДП) во Македонија во првото тримесечје од 2023 година е 2,1 процент.
Во првото тримесечје од годинава, поголем пораст е забележан во секторите градежништво (12,7 проценти) и трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, транспорт и складирање и објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 10,6 проценти.
Кај финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во првото тримесечје од 2023 година, има номинален раст од 14,8 проценти, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 69 проценти.
Потфрлува собирањето на ДДВ
Податоците на Министерството за финансии заклучно со април покажуваат дека наместо планираниот раст на приходите од Данокот на додадена вредност (ДДВ), државата собрала 24 милиони евра помалку од лани.
Кога се кроеше буџетот беше планирано годинава по основ на ДДВ да бидат собрани 14,8 отсто повеќе пари од лани. Во 2022 година од овој данок во буџетот влегоа рекордни 1.053 милиони евра, а во буџетот од годинава беа испланирани 1.275 милиони евра.
Со вакво темпо на наплата на данокот, проекциите се тешко остварливи, затоа експертите сметаат дека Министерството за финансии треба што побрзо да направи ребеланс на буџетот за да ги „испегла“ разликите меѓу желбите и реалноста.
Две нови странски инвестиции
Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ) најавува две странски инвестиции што ќе се објават до крајот на месец јуни, со што како што вели, целта од една милијарда евра на постигнати нови договори за инвестиции ќе се изедначи со сето она што е постигнато во изминатите десет години односно во периодот од 2010 до 2021 година. Гостувајќи во македонското студио на телевизија „Блумберг Адрија“ Деспотовски нагласи и дека компанија од Словенија наскоро ќе објави дека влегува во зоните.
Според Деспотовски, обемот на постигнати договори, во последните две и пол години во рамки на ТИРЗ достигна некаде околу 900.000 милиони евра.
„Она што мене ме радува е што бројот на нови работни места веќе надминува 4.000 креирани во овие две и пол години, тоа е повеќе од една третина над онаа бројка што ја затекнавме во 2021 година“, вели Деспотовски.
Расте цената на нафтата
Цената на нафтата се зголеми на почетокот на неделата откако Саудиска Арабија соопшти дека ќе направи дополнително намалување на понудата за милион барели дневно во јули, со што ќе го доведе своето производство на најниско ниво во последните неколку години, како резултат на падот на цените.
Претходно беше објавено дека ОПЕК+ планира да го намали производството на нафта до крајот на 2024-та. Саудискиот министер за енергетика, принцот Абдулазиз бин Салман, рече дека „ќе направи сè што е потребно за да донесе стабилност на пазарот“ по тензичниот состанок на ОПЕК+ во текот на викендот.
Нафтата во Њујорк падна за 11 отсто минатиот месец бидејќи загриженоста за побарувачката влијаеше на изгледите, особено во Кина.
Инфлацијата во Турција забави под 40 отсто
Инфлацијата во Турција забави на најниско ниво од 2021 година, бидејќи претседателот Реџеп Таип Ердоган го исполни предизборното ветување за обезбедување бесплатен природен гас за домаќинствата во изминатиот месец.
Потрошувачките цени во мај пораснале за 39,6 отсто во однос на лани, што е нешто помалку од очекувањата, но и во однос на 43,7 отсто од претходниот месец, покажуваат податоците објавени во понеделникот на статистичкиот институт „Турк стат“ (TurkStat). На месечна основа, инфлацијата беше блиску до нула за првпат во четири години.
И покрај тоа што годишната инфлација забави седми месец по ред откако во октомври достигна максимум од речиси 86 отсто, олеснувањето за домаќинствата веројатно нема да трае бидејќи турската валута потона и веќе се тргува на рекордно ниско ниво.