Во време кога се заострува конкуренцијата на пазарот за електрични возила, „Тесла“ (Tesla) во својата понуда додаде две верзии со пониски спецификации, но и поевтини за 10.000 долари... Добро утро! Ова се пет вести што треба да ги знаете денеска.
Македонците со длабок џеб се плашат од „тајни вечери“
„Тајни вечери“ (Secret Suppers) се собири на долга маса во уникатно опкружување. Станува збор за специјално организирани вечери што нудат една поинаква хедонистичка и пред сè гастрономска авантура. Гостите имаат можност да уживаат во карактеристичниот амбиент на одбраната локација, која по правило треба да остане мистерија до самиот крај.
Вакви уникатни кулинарски авантури од неодамна почнаа да се одржуваат и кај нас, но само по неколку реализирани „тајни вечери“ во Скопје и во неговата околина, организаторите сфатиле дека оригиналниот концепт не функционира комплетно добро кога станува збор за македонскиот менталитет, па морало да претрпи промени.
Со штедење во приватни фондови порано до пензија
Сè повеќе граѓани размислуваат и сакаат порано да одат во пензија преку инвестиции во приватните пензиски фондови. „Во последниот период забележуваме раст на овој тренд, односно пресликување на трендови од САД“, вели во интервју за „Блумберг Адрија“ Горан Мартиноски, инвестициски експерт од „КБ Прво пензиско друштво“.
„Гледано според нашите членови, тие може да се поделат на три групи. Клиенти што работат како фриленсери, кои овој начин го гледаат како заштеда за во пензија, а второ во последно време се пресликува и трендот од САД, односно луѓето сакаат да одат порано во пензија, наместо на 62 и 64 години, да одат на 52 и 54 години. Тоа, условно кажано, купување време се прави преку овие инвестиции... Третата група се лица што имаат поголема едукација и дисциплина и се свесни дека мора да штедат за во иднина“, вели Мартиноски.
Нелојалната конкуренција најголем предизвик за текстилниот сектор
Приходите растат, профитабилноста паѓа, пишува во најновата анализа на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ за текстилниот сектор.
Бројките покажуваат дека просечните приходи на регионалните текстилни компании лани се зголемиле за 33,5 отсто, а профитабилноста се намалила поради растечките цени на суровините и енергентите.
Аналитичарите на „Блумберг Адрија“ сметаат дека играчите што успеале да ја зачуваат својата профитабилност (забележувајќи релативно мал пад или дури и зголемување на маржите) купиле суровини пред да почнат цените да растат во втората половина на 2022 година, потоа работеле користејќи ги поевтините резерви.
Русија итно ги зголеми каматите по силниот пад на рубљата
Централната банка на Русија нагло ги зголеми каматните стапки на вонредeн состанок свикан откако една од најсилните депрецијации на пазарите во развој фрли дамка врз економијата.
Креаторите на политиката ја подигнаа референтната стапка на 12 отсто од 8,5 отсто, што е најостро и второ по ред зголемување како директна последица од руската инвазија на Украина пред речиси 18 месеци. Состанокот беше одржан еден месец порано, откако рубљата накратко ја проби границата од 100 рубли за долар за првпат од март минатата година.
„Нетфликс“ и „Дизни“ притискаат да се постигне договор со сценаристите
Холивудските студија упатија нова понуда до сценаристите што штрајкуваат, која вклучува отстапки по прашањата како што се употребата на вештачка интелигенција и пристапот до податоците од гледаноста, велат лица упатени во преговорите.
Тед Сарандос, еден од главните директори на „Нетфликс“ (Netflix), се издвоил како моќна сила што сака да постигне договор со сценаристите, според изворите. Неодамна во притисокот за договор му се придружил и извршниот директор на „Волт Дизни“ (Walt Disney Co), Боб Ајгер.
Штрајкот на сценаристите, заедно со штрајкот на актерите што започна во јули, во голема мера ја запре продукцијата на нови филмови и ТВ-серии.