Додека во фокусот на македонската јавност се најавените протести против новата регулатива за родова еднаквост и матична евиденција, како и политичките препукувања меѓу власта и опозицијата за тоа кој е покорумпиран, главна тема во Европа е економијата односно прашањето дали Европската централна банка ќе продолжи со заострување на монетарната политика. Во таа насока вчера од Италија стигнаа добри вести за намалување на стапката на инфлација што не значи дека ЕЦБ ќе престане со зголемување на каматните стапки.
Добро утро, подолу вестите што ги одвоивме за почеток на денот.
Под хипотека лани ставен имот вреден 1,7 милијарди евра
Во периодот јануари – декември 2022 година во Агенцијата за катастар на недвижности биле запишани товари врз 7.658 недвижности со вкупна вредност од 1,7 милијарди евра. Податоците на Катастарот откриваат дека лани има намалување на бројот на недвижности ставени под хипотека. Имено, во 2021 година во Агенцијата за катастар на недвижности се запишани товари врз 8.386 недвижности со вкупна вредност од 1,9 милијарди евра.
Истовремено има пораст на бројот на купопродажби на недвижен имот. Статистиката на Катастарот открива дека во 2022 година има зголемување на бројот на купопродажби на недвижности. Лани биле евидентирани вкупно 24.629 купопродажби на недвижности со вкупна вредност од 961 милиони евра, а во 2021 година имало 24.229 купопродажби со вкупна вредност од 914 милиони евра.
Скапите хипотеки ги туркаат цените на становите во Британија
Речиси половина од продавачите на недвижности во Велика Британија минатиот месец беа принудени да ги намалат цените за повеќе од пет отсто. Дури 15 отсто од тие што продаваат понудиле попуст од 10 отсто од почетната цена.
Ова се најголемите попусти на пазарот со недвижности на Обединетото Кралство од 2018 година досега, покажува истражувањето на компанијата „Зупла“, специјализирана за истражувања на пазарот со недвижности. Истото истражување покажува раст на цените од 1,2 отсто на годишно ниво во мај, но трендот на поскапување забавува и се очекува до крајот на годината да се случи поевтинување од пет отсто.
„Екосвест“: ТЕЦ Битола е најголемиот загадувач во Западен Балкан
Термоелектричната централа Битола (ТЕЦ Битола) e најголемиот загадувач со сулфур диоксид и честички прашина во целиот Западен Балкан во 2022 година. Емисиите од оџаците на ТЕЦ Битола се скоро удвоени споредено со 2021 година, иако поради пожарот на трансформаторот во третиот блок тој беше вон употреба цела година и електраната работеше со намален капацитет, велат од невладината организација „Еко-свест“.
Оттаму нагласуваат дека според новиот извештај на „ЦЕЕ Бенквоч Нетворк“ (CEE Bankwatch Network), „Усогласи или затвори - 2023“, битолската термоелектрана е убедливо најзагадувачки индустриски капацитет во земјите од Западен Балкан.
Граѓанската обврзница ќе ги зголеми каматите на штедните влогови
Граѓанската обврзница ќе ја збогати понудата на пазарот на капитал во Македонија, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Горан Мојаноски, проектен менаџер во „Аксапта мастерс“.
„Таа всушност не само што ќе го збогати пазарот на капитал со понуда на нов финансиски инструмент туку и ќе придонесе да влијае на банките да ги покачат каматните стапки на штедните влогови“, појаснува Мојаноски.
Тој очекува дека Министерството за финансии ќе излезе за брзо време со очекуваната висина што сака да ја собере во средства од граѓаните. Оваа граѓанска обврзница, според најавите, ќе биде користена за развојни цели.
ДЗР откри хаос кај државната помош во земјоделството
Поради отсуство на евиденција на доделена државна помош, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство нема воспоставени контроли за избегнување на двојно финансирање на државна помош за иста намена и надминување на максималниот износ на помош.
Ова е само еден од наодите што ги утврдил Државниот завод за ревизија откако ја ревидирал успешноста на тема „Земјоделските регистри во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенција за храна и ветеринарство во функција на ефективно остварување на правата и исполнување на обврските на земјоделските стопанства“.