Квиз за средината на летото: Да речеме дека сте читале за област што се соочува со страшни горештини со недели. Толку жешко што во текот на денот не можете да излезете надвор, а ноќе сè уште е над 32 Целзиусови степени. Дали би го прецртале тоа од вашата листа на локации за дом од соништата?
Сега да претпоставиме дека една населба редовно доживува тешки поплави, а неодамна била десеткувана на места од ураган. Дали сакате да се преселите таму или можеби ќе барате место некаде на повисоко, на посуво тло?
Квизот одговара за околности во Соединетите Американски Држави (САД), каде што граѓаните имаат поголем избор, но и многу повеќе пари. Ние не избираме раководејќи се од овие параметри, иако квизот секако е многу релевантен. Еве и зошто. Многу Американци всушност избираат да се преселат на локации со висок ризик и да доживеат шумски пожар, неверојатна жештина, суша или поплави, покажува новата студија за домашна миграција што ја објави „Редфин“, онлајн брокерска фирма за недвижности, која беше достапна исклучиво за „Блумберг грин“.
Всушност, најризичните окрузи во САД доживеаја нето-прилив од околу 400.000 луѓе во 2021 и 2022 година. Тоа претставува зголемување од 103 проценти во однос на двегодишниот период пред тоа. Во окрузите во САД со најголем ризик од шумски пожари се забележани 446.000 повеќе луѓе што се вселиле отколку што се иселиле во последните две години (51 отсто зголемување од 2019 и 2020 година). И окрузите со најголем ризик од топлина забележаа нето-прилив од 629.000, што претставува пораст од 17 проценти.
На пример округот Ли, Флорида, кој ги вклучува Форт Мајерс и Кејп Корал и беше погоден од ураганот Иан минатиот септември. Во изминатите две години е забележан нето-прилив од 60.000 луѓе, што е зголемување од околу 65 отсто во однос на претходните две години.
Веб-страницата за посредување со недвижности користела податоци од фондацијата „Фрст стрит“ (First Street), непрофитна организација што пренесува информации за климатскиот ризик, за да ги означи поштенските броеви со најголем ризик од поплави, шумски пожари, топлина и суша, и ги анализирала неодамнешните податоци од пописот за да ги открие моделите на миграција на населението.
„Не е дека луѓето не се грижат за климатските опасности“, вели заменик-главниот економист на „Редфин“, Дерил Ферведер. Всушност, грижата за пристапноста на домот е примарна и доминира над сè друго. И за време на пандемијата на ковид-19, комбинацијата на работа од далечина, ниските камати на хипотекарните заеми и високите цени на домовите во многу големи метрополитенски области поттикна многу Американци да се преселат во Сончевиот појас.
„Луѓето бараат места со топло време и ниски даноци“, рече Ферведер во интервјуто. „Тие краткорочни грижи имаат тенденција да го надминат кој било од овие климатски ризици“.
Претходната анализа на „Редфин“ покажа дека купувачите ќе го земат предвид климатскиот ризик кога купуваат дом ако е лесно достапен, но „тие климатски околности се на маргините откако веќе се одлучиле за тоа во кој град или во која населба купуваат“, рече Ферведер.
Популарните дестинации како Флорида, Аризона, Јута и делови од Калифорнија можат да имаат пониски трошоци за градежното земјиште и, во некои случаи, попопустливи градежни прописи, што значи пониски цени за нови домови, но честопати климатските ризици се повисоки отколку за постарите домови. „Редфин“ открива во посебна анализа дека 55 отсто од домовите изградени досега оваа деценија се соочуваат со ризик од шумски пожар, а 45 отсто се соочуваат со ризик од суша. За споредба, само 14 проценти од домовите изградени од 1900 до 1959 година се изложени на ризик од пожар, а 37 проценти од суша.
Иако макротрендот е миграција во ризични области, постојат два значајни исклучоци. Луизијана, која е склона кон урагани, и Парадајс, Калифорнија, ценатар на разорниот Камп фајр (Camp Firе) од 2018 година, и двете забележаа нето-одлив на жители, што докажува дека можеби постои линија од каде што нема поместување.
Без разлика дали купувачите на станови размислуваат долгорочно или не, долгорочните можности доаѓаат по нив и по вредноста на нивниот имот. Како што се наведува во извештајот, „сопствениците на куќи во областите подложни на катастрофи може да видат дека вредноста на нивниот имот почнува да расте со побавно од очекуваното темпо додека природните катастрофи се интензивираат и осигурувањето станува поскапо и понедостапно“. Се проценува дека стапките на апрецијација ќе бидат околу 5,4 отсто побавни од просекот до 2040 година во окрузите со висок ризик од поплави, 4,8 отсто побавни во окрузите со висок ризик од топлина и 3,6 отсто побавни во окрузите ранливи од пожари, според прогнозите на аналитичката компанија „Клајмат алфа“. (Climate Alpha)