И пензионерите излегуваат на улица. За првпат се најавува голем пензионерски протест в понеделник во Скопје, откако веќе десетина дена најстарите граѓани протестираат низ градовите во цела држава.
Не се задоволни од најавеното зголемување на пензиите за само 6,8 отсто. Тие велат дека тоа не е доволно за достоинствен живот, принудени се и натаму да работат за да преживеат.
Претседателката на нивното здружение (за кое плаќаат сите пензионери и кое располага со годишен буџет од близу два милиони евра), пак, изјави дека нејзината работа не е на улица и нема да протестира туку ќе преговара со институциите.
Битката за пензиите се разгорува на прагот на есента, истовремено со новите предупредувања дека поскапувањето на енергентите не завршило, туку, напротив, цените веќе одат нагоре.
Ваквите предупредувањата стануваат ризик за инфлацијата. Државната статистика објави дека и понатаму се намалува, но трендот е бавен, а граѓаните кога влегуваат во маркет не ги чувствуваат ефектите од пониските бројки.
Девет месеци државата се премислува како да им наплати данок на компаниите што најмногу ќарија за време на ланската енергетска криза. Според последната верзија на законот, топката ја префрли кај нив, сами да ја изберат формулата по која ќе платат данок на солидарност, и на тој начин се откажа од околу 49 милиони евра што претходно ги испланира.
На италијанската влада таквите чекори ѝ одат многу полесно. Прекуноќ наметна нови давачки за банките и збриша 10 милијарди евра од нивната вредност. Проблем имаат и хрватските банки, незаконски наплаќале провизии и сега ќе се соочуваат со тужби. Домашните банки остануваат комотни, за една година депозитите им се зголемиле за 900 милиони евра.
Неделава што изминува ја обележи пребројувањето на штетите од поплавите во Словенија, земјите се солидаризираат, а Европската Унија ѝ одобри 400 милиони евра за помош на својата членка.
Македонските девизни резерви, пак, останаа покуси за истата сума, сега се на нивото од 2021 година.
Светските берзи неделава ги размрда лек за слабеење. Инјекциите „вегови“ на данската компанија „Ново Норидск“ додека ве слабеат, ќе ве штитат и од мозочен и срцев удар, покажа студија што се спроведувала пет години. По објавувањето, данскиот производител стана втора највредна компанија во Европа и го надмина БДП на својата земја.