Како гром од ведро небо завчера дојде веста дека на бизнисменот Јордан (Орце) Камчев му е воведена забрана за влез во Соединетите Американски Држави (САД) откако е категоризиран како лице поврзано со корупција што „придонесува за дестабилизирање на Западен Балкан“. Оваа информација се чини дека ја засени веста за посетата на милијардерот Џек Ма на Белград, каде што уживал во химната на левичарското движење „Бела чао“ (Bella Ciao) во еден од белградските локали. Основачот на „Алибаба“ (Alibaba) и еден од најбогатите Кинези не беше во Белград како турист. Повод за неговата посета овој пат беше трговијата односно можноста за отворање дистрибутивен центар на „Алибаба“ во Србија.
На македонските граѓани реално не им е толку важно каде патуваат домашните милионери и странските милијардери, но многу посакуваат и самите да дојдат до некое „милионче“. Најдобар показател за тоа е што за пет години од игри на среќа заработиле речиси десет милиони евра, покажаа податоците што ги обработи „Блумберг Адрија“, врз основа на извештаи на Управата за јавни приходи (УЈП).
Казината, обложувачниците, автомат-клубовите, лотоигрите се само дел од низата игри на среќа што ги имаат граѓаните на располагање низ државата. Во периодот од 2017 до 2021 година, врвот на листата на рекордни добивки го држи жител од Скопје, кој од обложување добил речиси 900.000 евра во еден наврат. Ако се земе предвид македонскиот табиет, голема е веројатноста овој среќник да се нервирал што му недостигаат уште 100.000 до милион евра.
Додека надлежните имаат прецизни податоци за приходите и даноците по основа на игри на среќа, се чини дека малку потешко им оди со контролата и даночењето на добивките од тргување со криптовалути.
Тоа не треба да зачудува ако се земе предвид дека криптосредствата што можат да се користат како инструменти за плаќање се размножија во повеќе од 10.000 варијанти од дебито на биткоинот во 2009 година. Збунувачката брзина со која тие се развија и тајноста што можат да ја дадат ги оставија даночните системи со подотворени усти за тоа како да се регулира оваа област, не само во Македонија туку и во светот.
Од друга страна, се чини дека на криминалците подобро им оди кога е станува збор за евиденцијата на трговијата со криптовалути. Имено, тие украле над 13 милијарди долари во криптосредства во 2022 година. Од нив, 7,8 милијарди се изгубени преку различни пирамидални и понзи-шеми, дополнителни 1,5 милијарда се изгубени преку дарк веб, а преостанатите 3,7 милијарди се изгубени поради криптохакерски напади.
Кога станува збор за економијата, неделава повторно имаше пад на инфлацијата во ЕУ односно во еврозоната, но тоа не значи дека ЕЦБ ќе престане со затегнување на монетарната политика.
Загрижува и тоа што врз инфлацијата повторно влијание може да имаат геополитичките ескалации, особено ако се земе предвид дека договорот за извоз на жито од Украина заврши по речиси една година, откако Русија ја раскина спогодбата, зголемувајќи ја неизвесноста околу глобалните резерви на храна и тензиите во регионот.
Уште позагрижувачки е откритието дека доколку продолжи со истата релативна брзина на економскиот раст како досега, на Македонија ќе ѝ требаат околу 40 години да го достигне просечното ниво на доход во ЕУ.
Но, за да не биде сè така црно се погрижи Барби, која покажа дека македонските граѓани сакаат да се расположат и покрај секојдневните искушенија што ги носи сиромаштијата. Беа распродадени речиси сите влезници за премиерата на големата летна филмска двојка - филмовите „Барби“ и „Опенхајмер“ во „Синеплекс“ во Скопје.
Розовата комедија со Маргот Роби во главната улога се очекува да го надмине црно-белиот биографски филм за создавањето на атомската бомба, барем поради приходите од благајните и маркетиншката стратегија што предизвика да се продаваат стотици поврзани производи. Тоа е секако подобро отколку да почне продажба на атомски бомби во време кога светот е на работ на голема војна.